fbpx

Третман на опсесивно-компулсивно растројство

Дали некогаш ви се случило да се окупирате со некоја застрашувачка мисла која ви носи многу анксиозност и никако не може да ја извадите од глава? Верувам дека одговорот за повеќето од нас е ДА. Понекогаш сите имаме одредени негативни мисли. Околу 80% од луѓето некогаш имале некоја интруизивна мисла, но не секој од нас исто ги доживува и надминува. Кога имаме мисли кои ни носат голем степен на анксиозност која никако не се намалува се дур не направиме одреденa компулсија/ритуал и кога тие ни одземаат голем дел од денот, понекогаш и неколку часа, можеби веќе зборуваме за опсесивно-компулсивно растројство.

Секако, не секој ритуал или проверка е опсесивно-компулсивно растројство и за дијагностика е неопходна детална анамнеза од психијатар. Сите ние понекогаш знаеме да се вратиме и да провериме дали сме заклучиле или малку да претераме во чистење и тоа секако, не е растројство. Опсесивно-компулсивното растројство, за жал е многу повеќе од проверка и педантност и може да биде навистина измачувачко за луѓето кои го искусуваат.

Кои се најчестите карактеристики на ОКР?

Според DSM-5 дел од критерумите за опсесивно-компулсивно растројство се:

  1. Присуство на опсесии, принуди или и двете:
    1. Повторливи и упорни мисли, пориви или импулси кои се доживуваат, (во одредено време за време на нарушувањето) како наметливи и несакани и кои кај повеќето индивидуи предизвикуваат изразена вознемиреност
    2. Индивидуата се обидува да ги игнорира или потисне таквите мисли, нагони или слики, или да ги неутрализира со некоја друга мисла или акција (т.е. со извршување на принуда – компулсија).
  2. Принуди/ритуали кои поединецот ги прави со цел да ја смали вознемиреноста
    1. Повторувачки однесувања (на пример миење раце, проверка, снимање) или ментални дејствија (на пример молитва, броење, тивко повторување зборови) што поединецот чувствува дека е поттикнат да ги изврши како одговор на опсесија или според правила кои мора строго да се применат.
  3. И секако мошне битна карактеристика – однесувањата (или менталните ритуали) се насочени кон спречување или намалување на вознемиреноста, како и спречување иден страшен настан или ситуација. Сепак, овие дејствија се најчесто прекумерени и го попречуваат секојдневното функционирање на поединецот.

Општи карактеристики

Како што веќе и споменав, стравови за безбедноста, стравови за блиските, подредување и одредени  проверки кои не изморуваат имаме сите понекогаш и секако не може веднаш да кажеме дека тоа е ОКР. Затоа важна е и добра дијагностика со професионалец. Не смееме да дозволиме Google да ни биде “дијагностичар”. Дополнително, нека овие текстови ни бидат само почетна точка и мотиватор да побараме помош.

Верувам дека сите ние сме слушнале за одредени однесувања како на пример прекумереното миење на раце. ОКР може да значи и миење кое одзема 3 часа во денот и носи до крвавење на рацете. Слично на ова би било и враќање дома за проверка кое носи до снимање со мобилниот телефон поради непрестаниот сомнеж. И тоа е навистина измачувачко за поединецот. Ова растројство може да биде навистина варијабилно и не ретки се и мисли дека можеби поединецот повредил некого, дека можеби ќе наштети на некој близок, ќе го отруе, физички нападне и слично, по кои често следат разни ритуали со кои клиентот мисли дека ке ја спречи идната катастрофа, како проверки, одредено ритуали како броење, вртење во круг итн.

Нема униформиран одговор кој би ги опишал сите рутали. Кај секој можат да бидат различни, но она што е важно да се нагласи дека тие не помагаат за намалување на опсесивните мисли и само го одржуваат растројството.  Секако, важно е да се нагласи, дека поединецот има увид и нема желба да ги изврши содржините на мислите.


Побарај совет од лиценциран психолог

Одговорете на прашалникот подолу и споделете го предизвикот со кој се соочуваате. Психолозите на Разговор.мк ќе можат да го видат предизвикот со кој се соочувате и да споделат мислење или совет со вас. Секако, психолозите може да понудат и значителен попуст за прва консултативна сесија со нив. Исто така, Разговор.мк нуди можност и да останете анонини при разговорот со психологот. Силно ви препорачуваме да закажете една консултативна сесија со психолог кој ќе ви понуди совет.

Откако ќе го споделите предизвикот со кој се соочувате преку формата подолу, ќе добиете меил како потврда дека споделеното е примено. Преку истиот меил ќе можете да ја превземете и нашата мобилна апликација со цел во реално време да добивате известувања за добиен одговор од некој од психолозите.


Третман на опсесивно-компулсивно растројство

Вообичаениот третман за ОКР се медикаментозна терапија препишана од психијатар, психотерапија или комбиниран пристап, зависно од потребите на индивидуата. Истражувањата покажале дека  “златен стандард” за ОКР е таканаречениот ERP третман (дел од когнитивно-бихејвиоралната терапија). Exposure и response prevention всушност значи изложување и воздржување од одговор односно компулсија. Клиентот учи да ги препознае опсесивните мисли и како да се воздржи од изведување на ритуали како резултат на мислата. Клиентот учи да ја толерира неизвесноста и да ја намалува навиката за константо барање на реосигурување.

ERP покажува добри резултати и се вели дека во некои истражувања покажал успешност 60-80% од испитаниците без ремисија.

Манипулација на компулсиите

Она што е особено важно при справувањето со опсесивно-компулсивно растројство е препознавање на трикот кои ни го прават компулсиите. Поединецот компулсиите ги прави со цел да ја спречи идната катастрофа. На пример, “Ако ја имам оваа мисла, некој ќе умре. Мора да кажам во себе 3 пати една изрека, за да не се случи тоа”. Тоа во моментот му ја намалува анксиозноста, му олеснува, но на долга стаза само го потикнува оддржувањето на растројството.

При терапевскиот процес, важно е клиентот постепено да се научи да се воздржува од компулсиите. Дополнително, треба да се соберат докази од реалноста дека и покрај тоа што не превземал ништо катастрофата не се случила. На почеток тоа може да биде многу непријатно за клиентот. Сепак, ова е мошне ефикасен начин за намалување на компулсии што ги носи ова растројство.

(НЕ) стопирање на мислите

Често кога имаме некои негативни мисли се обидуваме ментално да ги стопираме и “потиснеме од главата”. За жал, тоа најчесто не ни врши работа и само повеќе ги повикува тие мисли. Она што третиот бран на тераписки правци го препорачува е наместо да бегаме од мислите, да ги прифатиме, да останеме со нив одреден момент и да ги набљудуваме свесно, секако со свесност дека тоа се само мисли и тие не не дефинираат како личност. Можеби звучи збунувачки, но ова може да биде од голем бенефит за поединецот.

Секако, опсесивно-компулсивно растројство воопшто не е наивно, и неговиот третман бара консултација со специјалист и правилна дијагностика, како и тимска работа. Добрата вест е дека правилниот третман и посветеноста може дефинитвно многу да го олесни секојдневието на поединецот и да му помогне во оваа борба со тие измпрувачки константни проверки и ритуали!