fbpx

Запознај ги психолозите зад екраните: Верица Бакулеска

Верица Бакулеска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до лиценцирани психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите 40+ професионалци за ментално здравје и анонимно да се допишувате или пак да имате аудио/видео разговор. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, им поставивме неколку кратки прашања на кои тие одговорија. Денес разговараме со Верица Бакулеска.

За својата биографија Верица Бакулеска вели:

Јас сум лиценциран психолог, Гешталт советник и психодрама и гешталт психотерапевт под супервизија. При работата со клиенти, важно ми е да изградам искрен, автентичен однос со нив. Уште поважно, тоа што ќе го усвојат за време на сесиите да го применат и интегрираат во секојдневниот живот. Покрај тоа, негувам интерес и за дефектологијата и работам како образовен асистент на деца со пречки во развојот.

За нејзиниот пристап на работа Верица Бакулеска вели:

При работата користам различни техники кои поттикнуваат креативни процеси поволни за растот на една личност. Мојот пристап е насочен кон зголемување на свесноста за она што се случува овде и сега, интеграција на оттуѓените делови на клиентот и развивање самоподдршка. На клиентот му давам можност да експериментира со различни, можни решенија на еден проблем. Притоа целта е и да ги истражува своите граници, стилови на контакт и телесни процеси.

Зошто станавте психолог/психотерапевт/советувач?

Решив да студирам психологија мотивирана да се стекнам со уникатни знаења и вештини кои би ми овозможиле да им помогнам на оние на кои им е тешко да си ја оддржат благосостојбата. Ми се допаѓаше и динамиката која ја нуди оваа професија. Работата на психологот никогаш не е здодевна 😊, секој ден е различен и тоа одговара со мојот темперамент.

Затоа што оваа наука е многу широка, после студиите имав потреба да го надополнам моето знаење уште повеќе, па некако спонтано започнав и со едукациите за психотерапија.

Што ве мотивира да работите секој ден?

Најмотивирана сум од подготвеноста на моите клиенти да ги сменат негативните обрасци на однесување. Нивните уникатни животни искуства и можноста да научам по нешто ново од секој клиент, прават да си ја сакам професијата уште повеќе.

Кои промени сакате да ги видите или направите поврзани со менталното здравје во општеството?

Сметам дека во нашето општество постојат два клучни проблеми поврзани со менталното здравје. На овие проблеми јас и моите колеги треба да работиме за да дојде до одредени промени. 

Еден проблем е тоа што посетувањето на психолог сеуште е табу тема. Многу луѓе се плашат дека ќе бидат стигматизирани ако признаат дека имаат потреба од поддршка при оддржување на менталното здравје.

Друг проблем е тоа што повеќето луѓе не се доволно информирани за психолошката дејност. Закажуваат сесии очекувајќи дека психологот ќе им даде совет за тоа како да го живеат животот и дека ќе им ги „реши“ проблемите. Со тоа, целата одговорност за сопствениот живот е префрлена на психологот или психотерапевтот. Популарно мислење е и дека психологот може да чита мисли 😊.

Вистината е дека психолозите често работат на САМОподдршката на клиентот, а во тоа, меѓу другото, спаѓа и САМОодговорноста – преземање одговорност за своите постапки и одлуки. На клиентот му се дава можност да експериментира со различни, можни решенија на еден проблем. 

Платформата Разговор.мк, доста работи на проширување на информираноста и свесноста за менталното здравје, но не чека уште многу работа за промените да бидат видливи.

Како вие ја дефинирате грижата за менталното здравје?

Грижата за менталното здравје е грижа за начинот на кој мислиме, чувствуваме и реагираме, со цел – здраво да се справиме со стресот и тагата, да изградиме квалитетни врски со другите, да си ги исполниме целите, потенцијалите и да уживаме во она што го нуди животот.

Што се надевате дека вашите клиенти добиваат од советувањето или психотерапијата?

Психотерапијата е неверојатна можност за раст на личноста. Се надевам дека со моја помош, моите клиенти се развиваат во поквалитетни личности и дека она што ќе го усвојат за време на сесиите го применуваат и интегрираат во секојдневниот живот.

Со какви предизвици поврзани со ментално здравје најмногу сакате да работите и зошто?

Најмногу сакам да работам со клиенти кои се соочуваат со животни промени, емоционални предизвици, трауми, анксиозност, панични напади, стрес или намалена самодоверба, а во иднина планирам да работам и со групи за поддршка. 

Насочена сум на овие проблематики затоа што сметам дека тука најмногу умеам да помогнам.

Што правите во слободно време?

Искрено, немам многу слободно време😊. Тоа што го имам сакам да го поминам во квалитетна дружба со моите блиски. 

Ако мора да дадете само 1 совет за луѓето кои бараат психотерапија или советување, кој совет би го дале?

Доколку сметате дека ви е потребна психолошка помош, не се двоумете да ја побарате. Процесот на работа на себе не е лесен и бара посветеност, но верувајте, придобивките се големи.

Разговор.мк мобилна апликација

За да дознаете повеќе за Верица Бакулеска и да прочитате повеќе за нејзиното работно искуство, рецензиите од претходните клиенти, достапните термини и цените за разговор преземете ја нашата мобилна апликација со клик на сликата подолу. Откако ќе се најавите анонимно, ќе бидете пренасочени кон самиот профил на психологот.

За да искористите 20% намалување на цената за разговор со Верица, внесете го промо кодот PPCRJWLM20 при резевирање на терминот кој вам ви одговара.