За многумина, конфликтите се исклучително тешки доживувања. Многу често, нашите клиенти знаат да кажат срамежливо: „Навистина не знам како да се справам со конфликтна ситуација, веднаш ми доаѓаат солзи и не можам да се спротиставам и да понудам мои аргументи“. Луѓето често во тие ситуации се пречувствителни и тие ситуации ги доживуваат како силна непријатност.
Хиперсензитивноста како една од причините
Конфликтна ситуација е тешка за чувствителни личности бидејќи емоциите знаат да ги надвладеат. Самата хиперсензитивност предизвикува реакција на настани кои се доживуваат како непријателски. Тргнувајќи од оваа појдовна точка, често ни е чудно како другите можат да се справат со конфликти, храбро го изнесуваат своето мислење и не прават драма и галама. За разлика од нив, останатите „вклучуваат“ аларм и сакаат да се одбранат. Понекогаш, за да ја избегнат конфлктната ситуација наоѓаат начин да се повлечат и да ја избегнат ситуацијата која може да доведе до караница и стрес.
Оваа состојба може да биде поврзана и со некое претходно искуство. На пример, мало дете постојано е сведок на караница на неговите родители. Викајќи еден на друг, родителите не забележуваат дека нивното дете се плаши. Сега, тоа мало дете пораснало и има 28 години. Токму таа комплексна емоција која детето ја доживувало ќе биде причина за неговите реакции во случај на конфликтна ситуација. Честопати, нивната хиперсензитивност ги тера да плачат. Очите им се насолзуваат и се трудат да ги сокријат своите емоции од другите. Доколку се пронајдете во оваа категорија и сте свесни дека поради некоја ситуација од минатото, кавгите предизвикуваат и будат емоции, добро е да поразговарате со стручно лице.
Страв од напушутање
Понекогаш, оваа состојба може да се јави и кај личности кои во детството стравувале дека ќе бидат напуштени. Токму таа сепарациска анксиозност, односно стравот од напуштање на децата од блиските е причина за подоцнежни реакции. На пример, многумина избегнуваат конфликтна ситуација или расправија со партнерот, стравувајќи дека ќе бидат напуштени.
Постојат ситуации во кои луѓето ја покажуваат својата лутина преку солзи. Оваа состојба е резултат на минатото, поточно на вокабуларот и ставовите кои постојано сугерирале дека малото дете не смее да се лути, не смее да покаже агресија, особено ако е девојче, дека солзите се реакција на слабост, а слабоста не смее да се покаже. Замислете ситуација во која една девојка која била дел од таква матрица. Таа почнува да плаче кога има конфликт иако е всушност многу лута. Можеби е лута бидејќи нејзиниот партнер не го одржал ветувањето кое го дал. Или пак, нејзиниот шеф и дава задачи надвор од работното време, возачот од другиот автомобил и го пресекол патот и слично.
Совети
Разбирањето на она што го чувствуваме и како го чувствуваме бара поширок општествен контекст. Емоцијата е производ и на нашиот јазик, поединечните искуства, семејството, одгледувањето, општествените институции, работата која ја работиме… Најдобриот начин за да ја надминете оваа состојба е да се обратите кај психолог со кој заеднички ќе инвестирате во вашите модели на однесување. Кога ќе ја откриете причината, ќе поминете половина пат и набрзо ќе стигнате до решение.
Во меѓувреме, еве неколку работи кои ќе ви бидат од корист во конфликтни ситуации:
- Доколку почуствувате дека солзите почнуваат да се тркалаат на вашето лице или не можете да ги задржите, побарајте пауза во времетраење од најмалку 10 минути. Ќе ви помогне да се смирите. Искористете го вашето време.
- Користете техники за опуштање: вдишете и издишете длабоко во ритам кој е соодветен за вас. Задржете го здивот броејќи до 5, а кога ќе стигнете до 7 издишете;
- Свесно префрлете го внимание од објектот што ви предизвикува непријатност на нешто сосема друго;
- Припомнете си на нешто што ве прави горди и може да го подобри вашето расположение.
За крај сакам да напоменам дека дури понекогаш и да заплачеме, тоа нė не прави помалку силни од тоа што навистина сме. Запомнете дека солзите ни помагаат да видиме, солзите ги убиваат бактериите, плачењето може да го поправи расположението, плачењето го намалува стресот и солзите ги ослободуваат чувствата.