fbpx

Психопатологија – што е токофобија, couvade синдром и таткова постпородилна депресија?

Секоја умерена вознемиреност и загриженост е нормална, но потребно е да се знае кога треба да се побара помош/ поддршка и кога тие симптоми преминале во психопатологија. Затоа, ќе се обидам да објаснам некои од можните промени во перинаталниот период, кои доколку се појават и бидат со поголем интензитет и времетраење, треба да се побара стручна помош. 

Една од најголемите животни промени е основањето на семејство и улогата на родител. Ова е предизвикувачки период кој носи со себе многу одговорности, драстични промени во секојдневието, па дури и менување на светогледот кај идните родители. Во нашето општество кое се уште е патријархално ориентирано кон улогата на мајката, постои културен притисок врз жената дека таа мора секогаш да биде добро, особено за време на бременост и по породување. Но, поради големите психички и физиолошки промени, зависно од подготвеноста, личноста на родителите и комбинацијата од други фактори, може да се појават некои несакани (психопатолошки) состојби. 

Пренатална психопатологија

Токофобија (tokophobia) е специфична вознемирувачка состојба (изразит страв) со фобично избегнување на бременоста и породувањето. Постои примарна токофобија, што се јавува кај бремени жени и жени кои немаат забременето и никогаш немаат раѓано. Секундарната токофобија се јавува по тешко породување кое донело компликации, по што жената се плаши повторно да забремени. 

Таа најчесто претставува симптом на пренатална депресија. Токофобија може да се јави по прераскажано лошо искуство со бременост и породување или доколку личноста преживеала медицинска траума, неповрзана со раѓањето. Исто така, токофобијата често се појавува и по спонтан абортус, предвремено пораѓање или губење на штотуку роденото бебе. 

Личности со понестабилно ментално здравје се со поголем ризик за развој на токофобија, како и оние кои биле жртви на сексуално насилство и силување.

Бременоста е дел од животниот циклус кај возрасната личност во кој, според Ериксон, се појавува криза на идентитет. Така, може да се појави криза помеѓу создавањето и застојот. Во таа доба на возрасен најважна е потребата за создавање, а нејзина појдовна основа е потребата за создавање деца. Успешно надминување на кризата е поврзано со јавување на грижа, а ненадминувањето е поврзано со отфрлање. Доколку трудницата и нејзиниот партнер успешно ја надминат кризата во созревањето, ќе влезат во стадиумот на возрасно доба и успешно ќе се справат со предизвиците. Доколку не ја надминат кризата, ќе имаат многу потешкотии, односно: регресија, слаби одбрамбени механизми, неуспех во градењето на атачмент со бебето, неприфаќање на одговорноста и грижата… 

Пренатална депресија е депресија која почнува и трае за време на бременоста.

Хемиските промени во мозокот и промените во хормоните кај жената можат да бидат одговорни за пречувствителноста и промените во расположението. Исто така, може да имаат влијание генетиката и семејната историја на депресија.

Знакови и симптоми кои можат да се почувствуват можат да варираат по интензитет, а доколку траат повеќе од две недели, тогаш треба да се побара помош. Симптоми кои укажуваат на пренатална депресија се:

  • Чувство на тага и безнадежност
  • Заборавање и тешко концентрирање, немање интерес за ништо
  • Чувство на немир и потиштеност
  • Тешкотии во спиењето и несоници
  • Јадење повеќе или помалку од вообичаено
  • Немање енергија и постојан умор
  • Чести главоболки или болки во стомакот кои не поминуваат
  • Раздразливост и често плачење
  • Чувство на вина и размислување за смрт и самоубиство.

Пренаталната депресија може да има негативно влијание врз бебето, но и врз неговиот понатамошен живот. Жената која има депресија треба да биде прифатена од околината и да знае дека тоа не е по нејзина вина.  Еден од главните проблеми е препознавањето на симптомите и соочувањето со истите. Понекогаш, самата трудница се стреми кон тоа да биде добро таа и бебето, така што може да ги занемарува симптомите или да ги крие од најблиските. Семејството на трудницата, а најмногу партнерот, треба да посветуваат внимание и да бидат претпазливи. Во случај да и биде потребна помош или поддршка на трудницата, да ја побараат и да не пролонгираат. Постојат повеќе начини, техники и стратегии со кои психологот ќе и помогне на трудницата полесно да го преброди периодот.

Затоа, грижата за себе треба да ви остане на прво место и додека сте бремена и откако ќе го добиете бебето. Бидејќи грижата за бебето подразбира и грижа за себе. 

Влијание на стресот кај мајката врз фетусот. 

