fbpx

Разговарај со: Рената Димановска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до тренирани и професионални психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите деситици експерти за ментално здравје и анонимно да се допишувате. Превземете ја нашата андроид мобилна апликација и закажете анонимно советување со некој од психолозите на платформата!

Со цел подобро да ги запознаете психолозите, направивме интервју со секој од нив.

Денес Рената Димановска ќе одговори на неколку прашања.

Зошто работите како психолошки советник или психотерапевт? 

Најблагородното нешто во работата како советник е можноста клиентите да ги изразат своите најдлабоки чувства и мисли во сигурна средина која е ослободена од секакви предрасуди. Во свет во кој постојано сме критикувани од непроценлива важност е да има
некој кој ќе сослуша и разбере. Нема поголемо задоволство од тоа да се биде дел од процесот во кој личноста учи да се сака и прифаќа себе си.

Што ве натера да се приклучите на Разговор.мк?

Целокупната ситуација во која се наоѓаме ја наметнува потребата од постоењето на онлајн советување. Разговор.мк е платформа која нуди целосна анонимност, па така секој еден може да се мотивира и да го направи првиот чекор кон барање на психолошка помош. Оваа платформа нуди голема флексибилност и им го олеснува пристапот на оние кои се зафатени. Сметам дека ова е одличен начин за многу лица да се мотивираат и да ја побараат помошта која им е потребна.

Што до сега ве направило најгорди на својата професија?

Горда сум секогаш кога гледам како клиентите се ослободуваат од товарот кој долго го носеле во себе , кога гледам како малите “гласови” стануваат поголеми и посигурни. Секој заслужува да биде слушнат. Нема поголемо задоволство од сознанието дека си бил дел од нечија трансформација.

Можете ли да се сетите на момент или ситуација кога сте биле инпирирани од вашата професија?

Последните две години работам со деца со аутистичен спектар на нарушувања. Најголема инспирација ми е кога го гледам нивниот секојдневен напредок. Кога гледам како градиме силна и стабилна врска која вродува со плод. Чувството е непроценливо.

Зошто ви е битно ова што го работите?

Сметам дека менталното здравје е од суштинска важност за целокупното функционирање на личноста. Свесноста за себе и сопствените потреби е патот кон остварување на сопствените потенцијали и подобрување на квалитетот на живеење.

Кој би бил вашиот совет за некој што се мисли дали да побара психолошко советување или терапија?

Секојдневната борба со сопствените стравови и тоа како знае да биде исцрпувачка. Го охрабрувам секој еден кој се соочува со потешкотии да го направи првиот чекор и да побара помош. Спознавањето на себе си и превземањето на одговорност за сопствените потреби и постапки несомнено водат кон раст и развој.

Како се забавувате во слободно време?

Од особено значење ми е времето поминато со пријателите и семејството како и времето поминато во театар. Секоја претстава ја проследувам со голем интерес. Голем љубител сум на животни, а воедно и член на здружение за заштита на животните, па дел од
слободното време го поминувам со нив и моето милениче. Сакам патувања, па секогаш кога сум во можност истражувам нови места.

Доколку сакате да се посоветувате со Рената, превземете ја Разговор.мк мобилната апликација и закажете разговор!