fbpx

Моментално сите се бориме со менталното здравје – ајде да го нормализираме

Доколку за момент застанете и погледнете околу себе, може да забележите дека разговорите за менталното здравје се насекаде околу нас. Скоро и да е невозможно да размислуваме за влијанието на пандемијата од коронавирусот на нашиот секојдневен живот без да го увидиме влијанието на истата врз нашето ментално здравје. Навистина нема потреба да се преправаме дека се е во ред, кога едноставно не е. Нашите разговори на работното место, со нашите пријатели и блиски, па дури и на социјалните медиуми се некако поранливи, отворени и обоени со најразлични емоции. Како работник во областа на менталното здравје сето ова ми дава една надежна перспектива за нормализирање на тоа што значи да се бориш со своето ментално здравје, бидејки сите ние го правиме тоа, кога помалку кога повеќе.

Светот проаѓа низ една голема траума, луѓето ги губат работните позиции, релациите поминуваат низ криза, отуѓеноста се зголемува, продуктивноста се намалува, нашите рутини на исхрана, социјализација, спиење се нарушени и следствено и нашето ментално здравје. 

И покрај статистичките податоци од најновите истражувања, нас не ни е потребно многу за да увидиме дека огромен дел од популацијата доживува значајно зголемени нивоа на психолошкa вознемиреност, зголемено ниво на анксиозност и беспомошност поврзани со неизвесноста која иднината ја носи. Многумина се чувствуваат лути и уморни од промените во нивната норма.

Извор

Трчањето на маратон е тешко, но тоа што е потешко е немањето можност да се визуелизира целната линија. Постојаните промени, стресот од овој бесконечен loop и недостатокот на сигурност, може да ги влоши веќе постоечките состојби на ментално здравје или да биде катализатор на почеток на состојби на менталното здравје.

Исто така е потешко кога немаме поддршка. Стигмата и срамот се огромни причини многумина да не побараат помош за подобро ментално здравје. Се додека луѓето гледаат на состојбите на менталното здравје како повеќе срамни споредбено со состојбите на физичкото здравје, советувањето и психотерапијата сеуште ќе се стигматизирани. А токму тие се круцијални при нарушено менталното здравје, исто како што и хируршката интервенција е круцијална при отворена фрактура.

Иако не секој еден што има забележителна психолошка вознемиреност ќе има потреба за психолошки третман, тоа што е значајно е да се даде признание на овие борби како дел од општата човечка состојба и да се нормализира отворениот разговор за нијансите на менталната добросостојба.

Но што значи нормализирањето во пракса? Дефинитивно значи да разговараме искрено и отворено за нашето ментално здравје и за тешките емоции кои можеби ги имаме.

Извор

Нормализирање е да бидете подготвени да разговарате со вашите пријатели и блиски, без предрасуди, а можеби дури и без решенија. Понекогаш луѓето едноставно сакаат некој да слуша, а не да се обидува да им најде решение на потешкотиите со кои се соочуваат.

Нормализирање на потребите за ментално здравје, значи и негување на култура каде што ранливоста е прифатена преку разговор за сопствените емоции и животни стресори особено доколку имате лидерска позиција. 

Сосема е во ред да имате потешкотии кога се обидувате да процесирате повеќеслојна национална криза и да се справувате со детали од вашиот живот истовремено. Никој не е имун. Едноставно кажано, посветување внимание на потребите на менталното здравје не само што треба да биде норма, туку треба и да се охрабрува.