fbpx

Што значи пасивно-агресивно однесување

Пасивно-агресивно однесување се однесува на комуникациски стил или однесување каде што личноста изразува негативни емоции, но го прави тоа преку пасивни методи или непрекинато се однесува пасивно, иако во позадина тлеат агресивни чувства, мисли и подготвеност за изразување на потребите и незадоволството. Личноста може да избегнува конфликт или отворена конфронтација, но во исто време на суптилен начин, вербално и невербално испраќа негативни сигнали. Пример за пасивно-агресивно однесување може да биде кога некој дава одговори со „да“ или „се согласувам“, но во реални ситуации практично дејствува во различна насока и не ги испорачува резултатите кои се очекуваат. Класичен пример за пасивно-агресивно однесување е водењето инат.

Што предизвикува пасивно-агресивно однесување?

Пасивно-агресивно однесување најчесто произлегува од длабок гнев, незадоволство и фрустрација на самата личност. Постојат различни причини за ова однесување и се јавува кога на личноста не и е удобно директно да ги изрази своите емоции. Кога ќе препознаеме пасивно-агресивно однесување кај некого, важно е да бидеме свесни и да се обидеме да разбереме дека под сите тие подмолни забелешки и акции, најчесто се крие длабока несреќа и тага.

Ова е форма на изразување незадоволство каде што поединците се воздржуваат од отворено изразување на гнев и наместо тоа прибегнуваат кон индиректно однесување кое има за цел да нанесе повреда, навреда или предизвикување збунетост кај личноста кон која е насочено однесувањето.

Како се гради пасивно-агресивното однесување како стил на однесување?

Постојат различни причини кои можат да доведат до појава на пасивна агресија:

  • Учење по модел (влијание во детството): Децата може да научат пасивна агресија од родителите/старателите кои манифестираат ваков начин на однесување и често ги потиснуваат нивните емоции. Неретко ова однесување може да стане одбранбен механизам кај детето за “безбедно” изразување на сопствените потребите.
  • Недостаток на свест и вештини: Некои поединци не поседуваат свесност за нивното пасивно-агресивно однесување. Овие индивидуи немаат развиено вештини за отворена комуникација и често се случува да се потпрат на тоа што веќе го знаат односно индиректни начини на изразување поради непријатност и страв од директен конфликт.
  • Ефективност на пасивната агресија: За луѓето кои се служат со пасивна агресија, таа е задоволувачка, бидејќи така наоѓаат начин да ги избегнат последиците и одговорноста за сопствените постапки. За нив често ова е полесно од директна конфронтација или едноставно немаат почит кон другите.

Како да препознаете дали некој е пасивно-агресивен?

Постои и пасивен стил/начин на однесување кој сам по себе не мора да носи/крие некоја агресија зад себе, Важно е да се препознае и да се направи разлика помеѓу едниот и другиот. Најчестите знаци на пасивно-агресивно однесување се: одбивање отворено и директно да се разговара за загриженоста и тоа што се случува, избегнување одговорност и намерна неефикасност.

Пасивно агресивната личност често ја остава работата недовршена или „речиси“ завршена. Пасивното агресивно однесување се јавува кога поединците намерно и насочено не го прават она што се очекува од нив за да ги манипулираат или казнат другите. Овие личности често доцнат и се мајстори во суптилно саботирање на другите кога тие не се согласуваат со нив. Овие поединци најчесто го кријат својот гнев наместо директно да го изразат. Пасивно-агресивното однесување може да биде во вербална форма (на пример: обвинување на други или давање изговори) или дејствувајќи невербално (на пример: давајќи му на некому “тивок третман”). Некои суптилни, но доста ефективни и подмолни видови на пасивна агресија се намален контакт со очите, постојано и намерно заборавање и игнорирање на таргет-личноста за време на групен разговор, генерализиран говор со цел да се избегне конфронтација и да се подели одговорноста итн.

Пример: Пасивно-агресивниот Петар

Даниел го замолил својот пријател Петар да го земе после работа и да го однесе на лекарски преглед. Тој бил малку скептичен дека Петар ќе му ја направи оваа услуга затоа што пред неколку месеци, Петар се согласил да му го позајми својот автомобил, а потоа во последен момент одбил да го стори тоа бидејќи му бил лут затоа што Даниел му го заборавил роденденот кој бил претходната недела.

Даниел: Петар, да сметам на тебе дека ќе ме земеш утре после работа?

Петар: Веќе ме праша.

Даниел: Знам, но не чувствувам како да добив потврда од тебе.

Петар: Реков дека ќе гледам да го направам тоа.

Даниел: Ако не се чуеме до утре наутро, ќе претпоставам дека нема да успееш.

Петар: А зошто не претпоставиш уште сега дека нема да можам и да си викнеш такси место да ме малтретираш?

По тој одговор, Даниел може да заклучи дека во иднина ќе биде полесно да се оди директно со такси и да не се мачи да го прашува Петар.

