Социо – емоционалниот развој претставува процес преку кој децата стекнуваат капацитет да разберат, доживеат, изразат и управуваат со емоциите и да развијат адекватни односи со другите.
Децата со развиени социјални и емоционални вештини:
- стекнуваат и умеат да зачуваат пријателства
- имаат самодоверба
- успешно решаваат конфликти
- се држат до социјалните норми
- носат соодветни одлуки
- поседуваат свесност за чувствата на другите
Ова се само дел од способностите. Социјалните и емоционалните вештини се значајни за успех и среќен живот кај децата, но и кај возрасните.
Изразување на емоции
Во многу семејства, да се има потреби или да се изразуваат емоции резултира со игнорирање или исмевање на детето. Важна задача на родителите е соодветно да одговараат на емоциите на своето дете. Емоциите се релациони по својата природа и бараат соодветен одговор од другата страна.
Изразувањето на тага кај детето треба да предизвика сочувство кај другиот, лутината треба да предизвика внимание, сериозност и одговорност и можна промена во однесувањето на родителите. Стравот бара превземање акција за заштита на детето, а радоста треба да предзвика виталност и израз на задоволство кај родителите.
Од големо значење се и мислите. Искривената слика за себе, која е резултат на погрешни верувања за себе допринесува до чувство на помала вредност, беспомошност, неспособност и сл. Да се открие мислењето кое го има детето за себе и од каде тоа потекнува е прв чекор кон промени во позитивна насока.
Кај нас ретко се зборува за емоциите и психолошките потреби. Акцентот во воспитувањето на децата е ставен врз нивното однесување и корегирање на однесувањето преку разни методи. Ретко се занимаваме со причините за однесувањето. Децата кои не биле изложени на искуство со зборување за емоциите и потребите немаат развиено свест ниту јазик за да ги изразат своите. Прв чекор во здобивање на чувство на влијание во врските кои ги формира детето е да му се помогне да ги именува и изрази своите чувства, потреби, мисли и искуства.
Работна тетраката “Кој сум јас – моите мисли и емоции”
Работната тетратка “Кој сум јас – моите мисли и емоции“ се состои од вежби наменети за освестување на емоциите и мислите, насочување на вниманието кон себе си и своите внатрешни процеси. Преку нејзиното потполнување се постигнува:
- Подобро запознавање на себе си преку интроспекција
- Подобрена слика за себе преку вежбите поврзани со мислењето за себе и своите особености
- Нормализирање на сите емоции како добри и прифатливи
- Поголемо разбирање од страна на родителот на детските потреби, грижи и емоции.
Целта на вежбите во работната тетратка е исто така и препознавање, валидација и нормализација на феноменолошкото искуство кај детето. Овде улога имаат и родителите кои треба да покажат прифаќање за она што го комуницира детето преку своите одговори. Родителите треба да му дадат значење и да му обрнат внимание, како и да му дадат чувство на нормалност и разбирливост.
Вежбите отвараат можност за разговор со детето. Неговата самостојна работа ќе им даде на родителите информации за важни аспекти од доживувањата на детето.
Тетратката е важна алатка како за родителите, така и за други професионалци кои работат со деца.