fbpx

Јас се разведувам

Што е брак од психолошки аспект?

Бракот е брачна заедница која е законски регулирана помеѓу две страни – така би ја дефинирала со правничката терминологија но, од психолошки аспект, тоа е нешто подлабоко. Брачната заедница е 24/7 часовен живот со личноста со која сме одредиле да го поминеме животот и во добро и во зло до крајот, до терминалната фаза. Или до “Јас се разведувам…”

Можам да речам дека верувам во енергиите и верувам дека брачните врски како еден вид на енергетски врски се многу силни, го одредуваат животниот тек и многу тешко целосно се “кинат”. Да бидам поконкретна, за една врска, во овој случај како што е бракот да заврши целосно, значи сите страни да имаат неутрални чувства кон другите, да се емоционално, физички и енергетски разделени.

Kако психотерапевт можам да кажам да се живее со саканата личност е здрав живот. Многу истражувања докажуваат дека оние кои имаат партнер на кого можат да се потпрат, да разменат информации и да ја делат постелнината се помалку под стрес и кај нив количеството на хормонот на среќа ендорфинот е повисок, имаат регулиран крвен притисок и се чувствуваат “психолошки посилни”.

Човекот е социјално суштество кое за разлика од животните не живее само нагонски и инстинктивно. Во дејствувањето го отсликува рациото (когнитивното), емоционалното (чувственото) и наученото (воспитанието). Ете токму затоа велиме дека ние сме најсовршените суштества бидејќи сме многу сложени. А замислете кога живеат две такви сложени суштества, маж и жена кои се во многу погледи различни и треба да се договараат за сложени животни прашања, да негуваат и воспитуваат деца, да печалат и да бидат среќни сите заедно. Навистина тешко но, не е невозможно.

Која е најчестата причина за склопување на брачна заедница?

Мошне различно. Токму сега секој читател може да размисли зошто стапил во брак и зошто токму со таа личност. Некои се одлучуваат да кажат доживотното ДА, на пр.затоа што го сакаат партнерот, некои бидејќи го сакаат онолку колку што треба за да имаат деца, други исклучиво заради деца, трети затоа што се долго време заедно, па и некако е ред да ја озаконат таа врска и да го намалат притисок од сродниците кои нетрпеливо чекаат девте страни да се “скрасат” а тие да добијат внуче и со тоа нова димензија во животот, некои бидејќи им одминува времето, некои затоа што така треба и што понатаму ако не брак, и за жал има и такви кои тоа го прават од некој интерес, кој најчесто е материјален а, не духовен.

 Но, еве да речеме дека бракот е склучен од некој вид на љубов или потреба за припаѓање! Дали е таа автентична љубов? Верувам дека тие се ретки. Најчесто партнерите наликуваат на нашите родители, сродници или комбинација од нив. Тоа е така бидејќи образецот на однесувањето мора да се повторува. И тоа е “психолошка генетика” и пренос од едно на друго колено.

Разгледајте го вашето семејно стебло пошироко. Видете дали и вие сте во тој скрипт. На пример постојат семејства во кои подоцна се стапува во брак, за разлика од оние кај кои веднаш по завршување на образованието се прави тоа, постојат семејни стебла во кои стапката на развод е честа, семејства во кои некој од сопружниците е несоодветен модел а, другиот сопружник по секоја цена, решава да остане во таков брак итн.

Вистината е едноставна. За да се стапи во брак тоа би било убаво да е од љубов со партнер со кој делиме исти или слични вредности, стил на живот и со кого може да се комуницира и наоѓа решение но и да се забавува.

https://www.youtube.com/watch?v=2xbVeZT1-8s&t=1121s
Розалија Секулоска зборува за бракот

Која е најчестата причина за развод?

Кратко и јасно, најчестата причина за развод е токму онаа заради која двете страни стапиле во брак. Ова е многу длабоко  и несвесно, но бараме компелентарен партнер на нас за да бидеме цело, а всушност треба да бидеме посебни индивидуи кои ги прифаќаат туѓите сличности но и разлики. Токму онаа особина која не привлекла, често може да биде причината за развод.

