fbpx

Запознај ги нашите психолози: Анѓела Секуловска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до тренирани и професионални психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите деситици експерти за ментално здравје и анонимно да се допишувате. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, направивме интервју со секој од нив.

Денес Анѓела Секуловска ќе одговори на неколку прашања.

Анѓела Секуловска e родена на 25.04.1994 година во Скопје. Основно и средно образование завршува во Скопје, а во 2018 година се стекнала со звање дипломиран психолог. Во 2012 и 2013 година е практикант на програмата на психолошката ординација „Амигдала“, а во 2015 година е практикант и во државната болница на одделението за психијатрија. Посетувала курс по психодрама во кабинетот за психотерапија „Амигдала“. Од 2020 година започнува со реализација на видеа кои третираат психолошки теми и кои се достапни на персоналната Facebook страна „Јас сакам…“. Посетувала курсеви за фотографија, Англиски јазик и други курсеви од повеќе психолошки области.

Зошто работите како психолошки советник или психотерапевт? 

Сметам дека секоја личност е посебна на свој начин и поседува нешто во себе. Од секоја личност може нешто да се научи. Токму тоа ме мотивира да помагам. А кога им помагаш на другите, си помагаш и себеси. Факт е дека сите ние претендираме да ги набројуваме сите наши непријатности, а никогаш не ги набројуваме своите радости. Кога би ги набројувале радостите како што заслужуваат, секој би видел дека има доволно среќа во животот. Тоа е мојата мисија, да им укажам на сите дека секој треба да биде среќен и дека среќата е во нас.

Што ве натера да се приклучите на Разговор.мк?

Динамичниот начин на живеење, честопати не прави да заборавиме на себе. Кога разбрав дека кај нас, за прв пат е креирана онлајн платформа за психолошка поддршка со целосна анонимност и посветеност на клиентите, знаев дека ваквиот начин ќе биде исклучително полезен за сите на кои им треба поддршка. Токму овој начин на комуникација советник-клиент овозможува разговорот да се направи во било кое време и клиентот полесно да се одлучи за разговор.

Што до сега ве направило најгорди на својата професија?

Секој напредок, секој мал чекор и секоја позитивна вибрација од страна на клиентите создава чувство на задоволство и мотивација. Кога работите работа која ја сакате и работа со која им помагате на другите,  горди сте и среќни кога ќе видите напредок кај останатите, особено кога знаеме дека преземањето нов чекор е тоа што најмногу ги плаши луѓето.

Можете ли да се сетите на момент или ситуација кога сте биле инпирирани од вашата професија?

Инспирацијата е во малите нешта. Почнувам од мали работи и кога тие имаат убав крај, ме обзема дополнителна инспирација.

Зошто ви е битно ова што го работите?

Сметам дека само со взаемна грижа и свесност за себе, можеме да им помогнеме и на останатите, правејќи го  светот подобро место за живеење. Секогаш тргнувам од себе, за да стигнам до останатите. Во работата секогаш ме води мислата на Достоевски дека среќата не лежи во самата среќа, туку во нејзиното постигнување.

Кој би бил вашиот совет за некој што се мисли дали да побара психолошко советување или терапија?

Во оној момент кога некој ќе почуствува слабост, страв и несигурност, нека се обиде да разговара со некого. Нека не одложува. Нека не се срами, нека се обиде, нема ништо да загуби, само ќе се почувствува подобро. Грижата за менталното здравје е иста како и грижата за физичкото здравје!

Како се забавувате во слободно време?

Особено ми е важна интеракцијата со моите најблиски, читањето книги, прошетките во природата, грижата и играта со моето куче и патувањата кога имам можност.

Доколку сакате да се посоветувате со Анѓела, превземете ја Разговор.мк мобилната апликација и закажете разговор!