fbpx

Запознај ги психолозите зад екраните: Билјана Стојановска

Билјана Стојановска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до лиценцирани психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите 50+ професионалци за ментално здравје и анонимно да се допишувате или пак да имате аудио/видео разговор. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, им поставивме неколку кратки прашања на кои тие одговорија. Денес разговараме со Билјана Стојановска.

За својата биографија Билјана Стојановска вели:

Јас сум Билјана Стојановска, дипломиран, лиценциран психолог и магистер по психолошки науки од областа на Организациска психологија и психологија на труд. Советник психотерапевт по Интегративна психотерапија и Гешталт психотерапевт под супервизија. Покрај тоа сум сертифициран психодијагностичар, сертифициран советник за LGBTI+ лица, како и советник за психо-физичко здравје со терапевтско делување во Интегративна медицина.

Основач сум и претседател на ЕСТЕЗИА-Центар за интегративен развој, советување и едукација, каде ја извршувам мојата приватна пракса. Три години бев претседател на координативно тело на секција на психолози за човечки ресурси, менаџмент, проценка и развој на вработени. Актуелно сум во процес на едукација за NLP Practitioner. Имам работно искуство 19 години, од кои 11 години во областа на психолошко советување и психодијагностика, преку индивидуална и групна работа со деца, адолесценти и возрасни, поединци и организации.

Воедно, 10 години работев со деца и адолесценти во социјален ризик. Работејќи во различни установи, како: Психијатриска болница, Централен затвор, Центар за зависности, Центар за стерилитет и сексуални проблеми, Установа за згрижување на деца и младинци без родители и родителска грижа и соработката со различни организации и здруженија, имав можност, покрај наведеното образование, да завршам многубројни обуки од различни тематики, како и да стекнам искуство во работа со различни возрасти и проблематики.

За пристапот во својата работа Билјана Стојановска вели:

Во работата со деца, адолесценти и возрасни користам интегративен пристап на работа. Oдносно, опфаќање на сите три аспекти од личноста на клиентот: тело, душа и дух. Секако, притоа земјаќи го во предвид и контекстот на индивидуалноста на клиентот (вредности, значења, ставови, потреби и цели), со цел подобрување на психофизичкото, социјалното и емоционалното функционирање.

Техниките и методите за работа кои ги користам се од областите на: Интегративна психотерапија, Гешталт психотерапија, Организациска психологија, Интегративна медицина и Психодијагностика. Дополнително ги користам и знаењата стекнати низ искуството и праксата, како и од семинарите, обуките и едукациите кои дополнително сум ги завршила, за работа со различни медицински состојби, судски случаи, психијатриски заболувања, зависности, развојни нарушувања и нарушувања во однесувањето кај деца и адолесценти, карактерни стилови и релации, трговија со луѓе, работа со ХИВ позитивни лица итн. Особен фокус на интерес ми е поврзаноста помеѓу трите аспекти на личноста (тело, душа и дух) и нивното меѓусебно влијание и добросостојба, како и терапијата насочена кон емоции, опфаќајќи различни типови на емотивни врски и состојби.

Зошто станавте психолог/психотерапевт/советувач?

Одлуката сметам дека еволуираше во мене. Најпрво во детството често си поставував прашања кои се причините што предизвикуваат различни луѓе да се однесуваат различно во исти ситуации и слично. Кога почнав да работам на 18 години како медицинска сестра во Психијатриска болница, секое слободно време го користев во разгледување на работата на клиничките психолози и разгледување на психолошките наоди. Едноставно знаев која е мојата професионална дестинација. Потоа уживав во патувањето и собирањето на искуство и знаење.

Што ве мотивира да работите секој ден?

Гледањето на повисоката цел: Правам нешто што посредно им помага на другите да се чувствуваат добро и да функционираат подобро.

Кои промени сакате да ги видите или направите поврзани со менталното здравје во општеството?

Да се разбере дека менталното здравје е подеднакво важно како телесното и духовното. Верувам дека постои и ментален и духовен имунитет, како и физички и дека сите три се поврзани.

Како вие ја дефинирате грижата за менталното здравје?

Како лична одговорност и благодарност. Додека сме живи во ред е да сме и благодарни за тоа и да посветиме грижа и внимание на тој дар наречен живот. Благодарноста е основа за среќата.

Што се надевате дека вашите клиенти добиваат од советувањето или психотерапијата?

Прифаќање, неосудување, искреност, човечност и безбедно заедничко разгледување и експериментирање на различни перспективи.

Со какви предизвици поврзани со ментално здравје најмногу сакате да работите и зошто?

Различни се предизвиците со кои повеќе сакам да работам, но би ги издвоила: работа со депресија и справување со загуба. Сакам да го гледам враќањето на надежта низ процесот и прифаќањето на тагата како една емоција која е дел од виножитото на емоции кое сите го имаме, а тоа значи дека имаме уште многу. Потоа се проблемите кои во коренот ја содржат и дискиминацијата по било која основа, затоа што секој има подеднакво право да биде среќен. Ова е пошироко поле и има уште многу да се каже.

Трета категорија која сакам да ја работам е секако работа со деца и адолесценти. Затоа што детството е најубавиот период од животот и сите имаме одговорност да придонесеме децата да имаат среќно детство. Адолесцентите затоа што едноставно вистински ги разбирам и можам да ги видам индивидуалните капацитети и да ги насочам и самите да ги видат. Особено ја почитувам довербата која ја стекнуваат, што е според мене клучна за промени и развој низ процесот.

Што правите во слободно време?

Истражувам и читам за менталното здравје, сакам да ја истражувам и експериментирам и со музикотерапијата. Сакам природа и викендите на планина или покрај езеро ме полнат со енергија.  Често барам нови места и интересни села, се радувам на пролетта, затоа што почесто е добро времето за пикник.

Ако мора да дадете само 1 совет за луѓето кои бараат психотерапија или советување, кој совет би го дале?

Сите порано или подоцна ќе се соочиме со различни кризи и предизвици. Сосема е во ред да се побара поддршка. Сосема во ред е и да се грижиме за личниот развој на секое поле: ментално, телесно, емоционално, социјално, духовно итн.

Добиј совет од Билјана Стојановска

Билјана Стојановска е лиценциран психолог кој е достапен преку Разговор.мк мобилната апликација. Можете анонимно да го споделите вашиот предизвик со неа и да добиете бесплатен пишан одговор. Дополнително, Билјана може да ви понуди бесплатна консултативна сесија или сесија со попуст. Вашата ел. пошта нема да биде видлива за Билјана. Билјана ќе може да го види само корисничкото име кое сте го напишале.