fbpx

Како ги одбираме оние во кои се заљубуваме?

Како ги одбираме оние во кои се заљубуваме? Потребата за љубов се смета за една од најосновните човечки потреби. Љубовта е често она што нè води и ги исполнува нашите емоционални потреби, поддржувајќи нè низ животните предизвици. Според романтичното гледиште, само треба да им веруваме на нашите инстинкти и тие ќе не спроведат до нашите предодредени партнери. Нема потреба од претерано размислување или разгледување на површни фактори како статус, богатство или слични вредости… Според оваа перспектива, вистинската љубов е инстинктивно чувство кое природно гравитира кон оние кои што ќе ни донесат среќа.

Иако романтичниот поим за љубов звучи навистина убаво, потпирањето само на инстинкт често резултира со разочарување и несреќа. И покрај верувањето дека секој од нас има идеална сродна душа, реалноста е дека не е секогаш лесно да се дојде до неа. Романтизмот нè поттикнува да продолжиме да бараме, но во меѓувреме, не се справува со предизвиците со кои се соочуваме во љубовта.

Поинаква перспектива: Психоаналитички увиди

Психоанализата нуди малку поинаков поглед на љубовта, сугерирајќи дека нашите атракции се под влијание на подлабоки психолошки фактори. Наместо да бараме среќа, ние сме привлечени од познати обрасци на љубов кои наликуваат на нашите искуства од детството. Овие модели може да вклучуваат и позитивна и негативна динамика, обликувајќи ги нашите преференции и однесувања во односите.

Можеби веруваме дека ја бараме среќата во љубовта, но она што навистина го бараме е она што ни е познато. 

Бараме на еден начин или друг повторно да ги рекреаираме, во нашите односи со возрасните, чувствата што толку добро ги знаевме во детството – и кои ретко се ограничени на само нежност и грижа. Бидејќи и не постои идеално родителство, љубовта што повеќето од нас ја вкусиле рано, често е помешана со друга, подеструктивна динамика.

Психоанализата го нарекува процесот во кој ги идентификуваме нашите партнери „избор на предмет“ – и препорачува да се обидеме да ги разбереме факторите кои полусвесно управуваат со нашите преференции. Само тогаш ќе успееме да ги промениме нездравите обрасци што би можеле да бидат во игра. Нашите инстинкти – нашиот избор на привлечност или одбивност – произлегуваат од комплицираните искуства што ги имавме кога бевме премногу млади за да ги разбереме, а кои се задржуваат во нашите умови.

Психоанализата не сугерира дека сè околу нашата атракција кон другите е деструктивно. Можеби имаме сосема легитимни аспирации кон позитивни квалитети: интелигенција, шарм, великодушност… Но, истовремено, може да бидеме привлечени кон покомплицирани тенденции: некој што често е отсутен, се однесува кон нас нељубезно, или пак не е способен да управува со сопствените финансии..

Колку и да звучи парадоксално, без овие незгодни однесувања, можеби едноставно нема да можеме да се чувствуваме страсно или нежно со некого. Алтернативно, можеби сме биле толку истрауматизирани од родителска фигура, што не можеме да му пристапиме на ниту еден партнер кој споделува квалитети од каков било вид, дури и на оние кои имаат помалку негативни страни. Оттука, би можеле да бидеме строго нетолерантни кон секој кој е интелигентен, шармантен и заинтересиран за нас едноставно затоа што тоа се особини на некој што ни предизвикал големи тешкотии порано.

Дали одбираме романтични партнери слични на нашиот родител?

„Мојот сопруг е алкохоличар, исто како и татко ми“.

„Мајка ми беше силна и цврста жена, така што ме привлекуваат силни и тешки жени“.

„Моето момче го има шармот и креативноста на татко ми, но исто и неговата неодговорност“.

Дали некогаш сте забележале некој да излегува или да стапи во брак со партнер со карактеристики слични на таткото или мајката на таа личност (во добро и/или полошо)? Размислете, дали некогаш сте го имале ова искуство во вашите сопствени романтични врски?

Некои луѓе на крајот излегуваат или стапуваат во брак со некој што ги потсетува на еден од нивните родители. Ова се случува затоа што честопати го копираме стилот на приврзаност на нашите родители кога ќе пораснеме, што влијае на тоа кој нè привлекува. 

