fbpx

Запознај ги психолозите зад екраните: Виолета Илиоска

Разговор.мк е платформа која овозможува анонимен пристап до лиценцирани психолози. На платформата можете да изберете некој од нашите 40+ професионалци за ментално здравје и анонимно да се допишувате или пак да имате аудио/видео разговор. Со цел подобро да ги запознаете психолозите, им поставивме неколку кратки прашања на кои тие одговорија. Денес разговараме со Виолета Илиоска.

За својата биографија Виолета Илиоска вели:

Јас сум дипломиран психолог,  член на Комората на психолози на Република Северна Македонија, со општа лиценца за вршење на психолошка дејност. Моментално сум на специјалистичка обука за психодијагностика во Институтот за брак, семејство и системска пракса – АЛТЕРНАТИВА – Скопје. Поседувам СЕРТИФИКАТ за Автоген тренинг – анти стрес терапија, основно и напредно ниво. Се стекнав со меѓународно признат сертификат 4 ти модул за Трансформација на конфликт со ресторативен пристап, под менторство на Белинда Хопкинс – пионер во воведување на ресторативната пракса во училиштата.

За нејзиниот пристап на работа Виолета Илиоска вели:

Мојата стручна работа и пристап се засновани на интегративна психодинамичка терапија, која комбинира техники и методи од повеќе теориски правци. Правци како: Психоанализа, Гешталт, Трансакциона и телесна психотерапија. Психолошко советување е процес во кој заедно учествуваат психологот и клиентот. Односот со клиентот во потполност е заснован на Етичкиот кодекс на психолози – Комора на психолози на РСМакедонија. Доверба, емпатија, разбирање и поддршка на клиентот се водечки принципи на мојата работа. Со заеднички сили работиме на решавање на проблемот, откривајќи ги причините и можните решенија. Мотивираноста на клиентот за решавање на личниот проблем е клучна во изнаоѓање на одговори кои водат кон унапредување на квалитетот на неговото живеење.

Зошто станавте психолог/психотерапевт/советувач?

Јас станав психолог затоа што сакам да направам позитивни промени кај луѓето, да продолжат онаму каде што застанале. Секој пат кога ќе го промените светот на само една личност, започнувате ефект на пеперутка со потенцијал да го подобрите животот за генерациите што доаѓаат.

Што ве мотивира да работите секој ден?

Мојата љубопитност за животот и проблемите на моите клиенти, ги прави и нив  љубопитни за себе и својот живот. Па така, со поставување прашања и водење разговори доаѓаме до заклучоци и решенија. Да дојдеме до нови идеи и да ги подобриме нештата. Секој пат кога клиентот ми верува доволно за да ја сподели својата приказна со мене, јас живеам поинаков живот. Тие повеќе не се сами, ме имаат мене.

Кои промени сакате да ги видите или направите поврзани со менталното здравје во општеството?

Една голема промена е промената во ставовите на општеството. Мислите и грижите што сите ги искусуваме се реални и важни без разлика дали нашата ситуација е во согласност со туѓите идеи за менталното здравје.

Моментот кога ќе ја прифатиме нашата сегашна состојба е моментот кога можеме да почнеме да одиме напред. Менталното здравје е исто толку важно како и физичкото здравје. Всушност, менталното здравје е физичко здравје; двете се неразделни.

На сите ни е даден глас и способност да слушаме, треба да ги користиме овие дарови за да почнеме да влијаеме на начинот на кој го перципираме менталното здравје. Да го разбереме односот помеѓу умот и телото со поголема точност.

Како вие ја дефинирате грижата за менталното здравје?

Грижата за менталното здравје значи да одвоите време за да правите работи кои ви помагаат да живеете добро и да ја подобрите вашата благосостојба. Кога станува збор за менталното здравје, се започнува со управувње со стресот, со тоа се намалува ризикот од болест и  се зголемува животната енергија.

Што се надевате дека вашите клиенти добиваат од советувањето или психотерапијата?

Психолошко советување или психотерапијата може да помогне да се елиминираат или контролираат вознемирувачките симптоми. Со ова, се овозможува личноста да функционира подобро и да ја зголеми благосостојбата и заздравувањето. Така што, моите клиенти добиваат целосна психолошка подршка, справување со анксиозноста и стресот, зголемување на недостатокот самодоверба и елементирање на негативното размислување.

Со какви предизвици поврзани со ментално здравје најмногу сакате да работите и зошто?

Јас најмногу сакам да работам психодијагностика, да се  работи на превенција и да се спречат можни проблеми. Проценката на личност ни овозможува да ги откриеме слабите и силните страни на самата личност и да се усмери личноста во права насока.

Што правите во слободно време?

Како поранешен основоположник на приватен театар и мајка на актер, во мене љубовта кон претставите  се уште трае. Па така, дел од слободното време сакам да го посветам на добра претстава. Најголем дел од слободното време го минувам со моите внуци и нашиот домашен миленик Биги, кој е ротвалјер и со кого уживаме во прошетки низ парк.

Ако мора да дадете само 1 совет за луѓето кои бараат психотерапија или советување, кој совет би го дале?

Психотерапијата ќе ви помогне да препознаете и да решите многу значајни прашања со кои се среќавате на својот животен пат. Тргнувајќи од детството и растењето, себеприфањето, врските, работата, здравјето, духовноста, стареењето, смртта… Ќе ви помогне  на најдобар начин да се соочите со проблемите, стравовите и предизвиците низ кои секојдневно поминувате, и ви нуди ефикасни решенија за нивно надминување.

Разговор.мк мобилна апликација

За да дознаете повеќе за Виолета Илиоска  и да прочитате повеќе за нејзиното работно искуство, рецензиите од претходните клиенти, достапните термини и цените за разговор преземете ја нашата мобилна апликација со клик на сликата подолу. Откако ќе се најавите анонимно, ќе бидете пренасочени кон самиот профил на психологот.