Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до лиценцирани психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите 60+ професионалци за ментално здравје. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, им поставивме неколку кратки прашања на кои тие одговорија. Денес разговараме со Анџела Нонковски.
За својата биографија Анџела Нонковски вели:
Дипломиран психолог на УКИМ во Скопје, активен член во Комората на психолози, советник за системска и семејна психотерапија при институтот Алтернатива. Имам учествувано во психотераписки и едукативни групи за психолошки раст и развој во Модус центар за трансакциона анализа. Имам посетувано различни обуки: употреба на метафори во дијагностика и психотераписки интервенции, основна и напредна обука за вештини за афирмација, комуникација, градење заедници и разрешување на конфликти, EATA summer school for transactional analysis- 3P’s- Protection, Permission and Potency. Магистер на УКИМ по Менаџмент на човечки ресурси и мајка на близнаци.
За нејзиниот пристап на работа Анџела Нонковски вели:
Мојот пристап на работа пред се е од системска перспектива, го земам во предвид целиот контекст во кој се наоѓа индивидуата, преку јасна комуникација и мотивација заедно креираме услови за позитивна промена во однесувањето, во кои понатаму личноста ќе знае да ги препознае и свесно да ги промени обрасците на однесување. Преку работа на себе во групи и индивидуално имам стекнато увид на сопствените стереотипи и предрасуди кои успешно ги разрешувам се со цел објективно и професионално да го водам целиот процес на советување.
Зошто станавте психолог/психотерапевт/советувач?
За да направам промени во мојот живот, за да се запознаам себе си, за да научам повеќе за однесувањето на луѓето, за да го сфатам и разберам однесувањето на моите блиски, за да бидам подобар родител, подобра сопруга, ќерка, другарка… За да им помагам и олеснам на луѓето што имаат потреба од ваков вид на помош, за да им бидам ветер во грб на тие што ќе побараат помош.
Што ве мотивира да работите секој ден?
Па не сум секој ден супер мотивирана за работа, ама утринскиот ритуал кафе и музика ми даваат желба и енергија да го извлечам најдоброто од денот. Правам план, се организирам и денот може да почне.
Како вие ја дефинирате грижата за менталното здравје?
Според мене тоа е свесен процес на себегрижа, која се остварува преку: формирање и одржување на блиски релации со луѓе кои ни значат, учење на нови работи, време за одмор и разонода, дозвола за правење на грешки и извлекување поука од истите, спремност да се побара помош од други луѓе.
Што се надевате дека вашите клиенти добиваат од советувањето или психотерапијата?
Би сакала да добијат алатки, знаење и вештини за справување со актуелните проблеми, се надевам добиваат друга перспектива и различен начин на гледање и разбирање на работите. Преку промена на сопствените мисли и наративи во процесот на советување заедно да дојдеме до свесност за промена на себе но и на семејниот систем во кој припаѓаат.
А пред се се надевам дека во мене гледаат и наоѓаат личност на која можат да се доверат, да се чувствуваат безбедно, слушнато и разбрано.
Побарајте совет од Анџела Нонковски
Поплнете го прашалникот подолу и добијте бесплатен пишан совет од Анџела Нонковски. Дополнително, ве охрабруваме да ја искористите и можноста да закажете прва бесплатна сесија или сесија со значителен попуст. Со ова добивате можност подобро да се запознаете со Анџела и нејзиниот пристап на работа. Вашата меил адреса нема да биде видлива за психологот. Потребна ни е за да можеме да ви ги испратиме пишаните одговори од психологот.
Со какви предизвици поврзани со ментално здравје најмногу сакате да работите и зошто?
Ако би имала можност за избор тоа би било со жртви на семејно насилство. А зошто? –Бидејќи таа категорија на луѓе се најхрабри а во исто време и најранливи. Кај нас сеуште за жал семејното насилство е табу тема, жртвите ретко бараат помош, често се финансиски зависни, оставени на себе без поддршка од поширокото семејство.
Исто предизвик ми се луѓето кои страдаат од анксиозност и панични напади. Некако ми се блиски, можам лесно да ги разберам и да сочувствувам, зашто и јас сум имала периоди кога сум страдала од анксиозност.
Ако мора да дадете само 1 совет за луѓето кои бараат психотерапија или советување, кој совет би го дале?
Охрабрете се, излезете од вашата комфорна зона и побарајте помош. Ништо не губите, дури може да добиете- нови знаења, нови гледишта, нови вештини… Грижата за сопственото ментално здравје треба да биде иста како грижата за физичкото здравје.
Кои промени сакате да ги видите или направите поврзани со менталното здравје во општеството?
Со оглед на тоа во какво време и општество живееме, добро би било луѓето да почнат да се вртат еден кон друг, да се грижиме повеќе за себе и за другите. Повеќе да ги гледаме сличностите меѓу нас, а не разликите, да сфатиме дека не секој мисли исто како нас, верува во исти работи, или реагира на ист начин како нас.
Нарушувањата на менталното здравје се зголемуваат низ целиот свет па така и кај нас. Многу состојби може ефикасно да се третираат со релативно ниски трошоци, но сепак голем е јазот помеѓу луѓето на кои им е потребна грижа и оние што имаат пристап до истата.
Што правите во слободно време?
Слободно време? Како мајка на 5 годишни близнаци, немам баш многу слободно време. Денот ми е исполнет, дури често си поставувам премногу задачи за многу кратко време, па малце ми е еден ден да ги завршам. Ама има денови т.е. ноќи кога ќе заспијат децата, тогаш уживам во тишината- ете така го користам моето слободно време.
Побарајте совет од Анџела Нонковски
Поплнете го прашалникот подолу и добијте бесплатен пишан совет од Анџела Нонковски. Дополнително, ве охрабруваме да ја искористите и можноста да закажете прва бесплатна сесија или сесија со значителен попуст. Со ова добивате можност подобро да се запознаете со Анџела и нејзиниот пристап на работа. Вашата меил адреса нема да биде видлива за психологот. Потребна ни е за да можеме да ви ги испратиме пишаните одговори од психологот.