Истражување на нашите емоционални истории

Зошто некои луѓе ги привлекуваат партнери кои се авантуристички и неконзистентни, а не безбедни и сигурни во односите? Постојат неколку увиди од влијанието на нашите рани години што може да се земат во предвид:

Емоционална недостапност: Некои личности создаваат шаблони од своето минато со емоционално недостапни партнери, надевајќи се дека ќе го поправат минатото со освојување на некој кој не е целосно присутен. Ова може да ги зајакне чувствата на недостојност и верувањето дека љубовта мора да се заработи.

Барање безбедност во недостапност: Луѓето кои самите се емоционално недостапни може да бидат привлечени од партнери кои одржуваат дистанца. Ова е начин да се избегне заканата да бидат повредени и начин да се избегне соочување со сопствените стравови од интимност и ранливост.

Парадоксот на сигурноста: Додека луѓето природно посакуваат сигурност и стабилност во односите, откако ќе го постигнат тоа, може да се чувствуваат ограничени и да бараат бегство. Ова води кон постојано притискање и повлекување помеѓу стабилноста и авантурата.

Потрага по исполнување: Наместо да најдат исполнетост во самите себе, некои поединци бараат совршен партнер кој може да им обезбеди и авантура и безбедност. Сепак,  често може да се разочараат кога ќе сфатат дека користат други за да ги решат внатрешните конфликти. За да можеме да уживаме во нечие друштво, најпрво треба да знаеме да уживаме во своето.

Привлечност кон она што недостасува: Многумина од нас често се фиксираат на она што го немаат, верувајќи дека среќата лежи во добивањето на она што недостасува. Ова знае да не одвлекува од соочување со сопственото незадоволство со сегашноста.

За крај…

Со испитување на нашето минато и препознавање на овие обрасци, можеме да стекнеме увид во нашите “начини” на заљубување. Можеби само така ќе започнеме да правиме поинформирани избори.

Добар почеток би било да се запрашаме (можеби и да си запишуваме) какви луѓе навистина нè оддалечуваат. Одбивноста и одвратноста се корисни први водичи затоа што веројатно ќе препознаеме дека некои од особините што нè плашат не се објективно негативни. Можеме, на пример, да почувствуваме дека некој што прашува премногу за нас, или е многу нежен или фин, ќе ни изгледа крајно морничав и застрашувачки. И ние може подеднакво добро да препознаеме дека одреден степен на суровост или оддалеченост припаѓаат на чудна листа на нешта што се чини дека навистина ни требаат за да сакаме.

Друг начин да ги откриеме длабоко вкоренетите асоцијации во нашите умови е да ги комплетираме недовршените реченици што нè поттикнуваат да реагираме на различни сценарија. Оваа вежба ни помага да ги видиме нашите сопствени одговори појасно со допирање на нашите потсвесни мисли. На пример, можеме брзо да ги запишеме нашите непосредни реакции на изјави како што се:

  • Ако му кажам на партнерот колку ми треба, тој ќе…
  • Кога некој ќе ми каже дека навистина му требам, јас…
  • Ако мојот партнер зборува за нивниот поранешен партнер, јас…
  • Кога некој ќе побара мое мислење, јас…
  • Ако мојот партнер прави планови без да се консултира со мене, јас…
  • Кога некој ми се доверува за своите стравови, јас…
  • Кога некој ме обвинува неправедно, јас…
  • Ако мојот партнер го критикува мојот изглед, јас…

Со запишување на нашите првични мисли без претерано размислување, можеме да стекнеме површен увид во нашите несвесни верувања и преференции.

Побарај совет или насока од Нина Тасевска

Како ги одбираме оние во кои се заљубуваме нина тасевска

Заедно, можеме да ги истражиме вашите вредности, потреби и стил на приврзаност за да разбереме зошто можеби ве привлекуваат партнери кои не се толку соодветни. Тука сум да помогнам да ја изградите вашата самодоверба и да развиете здрави граници во врската. Со анализа на минатите искуства и сегашните желби, можеме да создадеме патоказ за наоѓање исполнета и трајна љубовна врска.

Ако сакате да навлезете подлабоко во оваа тема, само пополнете го формуларот подолу.