fbpx

Како резултат на детската фантазија, потребата за игра и контрола над неа во раниот предучилишен и училишен период, “замислен пријател”,  е мошне честа појава. Овој феномен не е страшен за детето, иако ги застрашува родителите, бидејќи помислуваат дека нешто лошо се случува.

Ситуацијата станува алармантна кога го попречува секојдневното функционирање, дружбата со децата и се опишува дека замислениот пријател е лош и го тера детето да се однесува лошо. Детето се повлекува во себе, во светот на својата фантазија и е постојано со замислениот пријател, кој воедно му е најдобриот пријател. Тој го разбира, советува и другарува со него.

Кога и дали често се јавува замислениот пријател?

Замислениот пријател најчесто се јавува околу 3-4 годишна возраст кога детето ја развива фантазијата, гледа и разбира цртани, слуша бајки, приказни, и со егоцентричниот говор зборува со себе и со играчките. Феноменот на “замислен пријател” не е болест и не се третира како таква. Се јавува мошне ретко. Едни научници се на мислење дека се јавува кај оние деца кои имаат потешкотии во социјалното опкружување, немаат другарчиња и не се прифатени, или доживеале силни стресови и трауми.

Други научници се на мислење дека овој феномен се јавува кај оние деца кои се високо когнитивно и емоционално интелигентни, имаат добри вербални способности, силна фатазија, имаат многу другарчиња, креативни се, кооперативни, независни и среќни. Според нив овие деца воопшто не се изолирани, осамени и несреќни. Интересен е податокот дека “замислениот пријател” почесто се јавува кај прворедените деца и единците. Во предучилишниот период почесто кај девојчињата, а во училишниот подеднакво кај двата пола.

Приказната станува уште поинтересна бидејќи децата знаат дека тие не постојат и дека се измислени ликови. Но, со нив зборуваат, им се доверуваат, играат, се караат и се смируваат.
Дали е алармантно или не, е дискутабилно. Што треба да прават родителите? Како да му пристапат на детето? Дали да ја ингнорираат оваа појава или да им се придружат?

Препораки

Како магистер по развојна психологија и сов/психотерапевт на родителите би им препорачала да го набљудуваат детето. Да откријат кога комуницира со замислиниот пријател? Дали постои некоја ситуација која го мотивира токму тогаш со него да другарува? Што правата, што зборуваат, што се играат,…? Дали е тој добар или лош лик?

Најчесто се добри ликови кои се од истиот пол и се со приближна возраст. Некои родители можеби би помислиле дека е добро сите заедно со “замислен пријател” да се играат но, напротив така уште повеќе создаваат забуна со реалноста и фантазијата. Едноставно што можат да направат е да набљудуваат, да не учествуваат во нивната игра, ако има нешто лошо и животно загрозувачко да интервенираат или да се обратат на стручно лице.  Искуствата и истражувањата покажуваат дека “замислените пријатели” имаат функција зошто се јавуваат во детскиот свет. Исто така, како што неосетно доаѓаат, така и неосетно си заминуваат.