fbpx

ПАСИВНА КОМУНИКАЦИЈА

Во литературата се опишани четири основни типови на комуникација : агресивна, пасивна, пасивно – агресивна и асертивна комуникација. Начинот на кој  комуницираме со другите  кажува многу за нас како личности. Видовите на комуникација се разликуваат според  тоа како ги изразуваме нашите чувства, потреби и мислење.

Што е пасивна комуникација?

Пасивната комуникација подразбира неизразување на сопствените мисли и чувства и ставање на потребите на другите луѓе пред своите. Луѓето кај кои овој тип на комуникација е доминантен, имаат чувство дека нивните потреби не се важни и го прават она што го сакаат другите. Некои нивни бихејвиорални карактеристики се :

  • Активно избегнување конфронтација – избегнуваат да застанат на своја страна и да се одбранат кога се чувствуваат искористени или занемарени бидејќи се плашат да бидат отфрлени. На пример, пасивна личност на работното место нема гласно да каже дека има потешкотии во својата работа заради неодговорното однесување на некој друг заради стравот од отфрлање.
  • Несвесност за своите чувства –  често ни самите не се свесни за тоа што го сакаат и како се чувствуваат во одредена ситуација и затоа не реагираат. Оставаат впечаток на личности со кои е “лесно“ да се биде бидејќи секогаш се сложуваат со се.
  • Им веруваат на другите, а не си веруваат себе си – бараат потврда од другите за своите одлуки. Не се сигурни се додека некој друг не се сложи со нивното мислење. На пример, пасивната личност нема да може да одбере да купи или направи нешто се додека некој друг не и укаже на исправноста на одлуката.
  • Обвинување на другите – не превземаат одговорност за “лошото место“ на кое се наоѓаат и ги обвинуваат другите за тоа, притоа не правејќи ништо за да излезат од проблемот во кој се наоѓаат.
  • Неизразување на своите чувства и потреби – не практикуваат директна и отворена комуникација туку очекуваат другите да знаат што сакаат и што мислат. На пример, жената  сака да ја помине вечерта заедно со својот сопруг, но тој и кажува дека се договорил да излезе со свој другар. При тоа таа не ја кажува  нејзината потреба повлекувајќи се во разочараност и лутина.

Влијанието на пасивната комуникација

Луѓето со пасивен комуникациски стил често  искусуваат :

  • анксиозност  бидејќи им се чини дека животот е надвор од нивна контрола
  • депресивност бидејќи се чувствуваат заглавени и безнадежни
  • огорченост бидејќи потребите не им се задоволени
  • збунетост бидејќи ги игнорираат сопствените емоции

Пасивната комунакција води до потешкотии во одржување на здрави врски со другите луѓе бидејќи кога потребите и емоциите не се јасно и гласно изразени се остава простор за манипулација со срам и вина, збунетост, обвинување на другиот, емоционална дистанцираност, незадоволство од другиот итн. Пасивната комуникација е поврзана и со ниска самопочит, ниска самодоверба и социјална анксиозност.

Стилот на комуникација кај една личност е стабилна шема која се повторува во текот на животот. Сепак, доколку не ни се допаѓа начинот на кој комуницираме со другите, тој може да се промени.

Она на што треба да се обрне внимание кај пасивните личности е развивање на свесност за своите потреби и чувства, развивање на чувство на важност и прифаќање на своите права, директно и јасно изразување, превземање одговорност за својот живот, доверба во сопствените капацитети. За постигнување на најдобри резултати потребно е да се работи со психотерапевт.