fbpx

Пелтечење – Што е тоа?

Пелтечењето претставува пореметување на говорот. Односно, пореметување на нормалниот тек на говорот кој често е прекинат со повторување или продолжување на зборовите и речениците а во некои случаеви и неможност да се отпочне реченицата. Според Ван Рипер, пелтечењето настанува кога флуентноста е прекината со грчеви, тремори или абнормалности во респираторната функција, или пелтечење како последица на невроза поради емоционална дисметрија.

Затоа доколку се утврди дека пелтечењето кај едно лице не е  резултат на невролошки проблем или физичка повреда, причините треба да се бараат во разни психолошки процеси. Најчесто се јавува при преминување на фазите на развој кај една личност или како резултат на некои трауматски или стресни настани. Доманантана емоција која што ја чувствува лицето кое пелтечи е страв кој го парализира и се рефлектира преку говорот со пелтечење. Добра вест е дека доколку нема невролошки проблем, пелтечењето може целосно да се надмине.

Справување и надминување на пелтечење

Справувањето и надминувањето на пелтечење е процес кој трае различно кај сите. Бара трпние, желба за личен раст и развој, поддршка и посета кај стручно лице, логопед и психолог.

Поддршката од двете стручни лица е од суштинско значење бидејќи логопедот работи на симптомите, а психологот се занимава со прашањата кога, зошто, како се пореметил текот на говорот и што понатаму. Многу е поедноставно доколку лицето кое пелтечи е млада или возрасна личност отколку дете. Причината за тоа е едноставна, односно кога се работи со дете потребно е голема посветеност од страна на родители, нивен увид во однесувањето, преземање одговорност и промена на образци во однесувањето, во релацијата родител-дете, релацијата помеѓу двајцата партнери и кон детето. Без промена во однесување кај родителите, е многу потешко да се постигне подобрување кај детето. Тоа е така бидејќи секое однесување  и реагирање  на детето е огледало на одредена акција на родителите.

Како да постапите како родител ако приметите промени

Доколку сте во улога на родител кој приметува промени во говорот на детето, а притоа сте ги исклучиле сите фактори кои може да бидат причина за невролошки проблем, поразговарајте со психолог кој има искуство со ваков вид на проблематика. Во меѓувреме, пробајте да размислете или преку разговор со вашето дете да најдете одговор на следните работи:

  • Сетете се што се случувало во вашето семејство периодот пред да настане промена во говорот на вашето дете.
  • Каква динамика има во вашето семејство?
  • Колку често и на каков начин разговорате за промените и како се справувате со пробемите во вашето семејство?
  • Дали се случиле некои промени или непријатни ситуации во градинка, училиште, курс и на останатите места каде што детето присуствува?

Симптоми и последици

Лицето кое пелтечи избегнува моменти како што се:

  • јавно обраќање на разни собири или тоа го прави со вложување на многу поголема енергија за разлика од лице кое не пелтечи;
  • усно одговарање на час;
  • изразување на различен сопствен став;
  • нови познанства;
  • преземање на лидерска позиција.

Важно е да се напомени дека бегањето од горенаведените или слични ситуации многу често може да претставува и успех за лицето кое пелтечи. Со бегањето, лицето успеало да се заштити од ситуацијата што за него претставува опасност, па затоа не се препорачува за се врши приситок и да се убедуваат во спротивното.

Лицето кое пелтечи тешко ги препознава своите способности а тоа резултира со:

  • ниска самодоверба
  • чувство на непријатност кога е во центар на внимението
  • манифестирање на избегнувачко однесување
  • нереална или лоша слика за себе

Поголем дел од времето се чувствуваат фрустрирани бидејќи пелтечењето ги спречува да го искажат своето знаење на начин како што тие сакаат, па поради тоа си ја потврдуваат веќе постоечката слика за нив.

Најчестите мисли што постојат кај лицето кое има потешкотии како пелтечењето се:

  • ,,не сум доволно добар’’,
  • ,,не сум способен”,
  • ,,немам право да направам грешка, и онака грешам’’,
  • ,,не смеам да се спротиставам, во спротивно ќе бидам исмеан’’,
  • ,,не вредам’’..

Најверојатно, лицата кои имаат потешкотии како пелтечење, се однесуваат од позиција на адаптирани во секое време. Во исто време прифаќајќи ги ставовите и мислењата на они луѓе кои тие ги сметаат како авторитети. Лицата кои пелтечат, посебно на помала возраст се многу чувствителни на критика и честопати ирационално гледаат критика дури и таму каде што не постои.  Всушност, лицето кое пелтечи нема да се чувствува лошо се додека не се исплаши од реакциите на околината.ее

Како да разговарате со лице кое пелтечи

  • Слушајте внимателно;
  • Не го имитирајте
  • Не му кажувајте на лицето кое пелтечи да зборува полека;
  • Вие зборувајте полека;
  • Не го изговарајте зборот или реченицата наместо него;
  • Не го прекинувајте;
  • Останете трпеливи;
  • Не се потсмевајте
  • Покажете дека го слушате(со насмевка или климање на глава);
  • Поставувајте му прашања кои не се одговараат со Да или Не(пуштете го да зборува);
  • Одржувајте контакт со очи.

Поддршката од околината влијае позитивно врз враќање на говорот во нормалниот тек. Обратно, многу токсично и со регрес како последица доколку лицето е жртва на булинг од околината. Затоа, секој што се соочува со пелтечење потребно е да си обезбеди мрежа на луѓе кои ќе го поддржуваат и прифатат, стручно лице кое ќе го разбере и ќе го води низ процесот на растење, развивање и постигнување на посакувана цел. Секој заслужува да се изрази спонтано, слободно и флуентно. Барањето помош е храброст. Важно е и покрај фокусираноста за надминување на потешкотиите, да учиме како да се поддржуваме себеси и тогаш кога се развиваме поразлично од другите.