fbpx

Како нашата професија е дел од нашиот идентитет?

Кога се среќаваме со некого за прв пат, често може да бидеме во искушение да прашаме: „Со што се занимаваш во животот?”, „Што си по професија?”, „Што работиш?“ итн. Многу често ја прифаќаме идејата и формираме претпоставки дека идентитетот на личноста е поврзан со секојдневните задачи кои ги извршува.

Најчесто одговорот се фокусира на практичните делови од работата на личноста. Она што е доста поинтересно, но потешко можеме да го видиме, се психолошките аспекти на една професија – размислувањата, емотивните предизвици и начините на однесување кои овие психолошки аспекти ги создаваат и нѐ дефинираат како личности.

Како нашиот избор на професија и кариера влијае на нас?

Во денешното општество психолошкиот дел од работата е доста занемарен и не се разговара за тоа што се случува на работа и како предизвиците кои ги носи истата влијаат врз нашето ментално здравје. Кога би се разговарало на оваа тема и би поставиле прашања за тоа како луѓето ги доживуваат сопствените професии, би добиле толку различни одговори колку што има луѓе. На пример, еден стоматолог може да зборува за тоа како тој се справува со луѓе кои избегнуваат да се грижат за своите заби. Можеби се чувствува фрустриран затоа што иако неговите пациенти ветуваат дека ќе користат забен конец, тие често не ги следат инструкциите и советите кои тој им ги дава. Адвокат може да каже дека се соочува со голем притисок и агресија од клиенти кои сакаат сè да се направи веднаш. Тој може да каже дека ја чувствува својата работа како многу тешка и напорна, бидејќи секојдневно се соочува со морални дилеми…

Работната средина влијае на начинот на размислување и навиките, и на тоа како го гледаме светот и себеси. Начинот на кој функционираме на работа често го применуваме и во другите аспекти од нашиот живот. Работните места можеме да ги класифицираме врз основа на тоа како тие го обликуваат нашиот ментален свет – дали нè прават трпеливи или нетрпеливи, доверливи или сомнителни, фокусирани на сегашноста, минатото или иднината итн.

Разбирањето како нашата професија/работа се вклопува во нашиот идентитет може да ни помогне да го оцениме задоволството од кариерата и да донесеме информирани одлуки за тоа како да го продолжиме нашиот професионален/кариерен пат.

Самосвесност 

Можеме да станеме свесни и да стекнеме увид за сопственото однесување и ставови. Тоа можеме да го направиме препознавајќи кои особини и вештини нашата работа ги подржува/зајакнува или ги ограничува/ослабнува. На пример, ако нашата работа бара од нас да поседуваме доза на скептицизам, можеби ќе забележиме дека имаме тенденција да бидеме посомничави и во нашите лични односи. Доколку работата бара да ги користиме нашите аналитички способности, поверојатно е дека и во приватниот живот ќе бидеме доста аналитички настроени и дополнително ќе ги преиспитуваме работите кои ни се случуваат. 

Усогласување на вредностите

Професиите што се усогласени со нашите лични вредности можат да го зајакнат нашето чувство за идентитет и исполнетост. Пример, ако нашата работа вклучува помагање на другите и тоа е во склад со нашите лични вредности на сочувство и алтруизам, многу веројатно е да чувствуваме посилна поврзаност со таа професија и поголемо чувство за цел во животот.

Модели на однесување

Работата често може да биде фактор кој ги обликува личните навики и однесувања. Секоја професија влијае на тоа како комуницираме со другите, како се однесуваме во различни ситуации и како се гледаме себе во тие ситуации. Доколку работата бара прецизно внимание на детали, тренирајќи фокус на работа може да ни помогне да станеме поорганизирани и ориентирани кон деталите и во другите области од личниот живот. Луѓето кои имаат професии кои бараат одреден степен на сензитивност при начинот на комуникација, почнуваат да комуницираат на одреден начин и со своите блиски.

Како работното место може да влијае на начинот на кој размислуваме?

Различните работни места може да се групираат врз основа на тоа како влијаат на начинот на кој луѓето размислуваат и се однесуваат:

Трпеливост наспроти нетрпеливост: 

Некои работи ве тераат да се фокусирате на непосредните задачи, додека други поттикнуваат размислување за иднината.

Сомнеж наспроти доверба: 

Одредени работни места може да ве натераат да се сомневате во намерите на другите, додека други поттикнуваат доверба и транспарентност.

Имагинација наспроти практичност: 

Некои работни места промовираат креативност и нови идеи, додека други ја нагласуваат потребата од внимание кон деталите и поголема практичност.

Консензус наспроти независност: 

Одредени работни места бараат тимска работа и донесување заеднички одлуки, додека други го ценат независното размислување.

Оптимизам наспроти песимизам: 

Работата може да влијае на тоа дали имате тенденција да ја гледате позитивната страна на нештата или прекумерно да се грижите за потенцијалните проблеми.