Други причини се екстремни како неверство, насилство, болест или немање на пород. Моето професионално искуство кажува дека кога партнерите се разведуваат кажуваат дека веќе не можат да го “смислат и поднесат” човекот или жената која ја сакале. Самото присуство, начинот на кој зборуваат, јадат, спијат толку многу ги иритира, што не можат повеќе. Но никој не се развел заради “мљацкање” при јадење или хрчење при спиење, пак ќе речам тоа е многу подлабоко.

Како го доживуваат разводот сите членови на поранешното семејство?

На стрес скалата разводот е на трето место. Тоа е огромна бура која ја разнишува поранешната, каква таква стабилност, и со себе повлекува непознати промени. Имањето на деца уште повеќе може да ја усложни постапката доколку партнерите не го надминат процесот на загуба и не го обжалат разводот за да не се доведат во ситуација поколението да го користат како оружје за одмазда. Тука се и имотните делби, делењето на пријателите и одделувањето од роднините, потреба за нова структура на време и секако предрасудите, етикетите и озбурувањата на другите со кои треба да се носат сите членови долго време, па дури и до крај на животот.

Кој најмногу страда?

Сите страдаат. Започнувајќи од бабите и дедовците па се до оние во микро семејството. Оваа стресна промена е силна и за мажот, жената и за децата. Најчесто за жал сопружниците имаат потреба да се покажат силни од една страна а, од друга да му се одмаздат на поранешниот партнер. Во таа бесмислена војна, децата можат да бидат занемарени а, и тие се збунети со многу прашалници во главата кои треба да им ги одгатнат родителите со вистинските информации а, не со лаги.

Ако децата се мали, на рана училишна возраст, бидејќи се егоцентрични можат да мислат дека мама и тато повеќе не ги сакаат и затоа се разведуваат, а тинејџерите можат да застанат на едната страна и да го обвинуваат другиот родител но, во светот на врсниците да ја премолчуваат оваа информација за да не бидат етикетирани, неприфатени и исмејувани.

Затоа како психотерапевт би им посоветувала на возрасните да се воздржат од личните отрови и да се посветат кон децата и иднината.

Според Вас, како психотерапевт, што мислите дали е подобро да се остане во брак по секоја цена или да се разделат страните?

За мене, ништо по секоја цена не е решение. Доколку животот во заедница станува толку неподнослив и носи поголема штета отколку корист, можеби најдобро решение е секој да замине на своја страна ако се исцрпиле сите извори за наоѓање на договор и соживот.

Потешки се оние случаи кои се колебаат долго време дали да се разведат или да останат заедно. Живот на долги стази без одлука во состојба на фрустрација е потенцијален извор на болест. Нив би ги прашала зад што се кријат и од што се плашат од одлука?

Кога е вистинското време за психотерапевтска поддршка?

Во сите фази од бракоразводната постапка. На почеток психотерапевтот работи со двата партнера, одделно и заедно за да се откријат причините за антагонизмот и донесената одлука со цел да се види дали постои простор да опстои бракот. Тука може да заврши нашата работа. Ако сопружниците останат на ставот дека донеле одлука за развод, тогаш психотерапевтот работи на јакнење на личносните капацитети на сите и секако на децата.

Побарај совет или насока од Розалија Секулоска

Губење на саканата личност
Розалија Секулоска,
Лиценциран психолог

Како терапевт со обемна обука за различни пристапи, како што се когнитивно-бихејвиорална психотерапија, трансакциска анализа и енергетски терапии како РЕИКИ, им помогнав на многу клиенти кои се справуваат ваков предизвик. Користам различни техники, како што се водени слики, свесност и когнитивно реструктуирање, за да им помогнам на клиентите да ги обработат своите чувства на тага и да се движат кон прифаќање.

Мојот пристап е насочен кон клиентот, што значи дека ги приспособувам моите методи за да ги исполнам специфичните потреби и цели на секој поединечен клиент. Работам во соработка со клиентите за да ја истражам нивната тага и да развијам персонализирани алатки и стратегии за да им помогнам да се движат низ процесот на лекување. Исто така, нудам постојана поддршка по потреба, признавајќи дека тагата е патување кое бара време и трпение.