fbpx

Искривување на мислењето

Искривување на мислењето претставува пристрасност и ирационалност во нашите мисли и верувања за себе и светот околу нас.

Тие се всушност искривено гледање на реалноста заради немање или негирање на информации во врска со себе си, другите или она што не опкружува, притоа донесуваме лажни и неточни заклучоци потполно несвесни  дека некој дел од реланоста не сме го земале во предвид.  Искривувањата во мислењето или т.н. грешки во мислењето можат да бидат многу штетни бидејќи ја нарушуваат сликата која ја имаме за себе, она што ни се случува, сликата која ја имаме за другите и се она што не опкружува воопшто. Искривеното мислење се случува надвор од нашата свесност и затоа тешко е да го препознаеме кај нас, но можеме полесно да го забележиме кај другите. Истражувањата покажале дека овие грешки во мислењето се поврзани со депресијата, анксиозноста и други ментални проблеми (Aaron Beck & David Burns).

Овде ќе издвоиме неколку од нив.

  1. “Црно – бело “  размислување –исто така познато и како Поларизирано мислење се случува кога гледаме само екстреми. Нештата се или прекрасни или ужасни, луѓето се или добри или лоши, јас сум или успешен или губитник. Најдеструктивен аспект на ваквото размислување е неговото влијание врз себепроценката. На пример, погрешно заклучуваме “Ако не сум совршен и направам грешка, тогаш сигурно сум губитник.“
  2. Претерана генерализација – кога донесуваме заклучоци за целокупен систем врз база на едно искуство. Ако некоја девојка ја одбила понудата да излезе со момчето, тоа заклучува “ Никој, никогаш нема да излезе со мене.“ Детето кое се учи да вози велосипед и паѓа од велосипедот може да заклучи дека никогаш нема ништо да научи. Како резултат на овие грешки во мислењето ги градиме нашите универзални квалификации како “Никој не ме сака“, “Секогаш ќе се мачам“, “Никогаш нема да имам доволно пари“ итн.
  3. Ментален филтер – при оваа грешка се фокусираме само на еден дел од реалноста (негативниот) исклучувајќи го позитивниот. Ова може да придонесе до исклучително песимистички поглед кон животот. Личноста ги гледа и позитивните нешта, но се фокусира на негативните. Пример за ова е фокусирањето на забелешката која сме ја добиле од нашиот партнер и заклучуваме дека нашата врска е безнадежна и пропадната заборавајќи на сите претходни позитивни искуства и коментари.
  4. Читање мисли – се манифестира како неточно верување (претпоставка) за она што го мисли другата личност без да се провери и се донесува избрзани заклучоци. Пример за ова е “Таа мисли дека сум неспособен, затоа не ми ја довери таа работна задача“.
  5. “Треба“ размислување – е резултат на перфекционизам. “Треба“ исказите се искази кои ги кажуваме за себе, за она што мислиме дека мора или треба да го правиме или бидеме. Може да бидат насочени и кон другите луѓе. На пример, една жена може да мисли “Ако ме сака, треба(мора) да дојде со мене вечерва на вечера.“.
  6. Обвинување и етикетирање – се екстремна форма на претерана генерализација со која даваме суд за другите базиран на моментално искуство. Тоа се случува кога келнерот за својот муштерија заклучува дека е “намуртен глупав старец“ бидејќи не му оставил бакшиш или кога вработениот заклучува за шефот дека е “бесчувствителен глупак“ бидејќи не му дал слободен ден.

Постојат многу други видови на искривувања во мислењето кои го отежнуваат секојдневното функционирање на личноста и водат до безнадежност, лутина, срам и други негативни емоции и искуства. Овие грешки во мислењето се случуваат многу често  кај сите луѓе. Кога се чувствуваме лошо или сме во конфликт со некого треба да се запрашаме дали можеби нереално и пристрасно гледаме на ситуацијата.

За среќа, постојат и техники кои можат да ни помогнат да ги отстраниме овие грешки. Она што е најбитно е да препознаеме дека се работи на искривено мислење. Важно е да станеме свесни и да го набљудуваме нашиот мисловен процес. Треба да знаеме да направиме разлика помеѓу факт и мислење. Што мислите Вие, од листата подолу кое тврдење е факт, а кое мислење.

  • Јас сум губитник.
  • Јас кажав “не “ на пријател кој имаше потреба од помош.
  • Јас сум погрд/а од него/неа.
  • За ништо не ме бидува.
  • Викав по моите деца.
  • Тој кажа работи кои ме повредија.
  • Не и беше грижа што ме повреди.
  • Јас сум себичен и лош.
  • Сите се подобри личности од мене.
  • Кажувам работи за кои подоцна се каам.

Кога ќе знаеме да препознаеме дека се работи за искривено мислење, можеме таа мисла да ја ставиме во “судница“ па да ја докажуваме нејзината исправност притоа играјќи улога на обвинител и адвокат во исто време. Барајќи докази зошто тој заклучок  не е точен, ќе ни помогне вистински да ја согледаме ситуацијата. 

Дури иако не се соочуваме со ментални проблеми важно е одвреме навреме да се свртиме кон себе и да видиме дали можеби треба да промениме во начинот на нашето функционирање за да живееме квалитетен живот.

Кое е твоето искуство со искривените мисли? Со кои најчесто се среќаваш? Дали некогаш си се соочил со нив, и како?

Побарај совет или насока од Елена Кабранова

искривување на мислењето елена кабранова

Со создавање на поддржувачка и емпатична средина, им помагам на клиентите да ги истражат и разберат нивните емоции, да развијат ефективни стратегии за справување и да практикуваат техники за решавање проблеми. Мојата цел е да ги поттикнам поединците самоуверено да се движат во социјалните интеракции, ефикасно да управуваат со стресните фактори и да негуваат позитивни односи. Ако имате какви било прашања или грижи, пополнете го формуларот подолу и со задоволство ќе ви помогнам.