fbpx

Децата бргу растат, зарем не?

До пред некое време, не така одамна, мојот син сакаше да биде со мене. Многу работи правевме заедно, шетавме, игравме, возевме велосипед, разговаравме… Во последно време тоа се смени. Поминуваме се помалку време заедно. Сака да биде со своите врсници или сам во својата соба, разговараме многу ретко, сам си ја одбира облеката, сам донесува одлуки. Има се помалку потреба од помош, размислува за себе и за она што го сака и вешто ги избегнува работите што не сака да ги прави. Иако се радувам на неговата самостојност истовремено и ме плаши.

Овој процес на растење и осамостојување на децата претставува предизвик за многу родители. Од една страна, остануваме со слободно време кое треба да смислиме како да го потполниме. Од друга страна, постои страв кој доаѓа од незнаењето што прави моето дете во секој дел од денот, дали му се случува нешто што не го споделува, како да ја задржам близината и отворената комуникација.

Родителот постепено станува свесен за потребата да го “отпушти“ своето дете и да ја разлабави врската која се формирала од самото раѓање на детето. Овој процес може да предизвика анксиозност, чувство на празнина, тага и загуба.

Па, како овој период на промени полесно да го надминат и родителите и децата?

Еве неколку совети:

  • Кога поставуваш правила на однесување, секогаш имај на ум од која причина го правиш тоа. Дали во поставувањето на правилото те води твојот ирационален страв или е објективно потребно? Дали е во согласност со потребите на детето?
  • Дај му шанса на своето дете само да се справува со предизвиците и да учи од своите грешки. Имај доверба во неговите способности. Кога му веруваш ти, и тоа ќе верува со себе.
  • Кога сака да зборува, внимателно слушај и реагирај со разбирање и прифаќање. Не ја “сечи“ неговата потреба за поддршка. Ако се соочува со проблем запрашај го “Што би сакал да направи?“ , “Како би го решил проблемот?“. Најверојатно ќе се изненадиш од неговата спремност и разумност. Тоа ќе ја одржи отворената комункација и искреноста.
  • Знај дека “претераното родителство“ е заради задоволување на твоите потреби. Размисли, зошто не можеш да ја прифатиш самостојноста на своето дете? Што добиваш ти од тоа врзување на детето за себе? Дај си искрен одговор. Веројатно, сите познаваме родители кои не можат да ги пуштат своите деца и откако ќе станат возрасни.
  • Пронајди начин да го потполниш слободно време. Ова е можност да се свртиш кон себе си  и повторно да се пронајдеш. Што би можел/а да направиш за себе? Што би те направило среќен/на?

Родителството знае да биде предизвикувачка работа. Потребно е многу трпение, толеранција, разбирање, разговор и искреност. Учењето на самостојност е една од најважните задачи на родителот, бидејќи така ќе создадете деца спремни за секаков предизвик, кои веруваат во своите способности и капацитети, се потпираат на себе и носат свои одлуки.

Побарај совет или насока од Елена Кабранова

Со создавање на поддржувачка и емпатична средина, им помагам на клиентите да ги истражат и разберат нивните емоции, да развијат ефективни стратегии за справување и да практикуваат техники за решавање проблеми. Мојата цел е да ги поттикнам поединците самоуверено да се движат во социјалните интеракции, ефикасно да управуваат со стресните фактори и да негуваат позитивни односи. Ако имате какви било прашања или грижи за социјалниот и емоционалниот развој на вашето дете, пополнете го формуларот подолу и со задоволство ќе ви помогнам.