fbpx

Важноста на емоционалната интелигенција

Дали некогаш сте се нашле во расположение каде што и самите не знаете што чувствувате во моментот? Навистина е тешко  да се објасни на некој друг како вистински се чувствуваме. Во вакви ситуации обично првата реакција е тенденција кон фрустрација од незнаење. Замислете сега доколку ова ни се случува нас како возрасни, како би се чувствувале деца, кога нема да ги разберат своите емоции. Колку едноставно да звучи ефектите можат да одат и до екстремни однесувања како: непослушни деца, тинејџери деликвенти, болести на зависност, стресно растројство, ментални растројства…

Не мора ни да се потенцира исклучителната важност да се стремиме кон развивање на емоционална интелигенција на нашите деца, почнувајќи од што е можно порана возраст.

Емоционална интелигенција

Емоционалната интелигенција помага за здрав и оптимален развој. Детето кое поседува висок степен на емоционална интелигенција има вештина да ги препознае своите емоции, да знае да ги разликува емоциите, знае да ги контролира своите емоции, како и да ги разбира емоционалните состојби на другите луѓе и да избере како да мисли, да чувствува и да дејствува.

Детето кое поседува високо ниво на емоционална интелигенција има способност да ги идентификува и да ги искажува сопствените чувства. Пример: тажен/а сум, среќен/а сум, лут/а сум на…Како и способност истите чувства да ги поврзе со одредено однесување. Пример: кога сум тажен/а плачам, кога сум среќен/а се смеам, кога сум лут/а сакам да скршам нешто и сл. Детето кое ги стекнало овие вештини понатаму може да ја развие вештината на пренасочување на чувствата.

За да му помогнете на детето да ја развива својата емоционалната интелигенција треба да му се понуди можност да ги изрази своите автентични доживувања на едноставен начин, да му помогнеме да научи само да ги решава своите проблеми, и да има можност да искуси и непријатни емоции без претерано да го заштитуваме. На тој начин кај детето се зголемува самодовербата и учи повеќе вештини.

Понудете им на децата да учествуваат во различни социјални ситуации. Ограничете го времето поминато пред компјутер, таблет или телевизор, поттикнувајте читање. Емоционалната интелигенција се гради преку учество во различни социјални ситуации, преку контакти со врсници и други деца.

Набљудувајте и забележете го однесувањето на децата, креирајте приказни кои ќе се дел од вас, потикнувајте конекции и давајте им избори, преименувајте ги грешките, создадете активна и кооперативна средина, дајте им важност на детските емоции и цели.

Ако ова се инфилтрира во рана фаза позитивно ќе влијае на развојот на децата во подобри личности, детето има подобри шанси за успех понатаму во животот, во работната средина, во градењето пријателства, емоционални врски и семејство.

Ние како родители, едукатори, советници сме модели според кој  детето учи. Искреноста, отвореноста и доследноста  во изразувањето емоции пред детето на јазик кој е соодветен на нивната возраст ќе доведе до правилен развој на емоционалната интелигенција.

*Текстот е испечатен во уличното списание “ЛицвЛице”