Алтернатива на пасивно-агресивно однесување

Широко е прифатено дека пасивната агресија не е здрав пристап за решавање конфликти. Таа негативно влијае врз нашата благосостојба, не е привлечна и ја труе атмосферата без разлика дали се случува на работа или дома. И покрај ваквото разбирање, многумина од нас прибегнуваат кон фрази како „Добро сум“ кога сме навистина лути или вознемирени или се откажуваме од ситуации кои очајно сакаме да ги промениме.

За да го надминеме пасивно-агресивното однесување како стил на функционирање, клучно е да станеме свесни како и што го предизвикува ова однесување. Иако пасивно-агресивното однесување всушност претставува “напредно” ниво на очигледното изразување на гнев, одразувајќи одредено ниво на зрелост, сепак, решението не е враќање на директна агресија, туку прифаќање на нашата ранливост.

Наместо да ги демонизираме нашите противници, потребно е да се фокусираме на тоа како нивните постапки ни влијаат на емотивно ниво. Со јасно изразување и артикулирање на нашите чувства и признавање дека сме повредени и ранливи, можеме да го решиме проблемот многу поефикасно отколку со задавање на контранапади. Ова е тешко е затоа што од нас бара да се соочиме со сопствената ранливост и да одиме против инстинктот да возвратиме на повредата која ја имаме почувствувано.

Но, оваа искреност кон самите себе е неопходна за вистинско разбирање и соочување со проблемот. Со признавањето дека сме повредени, ние се соочуваме со основната причина за нашиот гнев наместо да влегуваме во циклус на постојано чувство на болка и огорченост. На крајот на краиштата, искреноста и ранливоста се помоќни алатки за комуникација отколку бесот. Така, следниот пат кога ќе се почувствуваме рането или повредено, наместо да бидеме намќори и да негодуваме, потребно е храбро да кажеме и покажеме како се чувствуваме велејќи: „Се чувствувам толку повредено затоа што…

Како да се справите со пасивно-агресивни луѓе

Напоменавме дека пасивната агресија често произлегува од основниот гнев, тага, несреќа или несигурност, за кои личноста може или не мора да биде целосно свесна. Пасивно-агресивното однесување може да биде израз на тие емоции или обид да се стекне контрола врз ситуацијата.

Најдоброто нешто што можете да го направите кога се справувате со пасивната агресивност е да не дозволите да ви влезе под кожа. Секој пат кога некој користи пасивна агресија и се обидува да ве вознемири, потсетете се дека под нивниот гнев лежи длабока тага и незадоволство, можеби и несреќа. Пробајте да сочувствувате со нив. Знаејте ги своите граници, препознајте дека тоа се негови чувства не ваши. Работете на себе, колку сте посреќни и позадоволни од самите себе и својот живот, толку полесно ќе ви биде да ги видите и препознаете овие личности какви навистина се: тажни. Следниот пат кога вашиот соработник ќе даде некој лукав коментар за тоа што го носите, обидете се да ги разберете емоциите кои се кријат позади тој коментар и вашиот гнев ќе се претвори во чувство на сожалување со што полесно ќе ви биде да се издигнете се над сето тоа.

На крајот, можеби ќе се најдете во ситуација каде ќе треба директно да се соочите со пасивно-агресивната личност за нејзиното однесување.

Овој разговор ќе бара одреден степен на подготовка, смиреност и многу трпение. Наместо да почнете да ги обвинувате дека се пасивно-агресивни обидете се да ги поддржите да ги изразат своите емоции на јасен и концизен начин. Ставете им на знаење дека ги разбирате. Бидете конкретни за тоа што ве вознемирува, што и како велат или прават. Кажете им како се чувствувате и бидете јасни за последиците со кои можат да се соочат доколку не престанат со тоа однесување. Ако им кажете што ви пречи, а тие продолжуваат да го прават тоа со уште поинтензивно однесување, тогаш можеби, подобро решение е да го ограничите времето што го поминувате во нивно присуство или да прекинете секаков контакт доколку е возможно. Кога сте заедно, и чувствувате дека се активира лутина и кај вас, вдишете бавно и длабоко за да се смирите и обидете се да се отстраните од ситуацијата.

Побарај совет или насока од Катерина Крстевска Ристески

пасивно-агресивно однесување катерина крстевска ристески

Специјализирам да им помагам на клиентите да се справат со сложени емоционални прашања, вклучувајќи пасивна агресија и тешкотии во комуникацијата. Преку сочувствителен и не осудувачки пристап, заедно ќе ги истражиме основните причини за ова однесување и емоциите кои се јавуваат. Со создавање на безбедно и поддржувачко опкружување, ги подржувам клиентите да ги изразат своите чувства отворено и искрено, поттикнувајќи ја самосвеста и емоционалниот раст. Заедно, работиме на развивање ефективни комуникациски вештини и стратегии за конструктивно управување со конфликти. Ако имате прашања или ви е потребна насока, само пополнете го формуларот подолу. Јас сум тука да помогнам.