fbpx

Запознај ги психолозите зад екраните: Елена Кузмановска

Елена кузмановска


Разговор.мк
 е платформа која овозможува анонимен пристап до лиценцирани психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите 40+ професионалци за ментално здравје. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, им поставивме неколку кратки прашања на кои тие одговорија. Денес разговараме со Елена Кузмановска.

За својата биографија Елена Кузмановска вели:

Јас сум Елена Кузмановска, дипломиран и лиценциран психолог, магистер по клиничка и советодавна психологија и дипломиран специјалист акушерка. Вљубеник во психологијата и медицината. Борец за што подобра иднина преку превенција и унапредување на менталното здравје во заедницата, а посебно фокусирана на проблемите кај женската популација. Заради тоа што жената е таа која го сплотува семејството и е столб на општеството, сметам дека мора да се посвети поголемо внимание на тоа жените и девојките да се изградат во силни, здрави и мотивирани индивидуи. За време на моето образование и работа вршев истражувања на теми како антенатална депресија (која се јавува за време на бременост), постнатална (постродилна) депресија и психолошка поддршка на парови кои се борат со инфертилитет и стерилитет.

Овие се многу важни теми во денешницата и сакам да укажам дека е од особена важност да им посветам соодветно внимание. Сметам дека ова се области кои сеуште не се доволно разработени кај нас и околу кои кружат облаци од прашалници. Како мајка на две деца, ја почувствував важноста на доброто ментално здравје на родителите за правилен развојот на децата. Затоа, ве повикувам сите кои сте засегнати околу постоењето на проблеми од овој тип да ми се обратите и заедно да креираме посреќни животни приказни.

За нејзиниот пристап на работа Елена Кузмановска вели:

Прво и најважно од се во мојата работа е создавањето на добар работен сојуз со клиентот. За ова е неопходна искреност и отворен ум од двете страни во процесот. Безусловната поддршка и емпатијата се исто така многу значајни елементи на кои се потпирам во мојата работа. Секако дека сакам да користам и техники од други психолошки правци и школи кои се надополнуваат со основните постулати на клиент-центрираниот пристап. Комбинацијата од образование во областите на психологијата и на гинекологијата и акушерството ми овозможува да имам уште подобар увид и план околу давањето на соодветни насоки кон подобро здравје.

Зошто станавте психолог/психотерапевт/советувач?

Отсекогаш ме интересирала мистеријата и можностите на човековиот ум. Исто така, сакам наученото да го споделам и на тој начин да помагам на луѓето кои имаат потешкотии.

Што ве мотивира да работите секој ден?

Задоволството да се види позитивна промена кај некоја личност.

Кои промени сакате да ги видите или направите поврзани со менталното здравје во општеството?

Би сакала грижата за менталното здравје да не е табу. Да може да стане достапна за секој кој има потреба од унапредување и подобрување на менталното здравје. Кога би имала можност би сакала да има што повеќе психолози во јавното здравство, на примарно ниво. Оодносно, како што постои матичен лекар, да постои опција и за матичен психолог. Исто така, застапеноста на психолози во здравствените институции на секундарно ниво, во болниците, е потребно да се зголеми. Убаво би било да има психолози и во Патронажните служби кои би биле прва психолошка помош за жените родилки, кои се во многу ранлив период. 

Како вие ја дефинирате грижата за менталното здравје?

Менталното здравје и неговата превенција се цела една наука. Но, најважно е, да научиме како во секојдневниот живот да применуваме рутини и вештини кои ќе го подобрат нашето секојдневно функционирање. Вештини кои ќе превенираат појава на ментални нарушувања.

Што се надевате дека вашите клиенти добиваат од советувањето или психотерапијата?

Јас сум нивни искрен сопатник кој секогаш им посакува што поуспешно справување со моменталните, но и со понатамошните животни ситуации.

Со какви предизвици поврзани со ментално здравје најмногу сакате да работите и зошто?

Со животни предизвици кои се јавуваат  во секој домен од секојдневието, пружање на поддршка, односно усвојување на нови животни вештини. Заради тоа што сметам дека на сите нас некогаш добро ни дошла туѓата поддршка во вакви ситуации. Дополнително, ненавременото третирање на овие предизвици понатаму доведува до појава на соматско или психичко заболување. Исто така, голем предизвик ми е работата со жени кои се наоѓаат во незавидна состојба за време на бременост и периодот после нејзе, кај кои се јавил некој симптом на постродилна депресија, жртви на насилство.

Што правите во слободно време?

Се дружам со луѓето кои ми значат или читам.

Ако мора да дадете само 1 совет за луѓето кои бараат психотерапија или советување, кој совет би го дале?

Отворете го својот ум за промени! Секогаш носат предизвик за запознавање на нов дел од себе, но и за користење на моќта, за која не сте биле свесни дека ја поседувате.

Разговор.мк мобилна апликација

За да дознаете повеќе за Елена Кузмановска и да прочитате повеќе за нејзиното работно искуство, рецензиите од претходните клиенти, достапните термини и цените за разговор преземете ја нашата мобилна апликација со клик на сликата подолу. Откако ќе се најавите анонимно, ќе бидете пренасочени кон самиот профил на психологот.