fbpx

Надминување на зависност: Семејството како клучен фактор во борбата

Зависност кај еден семеен член има значително влијание врз целото семејство. Тоа може да предизвика нарушување на меѓусебните односи, финансиски проблеми, да создадде емоционални турбуленции и да влијае на општата семејна динамика во семејството. Исто така, семејните членови често се соочуваат со стрес и грижи за зависникот, што може да го намали нивниот квалитет на живот. 

Како се дефинира зависност?

Пред да навлеземе во проблемите и справувањето со зависноста, важно е јасно да ja дефинираме.

Зависност е хронична болест која го “киднапира” системот за наградување на мозокот, што доведува до компулсивна потреба за одредени супстанции или однесувања, и покрај нивните штетни последици. Тука е вклучено употреба на алкохол, дрога или никотин, или однесувања: коцкање, гејминг, порнографија, компулсивно јадење или слични однесувања што предизвикуваат ослободување на допамин. 

Секој човек се стреми кон постигнување на задоволство и сигурност, и ќе се сврзе со нешто лошо ако не знае како да му биде добро на друг начин. Оттука сето она што создава задоволство може да доведе до зависност.

Зависноста често се карактеризира со неможност да се контролира однесувањето или употребата на супстанцата, желбата за истото и континуираната употреба и покрај негативните последици. Ова се случува затоа што секое компулсивно користење или однесување влијае на системот за наградување и мотивација во мозокот, што доведува до промени во самата хемиска структура и функција на мозокот. Ова е тоа што му отежнува на зависникот да престане да се вклучува во однесувањето кое предизвикува зависност дури и кога има желба да престане. Затоа, откако ќе се појави зависност, е речиси невозможно да се надмине без поддршка или третман. 

Справување со зависноста: Семејството како столб на поддршка

Она што ние го знаеме за зависностите, често е погрешно.

Зависноста е болест, а не морален пропуст. Ако еден семеен член злоупотребува алкохол или дрога, страдаат сите семејни членови. Родителите навечер чекаат надевајќи се дека нивното дете ќе се врати дома живо. Тие се чувствуваат беспомошно, во агонија на вина и молат за било каква помош. Брачните партнери се обидуваат да ги сокријат доказите за постоењето на проблем со алкохол од своето семејство, пријателите, соседите и работодавачите во борба да ги задржат своите илузии дека пиењето е само привремено.

Децата на зависници од алкохол имаат идеја дека тие се виновни за нешто – почнуваат да го чувствуваат товарот на одговорност како возрасни на многу рана возраст, додека ги молат своите родители да се вратат дома. Возрасните деца на алкохоличари може да откријат како ги прогонува нивното минато, очајувајќи во односите кои носат премногу болка. Јасно е дека зависноста влијае на сите семејни членови – со години и генерации.

Преземете одговорност

Зависноста е проблем на целото семејство, а не само на еден негов член. Широко е прифатено дека зависноста генерално се развива во семеен контекст, често ги покажува и рефлектира и другите семејни потешкотии и обично е одржувана и влошена од процесите на интеракции во семејството. Семејството не е единствен но секако е еден од најзначајните фактори во развивање на зависност. Иако генетските и другите биолошки компоненти се важни во етиологијата на многу зависници,, исто така и многу други фактори може да бидат критични (на пр.: средински, економски и културолошки). Борбата со зависности е тешка, но не и невозможна, затоа побарајте помош. Процесот на лекување на зависност може да биде макотрпен, затоа вашата поддршка и вклученост се од исклучително значење. 

Проширете го вашето знаење

Истражете повеќе за зависности. Покажете разбирање. Информирајте се за начините на кои може да се помогне на оној кој се соочува со зависност и каде сѐ може да се обратите за помош. 

Побарајте поддршка и водство – и за себеси

Препознајте ја сопствената потреба за поддршка. Размислете за советување со психолог/психотерапевт за да се движите низ промените предизвикани од зависноста во вашиот семеен систем. Ова ќе ви помогне околу тоа како да создадете средина за поддршка и да се идентификуваат потенцијалните предизвикувачи на рецидив.

Најважно од сѐ – пружете сочувство и поддршка. Бидете тука за нив

Често, советувани сме да се повлечеме и да дозволиме зависникот сам да се справи со својот проблем. Но,невозможно е еден член да се изолира од неговата целина-семејството. 

„Спротивно на зависноста не е трезноста. Спротивно на зависноста е поврзаноста со другите.”

Партнерите и семејствата се навистина потребни и клучни во процесот на закрепнување. 

Иако не можеме лесно да ја промениме зависноста кај нашиот близок, можеме да го промениме начинот на кој реагираме на тоа. Сочувството значи да се грижите за нив, а истовремено да поставите граници:

Потврда: Им даваме до знаење дека навистина го гледаме и го препознаваме нивното страдање. Една од најмоќните потреби на луѓето е да бидат видени и прифатени. Ова е особено точно за оние со проблем со злоупотреба на супстанции кои често биле жртви на занемарување и злоупотреба во детството и кои често се чувствувале невидливи во нивните семејства. 

Го потврдуваме нивното страдање и го признаваме нивното право да ги изразат своите емоции – без разлика дали тоа е болка, тага, страв или гнев – што произлегуваат од нивното страдање. Избегнуваме да ги негираме или минимизираме нивните искуства.

Слушање: Ги уверуваме дека ги слушаме. Да се ​​биде слушнат е основна човечка потреба која можеби останала незадоволена за оние со проблеми со зависност, оставајќи ги да се чувствуваат занемарено.

Грижа: Изразуваме грижа за нив како личност, препознавајќи ги нивните минати и сегашни страдања. Оваа почит и грижа  можеби недостигала порано, но сега сме тука.

Комфор: Обезбедуваме комфор и утеха, без разлика дали преку грижлив поглед, утешен допир, прегратка или нежни зборови. Дарот на утешување и смирување го стимулира системот за смирување/задоволство во телото и обезбедува чувство на сигурност. Ова помага да се намалат негативните емоции.

Верувајте во можноста за позитивен исход и останете цврсти во вашиот пристап. Вашите мисли, зборови, однесување, навики и вредности го обликуваат патувањето кон закрепнување и благосостојба.

Побарај совет или насока од Александра Милевска

зависност Александра Милевска

Овде сум да слушам без осудување, да ги разберам предизвиците со кои се соочувате и да дадам практични стратегии кои ќе ви помогнат да се ослободите од зависноста. Заедно, ќе ги истражиме основните проблеми кои придонесуваат за вашата зависност или зависноста кај ваш сакан. Ќе работиме на изнаоѓање поздрави начини за справување. Запомнете, вие не сте сами во ова. Ако имате какви било прашања или ви треба поддршка, не двоумете се да ме контактирате со пополнување на формуларот подолу.