fbpx

Пореметувања во исхраната – Од диета до депресија

Најпознати пореметувања во исхраната се анорексија и булимија. Истите се вброени во класификацијата на болести на Американската психијатриска асоцијација од 1980 година, како подвид на пореметувањата во детството и адолесценцијата. Нездравите навики во исхраната, како што се строгите диети, прејадувањето и користењето на штетни начини за контрола на тежината (пример: повраќањето или употребата на лаксативи), претставуваат сериозен проблем и причина за посета на психолог.

Анорексија

Анорексија нервоза е сериозно психичко пореметување кое се карактеризира со редукција на земањето на храна, одржување на минимална телесна тежина, преокупираност со тежината и изгледот, интензивен страв од евентуално покачување на тежината и некритично оценување на сопствениот изглед, односно искривена перцепција за истиот. Анорексијата е начин на кој лицето се обидува да излезе на крај со своите емоционални проблеми, перфекционизмот и желбата за контрола. Анорексијата често само е несоодветен начин на кој личноста се обидува да ја зголеми самодовербата.

Психичките повреди, потреси, конфликти, можат да го предизвикаат ова пореметување, а во анамнезата често се среќава одвојување, отфрлање, смрт во семејството, пореметување во половиот развој и сл.

Лицата кои имаат анорексија телесната тежина често ја контролираат со намерно гладување или прекумерно вежбање. Најчесто се појавува кај адолесцентните девојки и има највисока смртност помеѓу психичките пореметувања, со оглед на тоа што 10 % од лицата со дијагностицирана Анорексија нервоза имаат сложено пореметување кое вклучува психолошки, невробиолошки и социолошки компоненти. Психолошки симптоми кои се јавуваат се апатија, депресија, губење на интересот за социјални контакти, а социјалните контакти се исполнети со агресија и непријателство.

Анорексија и депресија

Поврзаноста на анорексијата со депресијата е јасна, бидејќи кај лицата со анорексија животната динамика и нагонските потреби се намалени, постои непријателски однос кон себе и кон светот. Агресијата често е блокирана и се насочува кон себе.

Прогнозата на анорексијата зависи од причините и длабочината на конфликтите кои стојат во позадината на пројавените симптоми, одбраната на организмот и подготвеноста на лицето за лекување. Пореметувањето може да трае долго време во поблаг облик, а помош се бара кога телесната тежина е премногу намалена и кога психичките промени почнуваат значајно да пречат во секојдневното функционирање.  

Во фокусот на лекувањето е психолошкото лекување, кое може да вклучува индивидуална, семејна или групна психотерапија и советување, често комбинирано со антидепресиви и совети за исхрана од нутриционист. Целта е соодветно да се реагира на чувството на глад и ситост, како и правилно разбирање и изразување на емоциите.

Како советничка по Интегративна и Гешталт психотерапија, вклученаа во тимот на Разговор.мк, со лицата кои го имаат овој тип на нарушување во исхраната, работиме не само на нарушувањето во исхраната, туку и на личноста, земајќи ја во предвид целината од симптомите, личноста и околината.

Работиме заеднички на:

  • Запознавање на силите и мотивацијата;
  • Заедничко барање одговор на прашањата:- Кој/а сум јас? и – Што сакам во животот?
  • Свесност, автентичност, одговорност;
  • Препознавање на емоциите;
  • Емоционална регулација;
  • Поттикнување на асертивност и комуникација;
  • Работа на односите;
  • Работа на себе и сликата за себе и
  • Насочување кон симболиката на хранењето и симболиката на симптомите.