fbpx

Запознај ги нашите психолози: Верица Бакулеска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до тренирани и професионални психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите деситици експерти за ментално здравје и анонимно да се допишувате. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, направивме интервју со секој од нив.

Денес Верица Бакулеска ќе одговори на неколку прашања.

Таа е дипломиран психолог кој последните четири години е посветен на работа како образовен асистент и терапевт на деца со посебни потреби – аутизам и АДХД во Охрид и Скопје. Верица е едукант и терапевт под супервизија на психотерапевтските правци – психодрама (центар за психотерапија и едукација Амигдала – Скопје) и гешталт (центар за личен развој, едукација и психотерапија Анима – Скопје). Исто така, таа има волонтерско искуство во работа со жени болни од карцином на дојка (психосоцијална поддршка и советување) во здружението „ Одраз “ – Битола, а дополнително волонтира со работа со аутистични деца во здружението „Марко Поло “ – Битола. Тука може да се наведе и работата на проект во соработка со Soroptimist Leadership Academy for women – Струга и „ Опција “ – Охрид наменет за олеснување на животот на сексуалните работнички во Охрид и Струга.

Со стекнато знаење и сертификати од многу обуки од областа на психологијата на различни теми како – работа со траума, пострауматски и кризни состојби, надминување на стрес, депресивност и справување со загуби , влијанието на социјалните мрежи, психолошка прва помош во случај на катастрофи и многу други обуки, Верица претставува идеален соговорник за широк спектар на предизвици.

Зошто работите како психолошки советник или психотерапевт? 

Учев во средно медицинско училиште со цел мојата кариера да ја продолжам во тој правец. Но, благодарение на праксата за медицинска сестра си ја запознав мојата емпатија, т.е. станав свесна дека повеќе се соживувам со животните проблеми што пациентите ги споделуваа престојувајќи во болница и дека желбата во иднина да можам да им помогнам да најдат соодветни решенија за да се справат со нив е поголема од желбата физички да ги лекувам. Во истиот тој период почнав и да го учам предметот – психологија и така сфатив дека тоа е професија за мене.

Што ве натера да се приклучите на Разговор.мк?

Нуди целосна анонимност – на овој начин помош би побарале и оние кои се плашат дека ако посетат психолог ќе бидат етикетирани а притоа се соочуваат со животни предизвици за кои и тоа како имаат потреба од психолошка помош.
Нуди голем избор – Избирањето на соодветен психолог/психотерапевт кој одговара на вашите потреби е од голема важност . На платформата може да се најдат повеќе психолози и психотерапевти, специјализирани во најразлични области така да се решава проблемот и за оние кои живеат во мали градови и изборот им е потесен .
Им олеснува на оние кои се многу зафатени – може да разговарате од било каде и одзема помалку време. Овозможува промовирање на психолошката дејност во пошироки рамки. И за крај, ова е нешто ново во нашата држава , одличен начин да се искористи технологијата во нашата професија и вакви корисни новитети поддржувам секогаш .

Што до сега ве направило најгорди на својата професија?

Горда сум секогаш кога ќе успеам да им помогнам на клиентите да си ја зголемат свесноста за себе и да излезат на крај со некој животен предизвик, но можам да кажам дека најголема гордост ми се постигнувањата во работата со деца со посебни потреби. Чувството кога знаеш дека на некој начин си му го олеснил функционирањето на дете со пречки во развојот е неописливо.

Можете ли да се сетите на момент или ситуација кога сте биле инпирирани од вашата професија?

Jас сум едукант на психотерапевтските правци – психодрама и гешталт терапија. Инспирирана сум секогаш кога го гледам начинот на работа на моите тренери по психотерапија. Тие ми се најголемата инспирација и мотивација.

Зошто ви е битно ова што го работите?

Со оглед на тоа што менталното здравје е од непроценлива важност, сметам дека правам нешто квалитетно за општеството.

Кој би бил вашиот совет за некој што се мисли дали да побара психолошко советување или терапија?

Првиот чекор е секогаш најтежок но ако соберете храброст да го направите ќе си го продлабочите познавањето на самите себе и на вашите потреби.

Како се забавувате во слободно време?

По природа сум екстроверт – сакам да поминувам време со моето друштво, семејството и домашните миленици, сакам да запознавам нови луѓе …Кога сум сама, обожавам да гледам некоја добра серија или да читам.

Доколку сакате да се посоветувате со Верица, превземете ја Разговор.мк мобилната апликација и закажете разговор!