fbpx

Запознај го тимот – онлајн психолог Билјана Стојановска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до тренирани и професионални психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите деситици експерти за ментално здравје и анонимно да се допишувате. Со цел подобро да ги запознаете и полесно да го одберете идеалниот онлајн психолог за вас, направивме интервју со секој од нив.

Денес Билјана Стојановска ќе одговори на неколку прашања.

Билјана Стојановска е oсновач и претседател на ЕСТЕЗИА-Центар за интегративен развој, советување и едукација во Скопје, магистер по психолошки науки, лиценциран психолог, психодијагностичар, советник по Интегративна и Гешталт психотерапија. Има работно искуство 10 години, од кои последните 8 години работи со деца и адолесценти во установа за деца без родители и родителска грижа.

Пред дипломирањето има и работно искуство уште 8 години како медицинска сестра во: Психијатриска болница “Скопје”, КПУ Идризово и Центар за стерилитет и сексуални проблеми. Имазавршено многу обуки и едукативни програми, некои од нив се за работа со: Зависности (кај деца, адолесценти и возрасни), ЛГБТ заедница, Трговија со луѓе, Деца во ризик, Дислексија и ADHD, Врсничко насилство, Справување и менаџирање со стрес и разрешување конфликти, Различни развојни нарушувања, ХИВ позитивни лица, лица со ТБЦ, лица кои користат метадон итн. Има спроведено две поголеми истражувања од областа на Индустриска и Организациска психологија во здравствените домови во Скопје и во КПУ Идризово, за поврзаноста помеѓу различни извори на работна оптовареност со психо-физичкото здравје и задоволството од животот.

Зошто работите како психолог или психотерапевт? 

Тоа е професијата која ме исполнува, во која вистински се пронајдов. Помислата дека правам нешто за доброто на другите, ме исполнува со радост. Знам дека не е толку лесно човек да е задоволен од работата, а јас сум среќна што и работата ми е извор на задоволство во животот.

Што ве натера да се приклучите на Разговор.мк како онлајн психолог?

Според мене, ова е одличен начин луѓето да добијат поддршка во соочувањето со секојдневните предизвици. Периодов е нов за сите, сите помалку или повеќе се соочивме со неопходноста од промени во секојдневното функционирање. А поддршка е секому потребна. Знаењето и искуството кои ги имам како психолог, се можност да дадам поддршка и да помогнам. И јас се обраќам за помош и поддршка кај професионалци, на пример кога ми е потребен финансиски совет, сметководствени или правни услуги. Секоја професија има свое поле на делување, а човекот е социјално битие, соработката и поддршката е потребна секогаш.

Тука е секако и анонимноста, која верувам дава дополнителна сигурност и слобода луѓето да се изразат без страв или срам. Мислам дека скоро секој психолог ќе биде онлајн психолог во блиска иднина.

Што до сега ве направило најгорди на својата професија?

Не би го нарекла гордост, повеќе е среќа и исполнетост. Тоа е топлината во душата што ја чувствувам кога ќе видам дека некој по нашите средби се чувствува подобро. А особено кога едно дете или адолесцент кој се соочува со развојни кризи, депресија или развојни нарушувања од најразличен вид, по неколку третмани ќе дојде полно со енергија и надеж за животот, барајќи совет за некоја одлука или за формирање животни цели и планови постепено формирајќи го својот вредносен систем во позитивна насока или детето кое имало тешкотии од социјален, психолошки или емоционален вид, ги надминува и функционира полесно. Насмевката и среќата кај децата е нешто непроценливо.

Можете ли да се сетите на момент или ситуација кога сте биле инпирирани од вашата професија?

Секако, го паметам моменот кога дефинитивно одлучив на која професија сакам да се посветам. Тоа беше кога работев како медицинска сестра во Центарот за зависности. Бев во постојан контакт со психијатрите и психолозите и ги читав нивните извештаи и наоди. Бев воодушевена од тоа како откриваат што се случува во душевниот свет на младите кои имаа проблем со зависности. Имав можност и да ги следам промените кои се случуваа кај пациентите со текот на времето. Значи, ми се допаѓаа и двете професии: психијатар и психолог. Но, денот кога присуствував на едно психодијагностичко иследување, со советување и задавање на психолошки тестови, а потоа и при интерпретацијата на тестовите и читајќи го психолошкиот наод и мислење, како и разговорот со пациентот кој го имав потоа, беше одлучувачки да се определам токму за оваа професија.

Зошто ви е битно ова што го работите?

Зошто знам дека секој човек се соочува со психолошки кризи некогаш, предизвикани од различни фактори. Во тие моменти е најпотребно да се потсетиме дека има начин да се надмине се полесно или да се функционира полесно, а за тоа е потребен и чекор да се побара психолошка помош. Секогаш постои и поинаков начин за се, но не секогаш психолошката состојба дозволува тоа да го видиме. Психолошкото советување не води низ процесот на личен развој.

За мене како личност е многу интересно што психологијата е наука во која секогаш има нешто ново да се учи. Исто така, има многу правци кои ми даваат слобода да го изберам полето на професионално дејствување и специјалност, кое најмногу ме интересира и каде можам посветено и со задоволство да работам.

Кој би бил вашиот совет за некој што се мисли дали да побара психолошко советување или терапија со онлајн психолог?

Секој човек има тело, душа и дух. Интегритетот помеѓу нив е тоа што го нарекуваме ’јас’. Секој треба да се грижи и за душевното здравје и личниот развој, со цел подобро психо-социјално и емоционално функционирање.

Како се забавувате во слободно време?

Сакам да читам, да истражувам и да пишувам. Ме прават среќна прошетки во природа, разгледување нови места, викенд, кафе, ручек или чаша вино со искрени луѓе околу мене. Ги сакам животните. Сакам да слушам добра музика. Слушам модерна и духовна, тогаш играм, пеам и се радувам на животот како дете, особено кога до мене има личност на која не и пречи мојот антиталент за пеење 🙂

Доколку сакате да се посоветувате со Билјана, превземете ја Разговор.мк мобилната апликација и закажете разговор!