fbpx

Врсничко насилство – тема на разговор и во 21 век

Насилството постоело секогаш. И во времето на војни и во дигиталниот свет денес. Врсничко насилство, во стручната меѓународна литература познато под името Bullying, е еден вид на употреба на сила, закана или намера за злоупотреба. Туку припаѓа и агресивната доминација над другите врсници. Ова однесување најчесто се повторува и  претставува дополнителен стрес за оние кои се предмет на малтретирањето односно жртви на bullying. Истото претставува закана за позитивниот развој на децата. Причинува вознемиреност, осамeност, депресија, затворање во себе.

Ваквите емоции можат да прераснат во состојба на таканаречен токсичен срам што го поддржува чувството на беспомошност во однос на однесувањето со другите врсници. Поради тоа, овие деца веруваат дека дури ниту повозрасните не би можеле да им помогнат. За некои од нив овие искуства можат да бидат крајно повредувачки, со трајни последици и пост-трауматски стрес кој би се пролонгирал во одреден период од животот. Миксот од емоции кои овие деца ги доживуваат е токсичен за нивната психолошка добросостојба.

Како започнува?

Често започнува со поблага форма на префрлање на повлечените или таканаречените “послаби “ деца. Децата изложени на врсничко насилство се вообичаено омаловажени и социјално отфрлени, а се подложни и на некои форми на агресија од страна на еден или повеќе врсници. Агресивните модели на однесување по пат на социјализација се учат преку набљудување од најрана возраст во семејството, во врсничката интеракција, на медиумите. Одредени истражувања говорат за тоа дека, на светско ниво, врсничкото насилство е сè пораспространето. За жал, сè почесто кулминира со физички напади – најчесто во основното образование додека, пак, во средно, истото опаѓа, но и понатаму може да претставува проблем за една млада личност. 

Насилството е научено однесување и затоа може да учиме и ненасилни однесувања, само потребно ни е вештина да ја препознаеме и да ја надминеме неправдата што ја доживуваме. Постојат начини и техники за брзо и ефикасно справување со насилството. Важно е да се насочиме кон конструктивно ненанасилно однесување кон вештини за мирно решавање на конфликтите, придружено со почит и љубезност кон заедницата, пријателите, родителите, наставниците и врсниците. 

Секое дете чувствува основна биолошка потреба да се поврзе со блиските, да биде прифатено и сигурно во околината во која што живее. Тука е и потребата да се влијае врз луѓето што го опкружуваат – сака да се чувствува дека е важно, забележано и успешно во однос на својата интеракција со другите. Кога едно дете не може да си ги задоволи ваквите потреби низ вообичаените односи со врсниците, може да почне да прикажува деструктивно и насилничко однесување.

Што да се направи и како да им се помогне на децата да го променат своето однесување?

Едноставно и универзално решение за справување  со насилството кај децата нема. За да се дојде до промена на однесувањето кај децата-насилници, потребно е да ја разбереме нивната перспектива и причината зошто одбираат да се однесуваат на тој начин. Не е доволно детето да се казни, затоа што самата казна нема да доведе до промени во однесувањето. Напротив, би можела да ги влоши нештата. Со детето треба да се работи на прикажување на ставовите, гледиштата и убедувањата во врска со насилното решавање на проблемите. Мора да му се покаже друга перспектива различна од неговата. Дури тогаш би можеле да очекуваме промена.

Кога зборуваме за деца кои се жртви на насилство, важно е да се развие систем на поддршка во нивното опкружување, што подразбира: топла и поддржувачка атмосфера во семејството, помош при стекнување на нови пријателства, зајакнување на постоечките пријателства, јакнење на самодовербата, како и подучување на нови вештини за комуникација.

Побарај дополнителен совет или насока од Клементина Добревска

помалку стрес Клементина Добревска

Врсничкото насилство е многу сериозно прашање што може да има трајни негативни ефекти. Тоа може да ве остави да се чувствувате повредени, лути и изолирани. Но, не мора да се соочите сами со тоа. Јас сум тука да помогнам. Во безбеден простор, ќе ја разработиме болката, лутината или фрустрацијата што ја доживувате. Заедно, ќе изградиме механизми за справување за да управуваме со овие емоции и да ја зголемиме вашата издржливост.

Ако не сте сигурни како да се справите со малтретирањето или емоционалното влијание е огромно, можам да ви помогнам да развиете план за да продолжите напред.