fbpx

Запознај ги нашите психолози: Драгица Стаменковиќ

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до тренирани и професионални психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите деситици експерти за ментално здравје и анонимно да се допишувате. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, направивме интервју со секој од нив.

Денес Драгица Стаменковиќ ќе одговори на неколку прашања.

Драгица работи повеќе од 15 години со луѓе во полето на меѓучовечки односи, комуникација и менаџирање. Како лиценциран психолог и семеен советник, преку индивидуална и партнерска терапија, советување и коучинг им помага на клиентите во надминување на разни потешкотии: анксиозност, депресија, панични напади, справување со трауми, но и унапредување на личните вештини. Во својата работа користи техники од Семејна и Системска психотерапија, Трансакциона анализа и Невро-лингвистичко програмирање.

Зошто работите како психолошки советник или психотерапевт? 

Заради љубопитноста. Од секогаш ме интересирал човекот и неговата душа. Психологијата како наука за душата ми даде многу одговори, а психотерапијата секој ден ми ја потврдува комплексноста на човечкото битие преку индивидуалноста и посебноста на секоја поединечна сесија.

Што ве натера да се приклучите на Разговор.мк?

Сеприсутната дигитализација и начинот на живот. Во светски рамки, советувањето и психотерапијата се повеќе го напуштаат традиционалниот начин и од физичка просторија се преселија на chat, video live, on-line советување и сл. Моменталната ситуација со Ковид 19 ги забрза овие трендови и во нашата замја, а Разговор.мк го сфаќам како одличен, креативен и корисен начин за адаптација на овие текови.

Што до сега ве направило најгорди на својата професија?

Горда сум на секоја сесија со моите клиенти, кои многу често доаѓаат на терапија загрижени, замислени и оптеретени, а заминуваат порастеретени, порасположени, посамоуверени и пред се посмирени. Таа мала промена кај нив ме прави горда и претставува потврда на мојата работа.

Можете ли да се сетите на момент или ситуација кога сте биле инпирирани од вашата професија?

Најчесто се инспирирам гледајќи ја работата на моите ментори и други врвни терапевти. Секогаш ме инспирира леснотијата и спонтаноста која ја имаат само вистинските стручњаци.

Зошто ви е битно ова што го работите?

Затоа што прави промена. Не сакам status quo ситуации во ниеден случај, бидејќи длабоко сум убедена дека само промената и движењето кај индивидуата или системот овозможува раст и развој.

Кој би бил вашиот совет за некој што се мисли дали да побара психолошко советување или терапија?

 Сметам дека секој кој чувствува било каква потреба инцирана од некаква потешкотија, внатрешно преиспитување или консултација треба да се охрабри и да побара помош. При тоа доколку постојат потешкотии кои го нарушуваат квалитетот на животот, тогаш неопходно е да се побара советување или терапија кои преку поддршка ќе и помогнат на личноста да го оствари своето право на исполнет и здрав живот.

Како се забавувате во слободно време?

Многу читам. Книгата е лек и пријател. Сакам патувања. А, најмногу уживам во љубовта и времето поминато со моите две ќерки, партнерот и пријателите.

Доколку сакате да се посоветувате со Драгица, превземете ја Разговор.мк мобилната апликација и закажете разговор!