fbpx

Како да разговарам со моето дете: воспоставување квалитетни шеми за комуникација

Како да разговарам со моето дете? Она што често родителите знаат да го прават погрешно е токму комуникацијата со децата, посебно тинејџерите. Ова е сериозен проблем бидејќи може да остави трајни последици кај децата и да го разниша односот родител-дете.

Човечкиот ум на возраст од една до десет години е застрашувачки рецептивен. Премногу строги, емотивно недостапни или пак презаштитнички настроени родители навистина може да допринесат до развивање на зголемен степен на вознемиреност или намалена самодоверба кај децата што ќе им ги бои следните децении од животот.

Во оваа статија, би сакала да споделам неколку увиди, добиени од моето искуство како психолог, за тоа како можеме да ги вклучиме децата и адолесцентите во дијалог, како подобро да слушаме – и да им помогнеме да нè слушаат – со помалку одбранбеност и помалку аргументи.

Што кога моето дете одбива да разговара?

„Како помина на училиште денес? „Добро“.

“Што правеше?” “Ништо посебно.”

Не многу тинејџери сакаат да разговараат со своите родители. Нивните причини се многубројни и често разумни – сепак за родителите, тишината може да биде болна и мистериозна. Зошто децата не сакаат да зборуваат со нас за нивните чувства? Зошто толку често се одбранбени и некомуникативни, не сакаат ниту да известуваат за секојдневни настани од денот? Што навистина би сакале тинејџерите да им кажат на своите родители, ако само постоеше вистинската можност?

Најчесто, тишината на вашето дете е инстинктивно самозаштитно однесување, предизвикано од исчекување на болни чувства или негативна реакција кај родителот. Децата не сакаат да зборуваат со нас кога се лути или се срамат, најчесто кога се плашат дека ќе бидеме критични или кога веруваат дека зборувањето само ќе направи да се чувствуваат полошо. Ако само би го оставиле на мира, верува детето, неговите лоши чувства ќе исчезнат.

Постојаното потпирање на тишината како начин да се заштитат себеси и лошата комуникација остава трајни ефекти врз детето и во нивниот возрасен живот. Тоа може да ја ограничи нивната способност да ги изразуваат емоциите отворено, да го разниша нивниот однос со родителите и да доведе до интернализирање на чувствата, потенцијално придонесувајќи за долгорочни предизвици во менталното здравје како анксиозност или депресија. Може да се појават и тешкотии во социјалните интеракции, академските перформанси и вештините за решавање проблеми.

Како да разговарам со моето дете? Што можам да направам?

Активно слушање е клучот

Еден од основните аспекти на квалитетна комуникација е активното слушање. Кога разговарате со вашите деца, направете свесен напор да им посветите целосно внимание. Тргнете го настрана она што ви го одвлекува вниманието. Покажете трпение, дозволувајќи му на вашето дете да се изразува без прекин и воздржете се од викање или кревање глас. Со практикување на активно слушање, вие не само што пренесувате почит кон детето, туку и создавате безбеден и отворен простор за вашето дете да ги сподели своите чувства без страв од осудување, зајакнувајќи ја врската родител-дете на долг рок.

Како до поотворена комуникација со моите деца

Изразувајте ентузијастички интерес за интересите на вашето дете, дури и ако тоа не се интересите што вие би ги избрале. Никогаш не покажувајте потсмев и критика. Ова е најсигурниот начин за вклучување на децата во дијалог и прв принцип за зајакнување на семејните односи.

Зрело прифатете ги нивните фрустрации, разочарувања и поплаки. За време на сесија, кога детето е намрачено и некомуникативно, ако го замолам да ми каже што е неправедно во нивниот живот, речиси секогаш ќе се отвори. Како родители, вреди да се обидеме да им зборуваме со разбирање и потвдрда на нашите деца: „Знам дека чувствуваш дека не е фер кога…“ или, „Знам дека беше навистина разочарана/а кога…“. Или, „Знам дека си навистина фрустриран/а и лут/а…“

Во овие моменти, освен тоа што ги потикнуваме децата да разговараат со нас за нивните чувства, исто така, им помагаме да научат дека разочарувањата, во себе и во другите, се дел од животот – и дека чувствата на гнев и неправедност не траат вечно.

Споделувајте лични приказни и искуства. Зборувајте за вашиот живот и моменти од вашиот живот. Разговарајте со вашите деца за вашите лични животни искуства, особено во моменти на тага, вознемиреност и разочарување. Дајте им до знаење дека знаете како се чувствуваат, бидејќи и вие сте ги имале овие чувства.

Признајте ги вашите грешки и извинете се. Ако сме спремни да ги признаеме нашите грешки, нашите деца ќе имаат поголема веројатност да ги почитуваат нивните. Треба да кажеме, на пример, „Знам дека бев многу лут на тебе тогаш. Можеби премногу луто реагирав, извини…“

Критикувајте го однесувањето, а не детето. Критиките насочени кон детето се доживуваат како напад, па наместо да го критикувате кажете му како Вие се чувствувате кога се однесува на одреден начин и објаснете како е правилно. 

Децата учат од пример и ги копираат однесувањата на своите родители. Трудете се секогаш да се однесувате на начинот на кој го барате тоа од Вашето дете. Децата првите години од животот ги имитираат постапките на родителите – трудете се да им бидете позитивен пример. 

Одвојте 15 минути, секоја вечер, како време за разговор – време за слушање на грижите на вашето дете и споделување приказни. Ако каже дека нема за што да зборува, кажете и за нешто што се случило во вашиот ден, можеби момент на возбуда или фрустрација или момент на хумор. Прашајте за нешто во нивниот живот.

Дајте им време. Кога зборувате за каков било проблем, важно е да му дадете простор на вашето дете. Не обидувајте се, во тој момент, да инсистирате на одговор. Ова може да биде особено важно за момчињата, на кои често им треба повеќе време да се ослободат од рефлексивната одбранбеност. Можете да кажете, на пример, „Во ред, разбирам како се чувствуваш. Ајде да разговараме за ова утре и да видиме дали можеме да дојдеме до решение…“

Пред сѐ, потсетете се дека Вашето дете е човечко битие. И тие имаат идентитет и интереси. И тие имаат став. И тие сакаат да се чувствуваат секогаш безбедно и сигурно. Избегнувајте критики, навреди или уважување само на вашето мислење како родител. Можеби некогаш не сте во право. Овозможете им слободна експресија на вашите деца.

Побарај совет или насока од Александра Милевска

Како да разговарам со моето дете Александра Милевска

Ниедна семејна динамика не е идеална. Како психолог, мојата цел е да им помогнам на семејствата да разговараат за подобро да се разберат меѓусебно – да ги надминат вообичаените нефункционални комуникациски стилови и повторно да се зближат еден со друг, во атмосфера на толеранција и забава. Ако имате какви било прашања или ако резонирате со статијата, не двоумете се да го пополните формуларот подолу. Јас сум тука да понудам бесплатен совет и одговор на вашите прашања.