fbpx

Одговорно и позитивно родителство

Да, темата за родителството и за воспитувањето на децата отсекогаш била актуелна, полна со предизвици и постојано подлежна на нови научни истражувања.  Во секоја нова деценија родителските стилови добиваат некои нови форми кои не биле карактеристични за претходната, доколку се земе општествениот контекст кој нели постојано се менува, а се менуваат и очекувањата кои одат заедно со улогата на родител, но воглавно коренот на родителската улога останува ист.

Родителските стилови кои и денес се практикуваат во психолошката теорија се базираат на работата на Diana Baumrind, развоен психолог, која во 60 тите години забележала дека преучилишните деца манифестираат различни однесувања и секое однесување било поврзано со специфичен родителско воспитен стил, релација која водела до различни резултати во детскиот развој, релација која  развива одредени карактеристики и особини кај децата.

Нејзината работа базирана на темелна анализа и опцервација довела до идентификување на четири, добро познати родителско воспитни стилови: авторитативен, авторитарен, попустлив и индиферентен.

Најпрактикуваните родителски постапки означуваат индивидуална склоност кон одреден родителски стил, кој родителите го оправдуваат и му даваат приоритет, секако многу често се забележува и практикува и излегување од границите од еден родителски стил и комбинација на повеќе родителски стилови но тоа што е неоспорно е дека воспитниот стил има есенцијална улога во когнитивниот, социјалниот и емоционалниот  развој на децата.

Индивидуалната рефлексијата за каде на спектрумот на родителски стилови се наоѓате може да биде многу корисен и чекор напред, додека разговор со други родители како и советување со фасцилитатор/советник може да има смирувачко и позитивно влијание за вас.

Станувањето родител за повеќето луѓе е возбудливо време во животот, но родителството е дефинитивно најпредизвикувачката работа, работа за која нема прирачници, нема претходен тренинг, нема годишен извештај кој би потврдил дали работите добро, а пропратно има и емоционални и физички притисоци,  особено кога е тешко да се балансираат барањата дома, на работа и во заедницата.

Нема точно/неточно, правилно/погрешно во родителството, секој човек носи индивидуални карактеристики, ресурси и потенцијали и родителски сет на вештини, во кој давањето љубов и грижа се на врвот на листата, со што секој човек е еднакво компетентен и секако секој може да научи да биде подобар родител со малку труд, како на пример промена во пристапот, поставување здрави граници, балансирање на љубовта и разбирањето со здрави и ненасилни дисциплински избори и прифаќање на одговорни и позитивни родителски стратегии.

Позитивно родителство

Позитивно родителство е пристап кој се базира врз дадените препораки во Светскиот извештај за насилство врз децата на Обединетите нации од 2006 година, за намалување на насилството врз децата во нивните семејства, како промена на културолошката практика која придонесува за зголемување на насилството врз децата, вклучувајќи и забрана на физичката казна, промовирање ненасилна комуникација и релации со детето, усовршување на вештините на родителите за користење ненасилна комуникација и почитување на детската личност, правата и развојните потреби. Позитивното родителство во основа ги има афирмацијата и сигурноста во своите родителски постапки и методи, развивање самосвест, самодоверба и надградување на родителските капацитети за поддршка и воспитување на детето.

Одговорното родителство инволвира повеќе од насочување на децата во правилна насока. Тоа инволвира  континуирано мониторење на сопственото однесување  и реакции на начин на кој би сакале и вашите деца да го моделираат истото. Народски кажано, што ќе посеете, тоа ќе жнеете, и не се сомневајте дека било која ваша не така омилена навика, детето со сигурност ќе ја присвои.

Како одговорен родител, есенцијален дел од моделирањето на однесувања и вредности кои би сакале да ги видите кај своите деца ќе е да најдете време да го анализирате сопственото однесување и да направите позитивни промени. Доколку ви се случи да манифестирате негативно однесување или навика, извинете му се на своето дете и признајте ја својата грешка, со тој процес му помагате на детето да ја научи вредноста на себесвесноста, да ја препознае потребата за позитивна промена и да превземе одговорност за своите избори и однесување.

Позитивни практики

Тоа што би сакала да истакнам, некако на крајот на текстот но секако од особена важност за сегашните и идни родители е мало потсетување за пар позитивните практики кои доаѓаат со одговорното родителство и кои голем број експерти ги препорачуваат, а родителите несвесно ги забораваат, како:

Грижа за себе

Иако го гледате детето како ваша примарна одговорност, ќе биде искучително тешко да одговорите на потребите на децата доколку не ги негувате своите потреби. Во денешно време многу родители ќе бидат приморани на прекувремено работење, втора работа и ќе се доведат себеси до своите емоционални и физички лимити, во одреден период, но овој пристап не  е одржлив на долги стази, дури и најенергичните родители не може да го дадат најдоброто од себе доколку не се грижат доволно за себе. Грижата за себе подразбира личен развој, стрес менаџмент,  квалитетен сон, редовна и здрава исхрана и нега на вашите значајни партнерски релации. Дури и легнување на вашето дете половина час порано за да си дадете време и грижа на себе, наредниот ден ќе резултира со квалитетен однос со вашето дете, подобро расположение, а вие како посигурен и посмирен родител.

Поддршка и советување

Како одговорен родител треба да сте свесни за димензиите на базичните потреби, физички, емоционални, едукативни, кои ќе му се потребни на вашето дете и кои ќе еволуираат со текот на развојните периоди на вашето дете. Одговорните родители разбираат дека секое дете е уникатно и богато со свои индивидуални караткеристики и не се обидуваат да применат еден пристап за се, кога е родителството во прашање, туку напротив креативен и стратешки пристап кон било кој предизвик.

Најзначано обележје на одговорното родителство е да знаете кога да побарате поддршка. Одговорниот родител ќе ги препознае своите лимити во знаење и смиреност и ќе посегне кон својата мрежа на поддршка, која вклучува, семеен систем, пријатели, едукатори, педијатри и психолози/терапевти, затоа што барањето поддршка е здрава човечка состојба и храбар и паметен избор, од кој ќе има видливи придобивки за вас, вашето дете и вашата блиска околина.


*Текстот е испечатен во уличното списание “ЛицвЛице”