fbpx

Фејсбук и менталното здравје: Дали социјалните медиуми ни штетат или помагаат?

менталното здравје

Според извештајот на Wall Street Journal објавен на 14ти септември годинава, Фејсбук постојано открива дека апликацијата Инстаграм е штетна за менталното здравје кај голем број тинејџери.

Весникот ги наведе студиите на Фејсбук во текот на изминатите три години. Овие студии испитуваат како Инстаграм влијае врз базата на млади корисници, а тинејџерките се најмногу оштетени. Една интерна презентација на Фејсбук кажува дека 13% од британските корисници и 6% од американските корисници тинејџери кои пријавиле самоубиствени мисли, својата состојба ја поврзуваат директно со Инстаграм.

„Триесет и два проценти од тинејџерките рекоа дека кога се чувствуваат лошо за своето тело, Инстаграм ги тера да се чувствуваат полошо“, напишале внатрешните истражувачи. Фејсбук, наводно открил и дека 14% од момчињата во САД велат дека Инстаграм прави да се чувствуваат полошо за себе.

Иако Фејсбук заклучи дека голем процент од тинејџерите не се негативно оштетени од Инстаграм, според WSJ, карактеристиките што компанијата ги идентификуваше како најштетни се дел од нејзината клучна структура.

Искривена слика базирана на физички изглед

Според извештајот, истражувачите предупредиле дека страницата за истражување на Инстаграм (Explore), која им служи на корисниците постови од широк спектар на корисници, може да ги поттикне корисниците да следат содржини што можат да бидат штетни. Апликацијата, исто така, има култура на објавување само на најдобрите слики и моменти, и работи како производ што создава зависност.

„Различните аспекти на Инстаграм се влошуваат едни со други за да создадат совршена бура“, се вели во истражувањето, според списанието.

Според WSJ, врвните директори го прегледале истражувањето и истото било наведено во презентацијата дадена минатата година пред Марк Цукерберг. Сепак, Фејсбук се борел да управува со проблемот и во исто време сакал да ги држи корисниците во континуирана интеракција. Фејсбук исто така гради верзија на Инстаграм за деца под 13 години.

Младите корисници се клучот за успехот на Инстаграм. Повеќе од 40% од корисниците на Инстаграм се 22 години и помлади, според материјалите прегледани од WSJ.

Во објавата на блогот, шефицата за јавна политика на Инстаграм, Карина Њутон, одговори на известувањето и рече дека компанијата истражува начини да ги повлече корисниците од живеење во меури од одредени типови на постови.

„Истражуваме начини да ги поттикнеме да разгледаат различни теми ако постојано гледаат во овој вид содржина“, рече Њутон. „Ние сме претпазливи оптимисти дека овие поттикнувања ќе помогнат да се насочат луѓето кон содржина што ги инспирира и воздигнува. Ова во поголема мера ќе го смени делот од културата на Инстаграм кој се фокусира на тоа како изгледаат луѓето“.

Политичарите бараат одговорност

Извештајот на WSJ ја зголеми загриженоста на најмалку еден пратеник во врска со истражувањето на Фејсбук за детската верзија на Инстаграм. Претставничката Лори Трахан, ги стави проблемите со менталното здравје на децата во врска со социјалните медиуми како клучен приоритет. Дополнително, таа испрати и прекор до компанијата и побара сериозно да размислат за нивниот продукт за деца под 13 години.

По извештајот на WSJ, Трахан го повика Фејсбук “веднаш да ги напушти плановите за Инстаграм за деца“ и наместо тоа да се фокусира на заштита на постојните млади корисници.

„Внатрешните документи на Фејсбук покажуваат дека неуспехот на компанијата да ги заштити децата на Инстаграм – особено младите девојки – е целосно занемарен и тоа трае со години“, рече Трахан во изјавата.

„Не е работа на Фејсбук да развива дополнителни платформи за социјални медиуми експлицитно дизајнирани за нашите деца. Моментално не може да им се верува ни дека го одржуваат редот во сегашната куќа“.

Пратеничката Кети Мекморис Роџерс, исто така, го направи менталното здравје на децата корисници на интернет камен-темелник на нејзината политичка платформа. Во изјавата, таа рече дека Фејсбук „одби да го исполни“ барањето на републиканците во март, во кое беа побарани внатрешни истражувања за влијанието на нивните производи врз менталното здравје на децата.

Портпаролот на Фејсбук рече дека поради природата на истражувањето и доверливоста на учесниците во студиите, може да биде тешко да се споделат внатрешни податоци надвор од компанијата. Сепак, Фејсбук се обидува да биде потранспарентен во врска со своите внатрешни студии.

„Ова исто така не тера да се прашуваме што друго кријат“, рече Мекморис Роџерс. „Ние ќе продолжиме да бараме транспарентност од Фејсбук и другите компании. Особено во врска со штетата што нивните производи ја имаат врз нашите деца“.

Неколку од многуте вознемирувачки заклучоци што WSJ ги откри од внатрешните документи:

  • “Ги влошуваме проблемите со имиџот на телото за една од три тинејџерки”.
  • “Тинејџерите го обвинуваат Инстаграм за зголемување на стапката на анксиозност и депресија. Оваа реакција беше ненадејна и конзистентна кај сите групи”.
  • „Социјалната споредба со други е полоша кај Инстаграм“ отколку на TikTok и Snapchat.
  • “Страницата за истражување (Explore), која дистрибуира фотографии и видеа одбрани од алгоритам, ги насочува корисниците кон особено проблематична содржина.”
  • “Повеќе од 40 проценти од корисниците на Инстаграм кои објавија дека се чувствуваат „непривлечно“, рекоа дека чувството започнало на апликацијата.”
  • „Споделувањето или гледањето филтрирани селфи фотографии во Stories ги натера луѓето да се чувствуваат полошо“.
  • “Инстаграм е создаден за да ги споделува „само најдобрите моменти“ и го продолжува „притисокот да изгледа совршено“. Ова е една од причините за нарушувања во исхраната, нездраво чувство за сопственото тело и депресија.”
  • “14% од момчињата во САД рекоа дека Инстаграм ги натера да се чувствуваат полошо за себе.”