fbpx

Зошто луѓето озборуваат?

Кажано низ психолошки термини, озборувањето е разонода која е многу честа појава. Луѓето секојдневно зборуваат на разни теми, па такаму некаде се вметнува и она што не би требало, муабетите за другите луѓе! Зошто некои луѓе имаат потреба да споделуваат недолични информации, па понекогаш и невистини? Зошто другата страна има потреба да ги прими, па дури понатаму да ги прошири истите? Интересен токсичен феномен. Се согласувате?

Што е озборувањето?

Озборувањето е процес на размена на информации, кои можат да бидат точни но и делумно точни или сосема неточни, измислени. Основната цел е да се наштети на другата личност без разлика дали е тоа свесно или несвесно. Од една страна наликуваат на ритуали, а од друга се нешто различно. За разлика од ритуалите кои се несвесни и механички, озборувањето е свесно и служи за многу нешта кои во глобала се несвесни, секундарни придобивки. Понекогаш е толку присутно, што станува црта на карактерот на една личност. Во секојдневниот живот имаме етикета за таквите луѓе.

Што е цел на озборувањето?

Една од целите на озборувањето е да се создаде структура на времето и затоа најчесто се случува на забави, при излегувањата со пријателите, службените паузи,.. “Жешката тема” која е предмет на разглобување, може да биде на различна. На пример, понекогаш може спонтано да се наметне некоја слободна тема, која може да премине и во конструктивна дискусија, што е поретко. За жал, озборувањата остануваат озборувања, без конструктивност само структурирање (губење на времето). Интересни теми се на пр. “Мојот неспособен маж”, “Сите мажи/жени се исти” (во негативна конотација), “Јас и моите таканаречени пријатели”, “Моето неспособно дете (или моето дете генијалец)” и кој знае уште колку креативни изуми…

Која е основната функција на озборувањето?

Основната функција (која е несвесна), на овој вид на разоноди или ритуали, е добивање на блискост. Ова е несвесен механизам кој се случува без свесно функционирање. Со други зборови, личноста има потреба да биде блиска, да споделува нешто со другиот, не знае како, освен преку озборување. Но, озборувањето дава само искривена слика за блискост или интимност. Најчесто може да има повеќе последици отколку придобивки. Особено најголемата последица е кога се игра на толку високо ниво и раскажувачот верува во лагите и има силна потреба другите да му поверуваат. Тогаш ситуацијата е мошне сериозна и станува збор за патологија.

Совет на психотерапевт:

Не влегувајте во светот на озборувањето. Постојат многу поубави и продуктивни начини да го организирате слободното време или да се доближите до некого. Правете го тоа од срце, а не со лажни, празни муабети. Потсетете се на играта “расипан телефон” која можеби сте ја играле во детството. Се почнува од еден збор или мисла. Но, кога таа ќе помине низ многу усти, станува сосема друга информација. Тоа е така бидејќи луѓето имаат потреба да ја скусуваат приказната, но и да вметнуваат дел од својата личност во неа!