fbpx

Интервју на тема „Зимска депресија“ – Верица Бакулеска

Верица Бакулеска е еден од психолозите со кои можете да се советувате преку платформата на Разговор.мк. Ви го пренесуваме нејзиното интервју во врска со таканаречената “зимска депресија” и влијанието на временските услови врз менталното здравје.

Како зимскиот период може да се одрази врз менталното здравје на луѓето? Што може да се очекува особено кај вљубениците во престојот во природа. Како кај нив се одразува секојдневието со студ и недостиг на сонце?

Не случајно одредени култури му даваат голема важност на сонцето, молеќи се да им донесе добро здравје.

Научните докази потврдуваат дека сончевата светлина влијае врз оптималното човеково функционирање. Веќе е добро познато дека сончевата светлина го поттикнува лачењето на хормонот серотонин, познат како „ хормон на среќата “. Топлото време предизвикува пријатни чувства. 

Спротивно на тоа, ладното време и затвореноста во домовите може да го намали расположението и да има лошо влијание. Посебно кај лица кои секојдневно имаат проблеми со состојби како анксиозност и депресија, затворениот простор често ја влошува ситуацијата.

Сепак, сметам дека вљубениците во природата знаат како истата да ја искористат и во зимскиот период. На пример, уживајќи на планинските места или во зимските спортови.      

Дали може да очекуваме позиразени ментални проблеми во овој зимски период кој е проследен со пандемијата со коронавирус? Терминот „поизразени ментални проблеми“ се однесува на анксиозност и депресија и слични проблеми поврзани со менталното здравје.

Покрај опасноста за физичкото здравје, Корона вирусот дефинитивно може да ја загрози и менталната благосостојба.

Намалената социјализација кај многу луѓе предизвика оттуѓеност и ја зголеми паранојата. Сметам дека ова ќе биде присутно и некое време од кога сето ова ќе заврши.

Пандемијата го забави вообичаено брзиот живот и не натера да „седнеме“ сами со себе и подобро да се запознаеме. Тоа е добро, но отвара многу процеси кои некои личности не можат да ги поминат сами. Доколку не побараат помош не ретко се јавуваат панични напади или погоре споменатите, анксиозност и депресија.

Според некои познавачи зимската депресија се уште е мистерија која допрва треба да се проучува, но што велат Вашите познавања и Вашето досегашно искуство? Зошто зимата може да доведе до негативни емоции и да направи луѓето да се почувствуваат осамено?

Сезонското афективно растројство ( САР ), наречено зимска депресија, се јавува во есен и зима и трае се додека траат овие месеци. Додека клиничката депресија често се манифестира со несоница и губење на апетитот, овој вид на депресија се одликува со поспаност и зголемен апетит. Други симптоми се: намалена концентрација, необјаслива тага, апатија и раздразливост. 

Се смета дека причина за оваа состојба е дисбалансот на хормонот серотонин или на мелатонинот. 

Ризик фактор се и лицата кои претходно се соочиле со клиничка депресија или биполарно растројство. Исто така, овде спаѓаат и лица кои имаат член од семејството кој страда од овој вид на депресија. 

Морам да предупредам дека не секогаш се работи за зимска депресија ако депресивното расположение се појави во студените месеци.  Многу луѓе едноставно се чувствуваат меланхолично за време на празничниот период и тоа не мора да биде поврзано со депресија.

Дополнително, на пример, ако нешто лошо ви се случило во Декември и сега секој Декември се чувствувате тажно, тоа не е САР туку емоционална асоцијација за тој месец.

Дебелеењето за време на зимските месеци е едно непишано правило, кое според нутриционистите се должи на поголемата затвореност. Оттука, би Ве прашала дали за време на овој период од годината може да развиеме навика за емотивно прејадување? Колку се луѓето склони кон тоа да и се предадат на храната во недостиг на можности за надворешни активности?

Како што споменав и погоре, лицата кои патат од зимска депресија имаат тенденција да се прејадуваат. Ова на некој начин им го подобрува расположението иако тоа не е здрав начин за надминување на проблемот.

Емотивното прејадување претставува прејадување со свесна или несвесна цел да се „ проголтаат “ несаканите чувства како : стрес, лутина, страв, досада (која почесто се јавува во постудените месеци).

На оние кои го имаат овој проблем би им сугерирала да не забележуваат само што јадат туку и како јадат, дали јадат со свесност и што за нив значи храната.

Како да си помогнеме? Кои се вашите препораки за поголема ведрина во секојдневието кога истото го поминуваме во услови на ограничувања за интеракции во општеството?

Покрај сончевата светлина, на расположението може да влијае и краткото пешачење, вежбање, здрава храна, јога или медитација.

Во врска со социјалните ограничувања, потсетете се дека ова не е состојба која ќе трае уште долго и дека не ни се налага социјална туку физичка дистанца. Сеуште можеме да комуницираме меѓусебе користеќи ја технологијата.

За оние кои доживуваат поинтензивни симптоми на САР би препорачала да посетат доктор и секако, психолог кој би им го олеснил процесот.

Создржината е превземена од Македонски Медиа сервис.