
Проблемите, недоразбирањата, конфликтите ги има кај сите луѓе и во сите животни периоди. Тие се составен и неизбежен дел од животот. Се случуваат во сите интеракции: родители-деца, вработени-вработени, вработени-надредени, меѓу брачните партнери, меѓу роднините, пријателите…
Зошто се случуваат конфликтите меѓу родителите и тинејџерите/адолесцентите?
Конфликтите и недоразбирањата меѓу родителите и нивниот тинејџер или адолесцент се случуваат токму затоа што Вашето дете веќе не е дете но, не е ниту возрасен и зрел човек. Пубертетот и адолесценцијата имаат развојни задачи кои со самото надминување повлекуваат промени кои можат да бидат “извор” на конфликти меѓу двете страни.
Кои се развојните задачи на пубертетот и адолесценцијата?
Многу е полесно кога родителите ќе ги знаат развојните задачи низ кои мора да помине нивното дете. Со тоа ќе го почувствува неговиот притисок, ќе влезе во неговите чевли и ќе осознае дека на сите страни им е тешко!
- Стекнување на физичка срелост
- Интелектуална компетентност
- Моралност
- Интегрирање на личниот идентитет
- Создавање на емоционална независност
- Интимни односи со двата полоа (љубов и другарства)
- Определување за идна професија
- Економска независност
- Подготовка за брак и свое семејство
Зошто родителите најчесто имаат проблем во комуникацијата со тинејџерот/адолесцентот?
Родители, не заборавајте дека во овој период, младиот човек е егоцентричен а, тоа значи дека е на мислење дека светот се врти околу неговите потреби кои МОРА да се задоволат. Немаат толеранција на фрустрација (вештина која се учи) за привремените и далечните случувања. Не правењето на разлика на она што е нивно мислење и доживување и она што е туѓо ги прави уште повеќе ранливи и дека се неразбрани. Токму затоа Ви бегаат од рацете и одат таму каде се разбрани а, тоа е кај истомислениците, врсниците.
Совет за родителите од психотерапевт
Како и во детсвтвото така и сега бидете мудри. Наоружајте се со дипломатија, тактичност, смиреност и активно слушајте. Намалете го зборувањето, особено истите муабети и фрази, бидејќи тие се веќе одамна апсолвирани. Секое идно повторување Ве бутка подалеку, отколку што Ве зближува. Бидете современ родител кој ги знае актуелните случувања вос ветот на младите и така пристапете. Слушајте со сите сетила што зборуваат или премолчуваат. Поставете се пријателски и демократски во советувањето. Војничкиот и контролирачкиот став има моментални лажни резултати но, на подолг времески рок може да го оддалечи младиот човек од Вас и кој знае што се може да се случи.
Бидете родител кој дава топлина, сигурност и заштита. Помогнете му да го најде своето место во општеството, преку споделување на ваши мисли, идеи, ставови,….дискусии и приказни. Поминувајте што повеќе време заедно. Имајте ритуал кој ќе биде само Ваш. Тоа уште повеќе ќе Ве зближи и ќе Ви овозможи услови за комуникација. Кога има бунт и протест, не додавајте бензин во огинот. Оставете го тинејџерот тоа да го проживее, да помине низ неговиот систем, па кога е смирен и кога може да прима, зборувајте. Зборувајте кратко, јасно, едноставно и не “бегајте” од темата.
Совет за тинејџерите и адолесцентите од психотерапевт
Другарите како и партнерот сега се многу важни. Да си прифатен во кругот на врсниците, значи слава и исполнување. Да си “црна овца” е болно чувство. Родителите Ве разбираат исто онолку колку што и Вие ги разбирате. Не сте само Вие нетрпеливи со свои приоритети и визии, истото се случува и кај родителите. Тешко е да ја разберете својата моментална позиција а камоли позицијата на родителите кои сега се сендвич генерација помеѓу Вас и своите родители. Што можете да направите? Олеснете им на родителите со тоа што ќе бидете искрени и отворени кон нив. Споделувајте, споделувајте и прашувајте.Не знаеме кој е во право се додека не се “отворат карите”.
Имајте на ум, дека не Ви е само Вам тешко. Ова е период на “бури и олуи”. Сите кои се во него имаат тежина!
Розалија Секуловска
За да се посоветувате подетално со Розалија, превземете ја нашата андроид мобилна апликација и закажете термин за советување!