fbpx
featured image

Сведоци сме дека во последно време почнуваат на површина да излегуваат многу тешки приказни. Станува збор за сексуално (полово) злоставување и вознемирување. Освен овој вид на злоставување, постојат психичко (ментално), трудово (искористување на туѓиот труд за свои цели) и физичко.

Најчесто разните видови на злоставувања се испреплетуваат. Едно е заедничко за сите нив – злоставувањето ја уништува жртвата во секој поглед психички (ментално, емоционално), а од социјален аспект ја етикетира како нешто срамно, непосакувано и како да ја жигосува во негативна конотација нејзината иднина!

Половотото насилство може да биде извршено на деца и на возрасни личности. Децата се лесно подводливи и наивни и се полесен плен за агресорот.

 Доколку насилството трае подолго време и жртвата е понежна и поранлива, поледиците по менталното здравје се поголеми. За жал, при извршување на вакво злосторство, жртвата најчесто молчи многу долго време. Кога веќе нема капацитет да се справува со траумите, стресот, уценувањето, угнетувањето и деградирањето од страна на агресорот, жртвата најчесто фаќа една од две патеки: Бара поддршка и ја споделува својата приказна, или запаѓа во длабока депресија во која се појавуваат суицидни мисли.

Да ја погледнеме личноста на агресорот.

Тој е патолошка структура на личност која носи багаж од минатото. Најчесто станува збор за личност која немала “здраво” социоемоционално врзување барем со еден од родителите кое пак создало услови да не се развие емпатија. Овие личности немаат чувства за другата страна. Чувствата ги користат како средство за манипулирање и добивање на она што го сакаат. Во тој процес на спинување (психолошко вртење) се поигруваат со сите чувства кои ќе им дојдат страв, срам, вина, лутина, гнев. Тогаш другата страна е во “магла”, страв, облигација и вина. Жртвата стравува дека со споделување на приказната нештата само можат да станат полоши, а со тоа има облигација (должност) да “трпи” и од сето тоа произлегува вината дека таа е виновна за се! 

Откако ќе се случи, чинот на злоупотреба има тенденција да се повторува, а со тоа да трае подолго време. Колку подолого трае ова злоставување, толку е поголема психолошката штета врз жртвата. Сликата за себе и своето тело се изместува, самодовербата опаѓа, стравот кулминира дека е постојано демната, лагата ја збунува дека таа е виновна. Внатрешниот психолошки свет е хаотичен.

Агресорот е патолошка структура на личност која скоро никогаш не бара стручна помош, бидејќи не се доживува дека и е потребна. За жал и жртвите околу неа ретко бараат помош, бидејќи живеат во срам и страв, а ако побараат помош или се доверат некому тоа го прават тогаш кога веќе не можат да издржат. Жално, но вистинито!

Што превзема општество? 

Како во сите домени, така и во социјалната заштита на оваа ранлива категорија можеме многу повеќе да направиме.

Јас би почнала од правен аспект. Создавање на цврст правен систем со јасни, конкретни закони кои ќе бидат силен филтер да ги обелодени агресорите, а потоа да следуваат сериозни законски санкции. Со ова многумина би се прашале што би било ако се осудат да го направат злоделото!

Откако ќе имаме јака примарна превенција (јак правен систем), доколку се случи злоставување треба да создадеме јака секундарна превенција, а тоа значи стручни лица психолози, психотерапевти, социјални работници, педагози, психијатри, социолози кои ќе бидат експерти во својата дејност и ќе умеат да работат со жртвата.

На жртвата и е потребна заштита. Веднаш да се одвои од сторителот. Да се смести на место каде ќе се чувствува безбедно. Да биде во стручни раце кои ќе создадат однос на доверба и ќе работат на надминување на траумата, негативните чувства, простување на себе и на агресорот и отпуштање на процесот од психата и од телото. Ова е мошне долг, сложен и чувствителен процес за сите оние кои се вклучени во него!

Совет 

Многу жртви и денес молчат за да не го загубат тоа што го имаат, бидејќи најблиските и општеството нема да ги разбере и поддржи. Да се признае дека е направено насилство, особено полово (сексуално), значи да се соголиш пред јавноста, за жал да бидеш навредуван и не разбран. 

Излегувањето од “маглата” треба да биде што побрзо. Пријавувањето во МВР како и барање на стручна помош и одделување од агресорот. Да се работи психотерапија со жртвата, а таа пак да се враќа кај агресорот нема поента, бидејќи тој ќе ја казнува за сите промени во поведението и ќе биде дупло оштетена!

Системот да биде цврст кој ќе работи совесно и законски на страна на вистината. Сите општествени алки во системот да бидат објективни, професионални со одредена доза на емпатија за да се детектира вистината. 

Би ги посоветувала луѓето од опкружувањето да не се хранат со туѓата болка и да се воздржат од несоодветни коментари. Наместо тоа да бидат од помош и поддршка.