Финансиски фокус наспроти општо корисна работа: 

Приоритетот на некои работни места е самиот профит, додека други не се толку фокусирани на самата финансиска добивка.

Истрајност наспроти успех: 

Одредени работни места може да вклучуваат соочување со отфрлање, одбивање, неуспех и други негативни одговори од средината. Овие работни места си имаат одредена подготвеност за прифаќање на неуспех, додека други нудат одреден вид на награди кои водат до повисоко чувство за достигнување и успех.

Добрата наспроти лошата страна на луѓето: 

Работните места можат да ве изложат или на најдобрите или на најлошите аспекти од човековата природа.

Логиен наспроти збунувачки редослед: 

На некои работни места, јасно е како може да напредувате бидејќи постои одреден степен на структура и хиерархија. Други работни места можат да предизвикаат чувство на неизвесност околу вашата иднина, кое се должи на поновите модели на функционирање. Така, намерно ја изоставаат структурата со цел да се потикне креативност и иницијатива кај вработените.

Професија и личен раст

Менталитетот на работното место може да ви помогне да ги надополните аспектите на себе кои претходно не биле правилно или доволно развиени. Во канцеларија каде што брзината и точноста се од суштинско значење, некој што е расеан и доцни може да се охрабри да го промени своето однесување. Околината во која компромисот и тимската работа се случуваат природно, може да биде стимулирачка за личност која е премногу ригидна во своите ставови и размислувања. Истата средина може да поттикне една личност на раст и развој. 

Од друга страна, работата може и да ги стесни и ограничи перспективите и можностите, доколку не е соодветна за таа личност. Кога се навикнуваме на одреден начин на размислување, често влегуваме во комфорна зона од која е тешко да се излезе. Тоа доведува до потешкотии кога ќе се јави потреба за прифаќаме нови и свежи идеи, перспективи или начини на размислување. На пример, на некој што е навикнат да следи наредби и задачи, може да му биде тешко да излезе со свои идеи кога ќе го прашаат за мислење. Се случува личноста толку многу да се фокусира на својата работа, што заборава како да размислува критички и рационално за поголеми прашања.

Неретко се случува да дојде до судир помеѓу личните уверувања и вредности и самата природа на работното место. На пример, лице кое работи во јавен медиум може да се бори со морални прашања. Овие внатрешни конфликти можат да нѐ натераат да се запрашаме колку ќе бевме различни доколку би избрале друга професија.

Општата идеја дека работата нè обликува се однесува, се разбира, на самите себе. 

Но, токму поради тоа што одредени ставови и навики се чувствуваат природно, тешко е да се забележи кога и како тоа се случило. Фундаментални прашања што би можеле да си ги поставиме се: 

На кои начини мојата личност е обликувана од мојата работа (без разлика дали се работи за облукување кон добро или лошо)? Ако работев поинаква работа, дали ќе бев друга личност? И одговорот сигурно е ДА. Доколку се замислите себеси на поинакво работно место, можеби ќе успеете да стапите во контакт со делови од себе кои не ги познавате доволно и сè уште не сте ги истражиле целосно. Ова е идеја која води до прашања кои не секогаш ни е удобно да си ги поставиме: каде се тие различни страни од мене? Каков/ва би бил/а јас ако се занимавав со друга професија?

За крај…

Имајќи предвид како работата ја обликува личноста и влијае на нејзиното функционирање, можеби е помудро да застанеме за миг и да се обидеме да се ставиме во „чевлите“ на друга личност пред да го осудиме за неговото однесување. Можеби влијанието од нивната работа ги направило такви какви што се – нервозни, лути или здодевни. Директорот не бил секогаш ваков каков што е сега, лекарот не бил роден како што е сега… ова биле други луѓе кои се менувале под влијание на ситуациите кои им се случувале и улогите кои ги добивале со текот на времето и различните работни места кои ги работеле.

Нашите идентитети имаат способност да се менуваат, да растат и да се развиваат. 

Иако оваа способност не прави ранливи на нашите работни места можеме да ја гледаме како можност за промена која може да отвори патиштата кон емпатија.

Побарај совет или насока од Катерина Крстевска Ристески

професија катерина крстевска ристески

Како психолог, јас сум тука да ве поддржам низ било какви проблеми поврзани со вашата професија и како таа влијае на вас. Ако се чувствувате под стрес, несреќно или збунето во врска со вашата кариера, можам да ви помогнам да истражите и разберете зошто и како се случува тоа. Преку работа на себе да најдете начини да се чувствувате подобро. Без разлика дали се борите со чувството на нетрпеливост, сомничавост или сте преплавени со грижа, јас сум тука да ве ислушам и да понудам поддршка. Ако имате прашања или чувствувате дека ви фали насока, пополнете го формуларот подолу.