fbpx

Постојано размислувам дека нешто ќе се случи на моите блиски…. Навечер не спијам, размислувам на целиот ден како поминал, што сум завршил, што остана незавршено…. Не можам да се смирам, постојано ми лупа срцето и мислам ќе полудам…. Ме стегаат градите, не можам да завршам работни обврски, постојано проверувам во телефонот. Анксизноста ме крши.

Анксиозноста не е ништо ново за сите нас. Понекогаш се грижиме за нештата кои следат, нештата што се случуваат, што не знаеме дали ќе се случат. Во овие ситуации вознемиреноста и загриженоста се важни да ни го насочат вниманието и да не стимулираат кон правење на потребни промени. Ваквите повремени појави се нормални и продуктивни.

Кога загриженоста и стравот преминуваат во анксиозност?

Кога станува збор за  поинтензивна и пофрекфентна состојба на психолошка и физичка тензија и вознемиреност, недефинирано чувство на страв, агитираност, зголемена мобилност на сите системи во телото, може да зборуваме за анксиозно нарушување. Ова се јавува како одговор на вистински или замислен стресор или по пролонгирана изложеност на јак стрес.

Анксиозноста е најчесто непропорционална на надворешниот контекст, постои низ сите аспекти од секојдневниот живот и личноста најчесто чувствува дека нема контрола врз себе. Знаејќи дека психичката и телесната компонента се во постојана релација, симптомите на анксиозноста ги гледаме манифестирани на двете нивоа. Психичкиот аспект ги вклучува когнитивните процеси – мислите, мисловните дисторзии, предвидувања, очекувања нешто лошо да се случи итн. Се намалува можноста за концентрација и фокусираност, индивидуите пријавуваат замагленост на мислите, конфузија. Понатаму на ова се надоврзуваат чувствата (страв, вознемиреност, лесно налутување и сл.). Физичкиот аспект пак е манифестиран преку константен умор, мускулна тензија, забрзано срцебиење, проблеми со дигестијата, забрзано дишење, главоболки, промени во сонот и спиењето.

Несоницата е дефинирана како еден од симптомите и според кој се дијагностицира анксиозност. Не секогаш е последица на анксиозноста, но истата може да ја одржува и зголемува. Таа исто влијае на квалитетот на живот, релациите со луѓето и завршувањето работни обврски.

Како настанува анксиозно нарушување?

Врз развојот на анксиозните нарушувања имаат влијание биологијата, раните искуства како траума, презаштитничкиот однос од страна на родителот. Понатаму, одредени личносни карактеристики како – сензитивност, грижливост, емоционалност, зголемуваат можност да се развие анксиозност.

Базични верувања за светот

Базичните верувања за светот и другите се исто така фактор кој влијае – постои разлика како луѓето ги перцепираат информациите од надворешниот свет. Одредени личности автоматски случувањата ги интерпретираат како закана. Да земеме за пример ситуација на работно место, каде надредениот има загрижен поглед – некои ќе го интерпретираат како загриженост за лични случувања, додека пак некои ќе почнат да се преиспитуваат што згрешиле, што ќе им каже сега надредениот, дали ќе им следи казна и тн.

Овие базични верувања и автоматски реакции на надворешните случувања се претпоставува дека се развиваат врз основа на претходни животни искуства, на стресни ситуации или пораки добиени од страна на родителите и другите важни личности.

Животни настани и стресови

Животните настани и стресови исто влијаат – анксиозноста може да почне во време на искусување високи нивоа на стрес. Низ животот постојано се прилагодуваме на барањата од околината – носиме важни одлуки, менуваме работни места, навики, се соочуваме со загуби на блиски, болести и сл. Меѓутоа некои проблеми ги надминуваат нашите капацитети да одговориме и да се адаптираме. Тогаш исто може да се јави анксиозноста, заедно со чувството на изгубена контрола.

Често се случува анксиозноста да прекрива други внатрешни конфликти и блокирани емоции. Овие блокирани емоции, веројатно биле премногу силни за личноста да ги издржи и се заклучуваат некаде во телото. Или пак може да станува збор за конфликт на лични вредности и општествени стандарди. Се додека овие конфликти и емоции не се освестат и не се решаваат на свесно ниво, тие преку анксиозноста ќе даваат сигнали на личноста дека треба да им се посвети.

Мета анксиозност

Личности кои се соочуваат со анксиозни нарушувања поминуваат скоро половина од будното време во грижење. Најчесто, може да познаат дека грижата е непропорционална или неоснована. Како последица на тоа пак доаѓа до анксиозност за анксиозноста – „Ќе полудам од грижа“, „Не можам да се контролирам“ и сл. Со тоа сите симптоми на анксиозноста се зголемуваат и одржуваат.

Со цел олеснување на анксиозноста многу личности почнуваат да избегнуваат различни ситуации, активности, прокрастинираат или пак почнуваат одредени компулсивни однесувања – постојано се јавуваат да ги проверат блиските, се прејадуваат, злоупотребуваат алкохол и тн.

Затоа е важно да се идентификува што размислува личноста за својата анксиозност, да препознае кога е најмногу, кога најмалку анксиозна, каде во телото ја чувствува анксиозноста, како се однесува кога е анксиозна и како ја одржува.

Како помага психологот во справување со анксиозноста?

Во работата со психолог личноста добива безбеден простор да го истражува својот внатрешен свет, емоциите со кои е прекинат контактот, да ги освестува своите автоматски мисли и да ги менува своите верувања. Со тоа да се интегрираат деловите кои ги потиснати и отфрлени. Личноста е поттикната да се спротивстави на катастрофирачките мисли и сценарија, се развива резилиентност преку мапирање на ресурсите на личноста. 

Прашањето „Што е најстрашното што може да се случи?“ дава можност да се истражува од каде е анксиозноста. „Како ќе се справам со тоа?“ дозволува во контролиран контекст личноста да експериментира со можни промени во своето однесување и реагирање.

Тоа што многу често излегува во работата со овие клиенти потребата за контрола и тешкото справување со неизвесноста. Затоа е важно личноста да се насочи кон прифаќањето на тоа чувство на непознато, да остане во таа емоција, да ја почувствува и свесно да избира што ќе прави понатаму.

Со психологот се истражуваат и семејните релации кои можеби го поттикнуваат проблемот или пак го одржуваат. Така, промените на индивидуално ниво, носат промени во целиот семеен систем.

Физички техники

Во третирањето на анксиозноста е важно да е вклучено целото тело, затоа што таа се пројавува и на телесно ниво. Различни техники на дишење и релаксација помагаат во смирување и пренасочување на вниманието. Прогресивната мускулна релаксација помага во насочување на фокусот кон одредени делови на телото, нивно свесно затегање и опуштање. Преку овие вежби и техники се воспоставува свесна релација со телото, овозможувајќи истото да се вклучи во намалување на анксиозноста.

Водење дневник

Водењето дневник е една корисна алатка за сите, а кај личностите со анксиозни нарушувања е многу препорачлива. Тоа претпоставува запишување на ситуациите во кои се препознава анксиозноста, мислите и чувствата. Исто се запишуваат сите физички симптоми. Со ова понатаму може да се работи на свесно соочување со овие дисторзирани когнитивни процеси и нивно менување.

Редовната физичка активност, здравата исхрана и здравиот сон се основа за одржување на сите останати промени.

Во прилог на овој текст е видео со музика специјално дизајнирана и научно докажана за намалување на стресот.