fbpx

Што е антисоцијално нарушување на личноста?

Ако направиме едно мало истражување во однос на антисоцијално нарушување на личноста, ќе забележиме дека оваа тема во последно време е премногу актуелна. Сепак, што ќе биде резултатот од нашето истражување? Резултатот ќе бидат стотици статии напишани со голем степен на стилската фигура хипербола. Ќе наидеме и на екстремни случаи на антисоцијално нарушување, со негативни, па дури и опасни искуства и последици.

Медиумите секогаш се обидуваат да споделат информации во однос на определени екстреми. За жал нашето секојдневие е исполнето со информации кои не би сакале да ги слушнеме. Сепак некогаш е неизбежно да влезат во нашиот етер.

Антисоцијалното нарушување на личноста има повеќе степени на развој и ако ги разгледаме симптомите кои се индикатори за ваквата состојба, ќе заприметиме некои од нив и кај самите себеси. Луѓето со антисоцијална деформација најчесто не веруваат дека им е потребна помош во однос на нивниот социјален живот. За да се утврди дека навистина постои опасност или развој на ваква состојба кај пациентот, треба да постојат определени симптоми.

Симптомите и знаците најчесто многу тешко се препознаваат затоа што се преклопуваат со симптомите карактеристични за други облици на психичко растројство. Клучен фактор во дијагностицирањето е однесувањето на засегнатата личност со другите. Со дозвола од страна на пациентот, семејството и пријателите можат да дадат корисни информации. По извршената медицинска евалуација, за да се исклучат останати медицински состојби, матичниот лекар на засегнатото лице може да го упати лицето кај стручно лице за ментално здравје и да се изврши понатамошна проценка.

Дијагноза

Воспоставувањето на дијагнозата кај овој вид на психолошко растројство најчесто се заснова на:

  1. Психолошка проценка која ги истражува мислите, чувствата, односите, моделите на однесување и семејната историја на личноста.
  2. Личната историја или биографија и медицинската историја.
  3. Класични симптоми објавени во статистички и дијагностички светски прирачници за ментални нарушувања кои индицираат присуство на антисоцијално нарушување.

Раното идентификување на симптомите може да превенира непосакувани последици на долг рок.

Третман

Антисоцијалното нарушување кај личноста е многу тешко да се третира, но во одредени случаеви третманот и внимателното следење на состојбата може да вроди со резултати. Овој процес е бавен, но сепак резултира со определено подобрување, па дури и кога тоа подобрување е минимално. Од што зависи најмногу самиот третман? Успешноста на третманот зависи од индивидуалниот пристап кој го има секое лице, подготвеноста на лицето да учествува во процесот и секако, сериозноста на самите симптоми.

Психотерапија и психолошко советување

Психотерапијата или терапијата со разговор многу често се користи за лекување на антисоцијалното нарушување кај личноста. Самата терапија се состои од вежби и начини на управување со гневот, бесот и насилството. Овде ќе ја наведеме и терапијата за спречување на злоупотреба на алкохол или други супстанции. Сепак, психотерапијата или психолошкото советување не е секогаш ефикасно, особено кога симптомите се премногу изразени и лицето не може да признае дека неговото однесување создава сериозни проблеми. Во овие случаеви се преминува на прескрипција на определени медикаменти. Овие медикаменти најчесто се истите кои се препишуваат за депресија или симптоми на агресија. Често доаѓа до злоупотреба, па затоа психотерапијата е најпрепорачливиот третман.

Како да се подготвите за првата средба со психолог?

Ако матичниот лекар дојде до сознание дека не постојат физички причини за вашата состојба, тогаш тој ќе ве упати кон професионалец за ментално здравје, односно психолог или психијатар. На оваа средба, би било навистина пожелно да присуствува член на семејство или пријател, партнер, со цел да сподели ситуации што можеби вие нема да се охрабрите да ги споделите.

Пред средбата, пожелно е да направите список на: било какви симптоми што сте ги забележале вие или вашето семејство и колку долго траат тие симптоми; клучни лични и здравствени информации во однос на болести со кои сте се бореле или моментално се борите, лична и семејна историја на ментални заболувања, трауматски искуства и големи фактори кои ви создаваат стрес; наведете ги сите лекови кои ги конзумирате и во кои количини.

За да можете максимално да го искористите времето, направете листа на прашања кои би сакале да му ги поставите на професионалецот.

Некои од овие прашања би биле: Што најверојатно ги предизвикува моите симптоми? Кои третмани најверојатно ќе бидат ефективни за мене? Колку можам да очекувам да се подобрат симптомите преку третманот? Дали има лекови кои можат да помогнат и кои се нивните не сакани ефекти? Кои веб страни ги препорачувате за да се информирам повеќе за мојата состојба? Колку често треба да разговарам со психолог?

Некои од прашањата кои ќе бидат упатени кон вас би биле: Кои се вашите симптоми? Кога за првпат ги забележавте? Како овие симптоми влијаат на вашиот живот? Дали роднините и пријателите изразија загриженост за вашето однесување? Дали некогаш сте размислувале да си наштетите себеси или на другите? Ако да, дали некогаш сте го сториле тоа? Дали имате семејна историја на определени психички растројства? Препорачуваме да бидете подготвени да одговорите на овие прашања за да имате повеќе време за останатиот дел од самата сесија.

Како да ја победиме нашата антисоцијална страна?

Сите ние имаме антисоцијална страна, но не смееме да дозволиме таа да се развие до степен кој ќе не дистанцира од околината. За човек да биде успешен во секоја сфера од животот, мора да гради и да создава конекции и врски. Тие врски треба да се негуваат на долг рок, без разлика дали зборуваме за фамилија, пријатели, колеги или партнери.

Ако имате потешкотии со вашата интровертност или безволност за социјализација, прифатете го тоа и обидете се да го промените. Животот би немал смисла без меѓучовечките односи. Еден од најдобрите начини за да престанете да се изолирате и навремено да ја спречите појавата на непосакувани последици е разговорот со психолог, како прв чекор кон светот, надвор од вашата комфортна зона. Тие разговори ќе ви помогнат да се охрабрите и споделите што ви се случува и да започнете да размислувате како да креирате поцврсти врски