Кога мајката чувствува напнатост, анксиозност, депресија, има брачни несогласувања и финансиски проблеми, тогаш ѝ фетусот тоа го чувствува. А понатаму, тоа ќе има многу негативни ефекти врз подоцнежниот психички развој на детето. Стресот детето го чувствува уште во утробата, фетусот ги чувствува емоционалните промени кај мајката според флуктуацијата на хормоните. Така, Артур Јаков пишува дека: “нервозата кај мајката може да направи хаос во хормоните, а тие промени можат да доведат до долготрајни оштетувања кај плодот”.

Промените и предизвиците на емоционално ниво ги доживува и идниот татко:

Couvade синдром се јавува кај мажот кога за прв пат станува татко, а симптомите се за време на бременоста, од кои: губење на апетит, раздразливост, главоболки,  пореметување на сонот, страв, промени во сексуалните навики, анксиозност.

Постпартална психопатологија

Иако се очекува породувањето да донесе само убави и позитивни емоции, реалноста и немора да биде баш таква. За време на бременоста, нивото на одредени хормони е значително зголемено. Три дена по породувањето, нивото на тие хормони се враќа во нормала. Но, после долгиот период со зголемено ниво на тие хормони, телото се навикнало на новата нормалност, па затоа враќањето во нормала веќе не е лесно. Така, може да се појават одредени предизвици и емоционални промени.

Постпородилна тага (baby blues) – најчеста промена после породувањето која трае кратко (најмногу две недели), а симптомите се помалку интензивни. Таквата состојба се карактеризира со: вознемиреност, исцрпеност, анксиозност, губење контрола над емоциите и плачење, промени во расположението. Уште од самиот почеток, се очекува мајката да побара поддршка за полесно и побрзо да го помине периодот кој за неа е многу предизвикувачки на физички и психички план. 

Доколку симптомите не поминуваат (се пролонгира тагата), туку стануваат поинтензивни, тогаш треба да се побара помош од стручно лице (психолог, психотерапевт, психијатар). Поддршката од другите блиски е добредојдена, мајката треба да се чувствува прифатено и неосудено, но за да не дојде до посериозна состојба многу е важно веднаш да се побара стручна помош.

Постпородилна депресија – кога симтомите на постпородилна тага ќе се интензивираат и пролонгираат (траат повеќе од две недели), тогаш најверојатно станува збор за депресија. Симптомите на постпородилна депресија се: 

  • Интензивно чувство на тага 
  • Преплавувачки умор
  • Безнадежност 
  • Несоница
  • Губење на апетит
  • Психомоторен немир
  • Интензивно чувство на вина
  • Беспомошност и суицидални мисли. 

Ваквата состојба го засегнува целото семејство, а се карактеризира со незаинтересираност за себе и бебето. Никако не треба да се самодијагностицирате или да чекате да исчезнат симптомите сами со тек на времето. Потребно е рано препознавање и работа со психолог или психотерапевт, а доколку е потребно треба да се вклучи и психијатар со одредена фармакотерапија.

Постпородилна психоза

Постпородилна психоза е најтежок облик на постпородилно пореметување кое бара итна медицинска помош. За среќа, се појавува кај една од петстотини мајки, а најчесто кај жени кои имале лична или семејна историја на растројства (биполарно, психоза). Се јавува брзо (една до две недели) по породувањето со најинтензивни симптоми. Жената се однесува агресивно, ирационално, има халуцинации, параноја и може да го повреди бебето, себе и другите. Третманот за лечење на оваа состојба вклучува медикаменти и итна хоспитализација.

Таткова постпородилна депресија 

Најчесто се јавува кај татковци кои се помлади (под 23год.),  доколку имаат историја на депресија или имаат некакви животни потешкотии. Има исти симптоми како кај поспородилната депресија кај мајката: чувство на тага, умор, вознемиреност и преоптовареност, промени во спиењето и јадењето. Доколку овие симптоми траат повеќе и се интензивираат, татковците треба да побараат стручна помош.

Побарај совет или насока од Величе Ристова

Психопатологија Величе Ристова

Јас сум лиценциран психолог и магистер по клиничка и советодавна психологија. Моето работно искуство вклучува работа со деца и млади, со возрасни и стари лица. Имам прилика преку мојата работа како психолог во клиника да се запознаам со сите предизвици на жените, трудниците и мајките. Исто така, имам искуство во работа со мажи, партнери и татковци. Посебно ме радува тоа што мажите почнаа да ги рушат стереотипите, да се грижат за нивното ментално здравје и да посетуваат психолог. Одговорноста која ја носи улогата на родител е предизвикувачка и за двајцата партнери.

Доколку почувствувате некој од симптомите или само ви е потребна поддршка во перинаталниот период, контактирајте ме. Ќе бидам вашата поддршка и ќе ви помогнам успешно да се справите со сите предизвици кои ги носи периодот. Многу е подобро да се превенира или рано да се дијагностицира психопатологијата. Не треба да губите време во чекање и одложување.
Пополнете го формуларот подолу и ќе имате прилика да се запознаете со начинот на кој работам.