fbpx

Една третина од луѓето кои преживеале Ковид-19 страдаат од „мозочно заболување“

Секое трето лице заразено со Ковид-19 има подолгорочни ментални или невролошки симптоми, објавија истражувачите во вторникот.

Според студијата објавена во вторникот во списанието Lancet Psychiatry, 34% од луѓето кои преживеале КОВИД-19 добиле дијагноза за невролошко или психолошко заболување во рок од шест месеци по нивната инфекција.

Најчеста дијагноза е анксиозност, пронајдена кај 17% од оние третирани за Ковид-19. По ова следуваат нарушувања на расположението, откриени кај 14% од пациентите.

Невролошките ефекти се потешки кај хоспитализирани пациенти. Сепак истите се чести и кај оние кои се лекувале само во амбулантски услови, забележуваат истражувачите.

Максим Такет, академски клинички соработник по психијатрија на Универзитетот во Оксфорд и коавтор на новата студија го изјави следното. “Таа стапка се зголемуваше прогресивно како што се зголемуваше тежината на болеста. Ако погледнеме кај пациенти кои биле хоспитализирани, таа стапка се зголеми на 39%.”
Овие резултати помагаат да се осветли патот за тоа како здравствениот систем треба да продолжи да им помага на преживеаните Ковид-19, велат истражувачите.

“Нашите резултати укажуваат на тоа дека мозочните болести и психијатриските нарушувања се почести по Ковид-19 отколку по грип или други респираторни инфекции. Сега треба да видиме што ќе се случи по шест месеци”, додаде Такет.

Коронавирусот како “мозочно заболување”

Ова е најголемото истражување од ваков вид досега. Истото вклучува електронски здравствени досиеја на повеќе од 236 000 Ковид-19 пациенти, претежно во САД. Истражувачите ги споредиле нивните записи со оние кои доживеале други инфекции на респираторниот тракт во иста временска рамка.
Тие забележале дека оние со Ковид-19 имаат 44% зголемен ризик за невролошки и психијатриски заболувања во споредба со луѓето кои закрепнуваат од грип. Дополнително , тие имаа 16% поголема веројатност да ги доживеат тие ефекти во споредба со луѓето со други инфекции на респираторниот тракт.

Околу еден од 50 пациенти со Ковид-19 имале исхемичен мозочен удар, што е тромб кој влијае на мозокот.

Сепак, Ковид-19 не го зголемува ризикот за целосниот спектар на невролошки заболувања.
„Два важни негативни наоди беа поврзани со паркинсонизам и синдром Гилајн-Баре“, рече Такет. “И двете состојби се невролошки состојби за кои знаеме дека понекогаш се поврзани со вирусна инфекција. Не откривме дека се почести по Ковид-19 и по другите инфекции на респираторниот тракт што ги разгледавме”.

Важноста на студијата

Студијата беше делумно важна и заради огромниот број на записи за пациентите што истражувачите беа во можност да ги анализираат. Тоа го изјави д-р Муса Сами, клинички вонреден професор по психијатрија на Универзитетот во Нотингем.

„Ова е робусно дело што ја демонстрира поврзаноста помеѓу Ковид-19 и психијатриските и невролошките компликации“, рече тој во изјавата. „Ова е многу важна тема, бидејќи постои значителна загриженост во однос на Ковид-19 како „болест на мозокот“.

Сами, кој не е поврзан со студијата, ја истакнува потребата за понатамошно истражување за тоа како Ковид-19 влијае на мозокот и нервниот систем. „Психолошкиот стрес, подолгиот престој во болница и карактеристиките на самата болест можат да играат голема улога“, рече тој.

Психолошките симптоми се почести од тешките невролошки компликации, според Масуд Хусеин, професор по неврологија и когнитивна наука на Универзитетот во Оксфорд и коавтор на студијата.

„Луѓето со многу тешка болест се изложени на поголем ризик од развој на невролошки компликации, за разлика од она што го гледаме со компликациите во менталното здравје.“, рече тој.

Други, помали студии укажуваат на истиот резултат. Една студија во февруари следеше 381 пациенти третирани за Ковид-19 во болница во Рим. Истражувањето откри дека 30% од пациентите доживеале посттрауматско стресно нарушување по закрепнувањето.

Советување и психотерапија

Онлајн советувањето со лиценцирани психолози и психотерапевти може да ви биде од корист. Особено сега кога не сте во можност да одите на терапија во живо. Психолозите на Разговор.мк се специјализираат за решавање на различни предизвици и некои од нив се фокусираат на менталното здравје по Ковид-19.