fbpx

Како да се справите со анксиозност и демотивација за време на студиите?

Анксиозност е чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост. Таа се манифестира преку повеќе физички и психички симптоми кои се доживуваат како многу непријатни. Според некои процени, дури 10% од населението страда од некоја форма на анксиозност.

Анксиозноста се одликува со телесна (кардиоваскуларна, респираторна, гастроинтестинална),емоционална, когнитивна и бихејвиорална реакција. Најчести симптоми се забрзана работа на срцето, несигурност, површно дишење, чувство на недостаток на воздух, стегање во градите, зголемено потење на дланките, очекување негативен на исход, избегнување, стереотипи и слаба координација.

Симптоми на аксиозност

Психолошките симптоми на анксиозноста се изразена плашливост и загриженост, чувство на внатрешна напнатост и немир, ослабена концентрација, раздразливост, зголемена чувствителност на бучава, лесно заморување, слаба меморија која често е резултат на намаленото внимание и концентрација. Присутни се и пореметувања во однесувањето: чувство на блокираност, преувеличување на доживувањата, тешкотии во спиењето во смисла на несоница, често будење или пак ноќни кошмари. Анксиозната личност е облеана со неодреден, ирационален страв со кој се парализира во своето функционирање, а се јавува и силно чувство на немоќ.

Методи и механизми на справување

Постојат голем број на методи и механизми кои се употребуваат и даваат резулати. Меѓутоа, секој човек е различен и бара посебна анализа, со цел наоѓање на најсоодветен начин на надминување на анксиозноста. Најважно од се е препознавањето на причинителот за таквата состојба. Со други зборови најважно е да препознаете во кои ситуации се појавува тој страв кој го парализира вашето функционирање. Некогаш причинителот може да биде очигледен, но некогаш ќе ви биде потребна помош за да го идентификувате. Во такви ситуации потребно е да побарате помош од стручно лице. Терапевтот може да ви помогне да воспоставите нови, здрави модели кои ќе го олеснат вашето функционирање. Редовната физичка активност, избалансираните оброци , доволното спиење исто така се фактори кои можат помогнат во борбата со анксиозноста. Исто така од голема важност е да најдете начин да ги заменете негативните мисли со позитивни.

Анксиозност кај студенти

Многу студенти доживуваат одредена количина на стрес, страв и вознемиреност пред и за време на испитите. Меѓутоа, кај некои лица овај страв може да стане толку интензивен, што може да ја спречи успешната изведба на испитот. Причина за се ова може да бидат стравот од неуспех, недостаток на време за подготвување или лоши искуства со тестови во минатото. Постојат повеќе начини за ја намалите или спречите испитната анксиозност. Најпрво подгответе се добро за испитот. Тоа значи да учите се додека не почувствувате дека сте го совладале материјалот.

Не го оставајте материјалот за ноќта пред испитот, тоа може да ве исцрпи и создаде непотребен стрес .  Доволно наспијте се пред да полагате, сонот е многу важен и влијае на концентрацијата и меморијата. Доколку почнете да чувствувате вознемиреност за време на испитот, дишете длабоко преку носот и устата. Тоа ќе ви помогне да се фокусирате и ќе ви ја намалите вознемиреноста. Не опседнувајте се со времето. Проверувајте го, но не премногу често, бидејќи тоа само ќе ви го одвлече вниманието и ќе ви ја зголеми вознемиреноста. Не очекувајте да бидете совршени, сите правиме грешки и тоа е во ред.

Мотивација

Некогаш поврзано со студирањето, но, некогаш и поради други причини, младите луѓе се соочуваат со сосотојба на демотивација, која доколку потрае може да биде штетна по младиот човек. Мотивацијата претставува внатрешна состојба која не наведува да се однесуваме на специфичен начин. Таа не предизвикува да дејствуваме, а кога дејствуваме создаваме движење, раст и промена. Повремено, секој од нас се соочува со недостаток на мотивација. Со цел повторно да се активирате и да дејствувате како и претходно, важно е да ги идентификувате вистинските причини што ве довеле до состојба на демотивираност.

Честопати студентите се соочуваат со блокади и не можат да се насочат кон завршување на обврските. Фокусирањето на одделни задачи кои се потребни за да се постигне целта може да ви помогне да ги насочите мислите и да останете присутни во моментот. Започнете со полесни задачи кои постепено ќе ве водат кон остварување на крајната цел. Дејствувањето понекогаш и претходи на мотивацијата.

Запишувањето на сопствените достигнувања, вештини и силни страни може да ви помогне да ја вратите мотивацијата која сте ја изгубиле. Искуствата од минатото може да имаат огромно влијание врз тоа како реагираме, особено ако станува збор за негативни искуства. Меѓутоа тоа не значи дека треба да останеме ” заглавени” во минатото. Извлечете го она што е позитивно од минатите искуства. Учејќи од некое искуство, учите повеќе за себе си и за тоа што ве прави среќни.

Не ги негирајте и избегнувајте емоциите

Во текот на студирањето може да дојде период кога нема да успеете да ги остварите вашите очекувања, а со тоа доаѓаат и одредени разочарувања. Конструктивното справување со разочарувањето води кон подобро запознавање на себе си, раст и развој. Обидете се да разберете што точно ве довело во состојба на разочараност. Дозволете си тагата, лутината, разочараноста целосно да ги почувствувате. Негирањето на тоа како се чувствуваме, само не оддалечува од решавање и надминување на состојбата во која се наоѓаме. Наместо постојано да се обвинувате за постигнатиот неуспех, обидете се на него да гледате како на проблем кој сакате да го надминете. Верувајте во себе и уважете ги и најмалите чекори кои ги правите. И најмалиот напредок ќе ве охрабри да не се откажете и да продолжете напред.

Академскиот неуспех не е само начин да ги преиспитате вашите методи на учење и да станете подобри во тоа што го правите. Исто така тоа е можност да се запознаете себе си и да дознаете повеќе за себе. Колку и да се непријатни разочарувањата, секогаш можеме многу да научеме од нив.

За крај

Промената е единствената работа што е постојана во животот. Не секој лесно се прилагодува на промените. На некои луѓе им треба повеќе време да се прилагодат. Да научите како правилно да се справите со промените е од големо значење. Пронајдете што е тоа што вистински ве исполнува и не се оптеретувајте со резултатите. Вистинското исполнување доаѓа од љубовта кон процесот. Правете го она што го сакате на начин на кој најдобро умеете. Направете го тоа со целото ваше срце. Пронајдете нешто во чиј процес ќе уживате, па резултатите сами по себе ќе следат.

Побарај дополнителен совет или насока од Рената Димановска

демотивација рената димановска

Нудам персонализирана поддршка за поединци кои се соочуваат со проблемите што се дискутирани во статијата. Ако имате прашања или сакате да тргнете на патување кон поголемо ментално здравје, ве молиме слободно контактирајте со пополнување на формуларот подолу. Вашата благосостојба е важна, и јас сум тука да помогнам.