fbpx

Прокрастинација или незадоволство од работата?

Прокрастинација е чин на одложување или извршување на задачите во последната минута или по изминатиот рок. Некои истражувачи го дефинираат ваквото одолговлекување како „форма на неуспех на саморегулацијата која се карактеризира со ирационално одложување на задачите и покрај потенцијалните негативни последици“.

Без оглед на тоа колку сте добро организирани и посветени, доколку се наоѓате во ситуации да жалите за часови поминати на други активности (гледање телевизија, ажурирање на статусот на Фејсбук, шопинг преку Интернет) кога требаше да го поминете тоа време на завршување на работните проекти во одреден рок, тогаш ја користите прокрастинацијата и се себесаботирате, а потоа жалите или влегувате во кругот на стрес-вознемиреност-неуспех.

Прокрастинација или незадоволство од работата?

Не е секогаш причина тежината на работата, ниту вашиот менаџер. Прифаќајќи ја реалноста, сте чекор пред успехот. Прокрастинацијата не е ментално нарушување, но може да биде предизвикана од различни причини на нарушен психички еквилибриум. Психологијата на организацијата ја проучува и оваа појава и професионалец од оваа област може да ви понуди различни техники, соодветни на вашиот индивидуален склоп на личноста. 

Откривајќи ги потиснатите содржини и конфликти кои стојат во позадина на одложувањето, се доаѓа до освестување и прифаќање, а со примена на соодветни техники до зголемување на ефикасноста, а со тоа и на самодовербата и намалување на стресот.

Секако, некогаш причините се поради различни аспекти од работната оптовареност, како нејасност на работните задачи или стилот на раководење во фирмата или можеби потиснат револт поради перцепираната нерамнотежа помеѓу вложениот труд и наградите (признание, бонуси, висина на плата итн.) што ја намалува мотивацијата. И за овој тип на причини постојат решенија, како јасно изразување на потребите и поставување на професионалните граници, што ќе ви помогнат да ја добиете посакуваната почит кон вашата личност и придонес кој го давате.

Во краен случај, кога тоа не е возможно, можеби ќе треба да ги истражите и зајакнете сопствените психички сили и преку кариерно советување и коучинг, да откриете дека можеби “водата во која пливате“ не била “морето од можности“ во кое треба да нурнете.