fbpx

Проект: СРЕЌА

Помина една долга година исполнета со немир, неизвесност и страв за иднината. Деновиве си посакуваме здравје и среќа. Почетокот на Новата година е совршено време да се обидеме да пронајдеме задоволство и среќа во нашиот живот. Но, како? Зарем има некој таен рецепт? Каде да го најдеме? Колку и да изгледа тешко и невозможно, сепак има една стара мапа и патоказ.                                                

Инструкции  на позадината на мапата:

  • Следи ги своите потреби и желби!
  • Копај, истражувај!
  • Нурни длабоко во себе!
  • Види  ја јасно твојата цел!
  • Упати се кон целта!

До патоказот неколку табли со препораки за патот по кој ќе одиш.

Биди благодарен

Благодарноста е начин на размислување, со кој ја цениш сета добрина во твојот живот и ги признаваш сите мали задоволства. Заблагодари му на секој дел од твоето тело, секој од нив е овде за тебе. Заблагодари му на воздухот што го дишеш, на сонцето што свети, на природата, на луѓето околу тебе и на сè што прават тие за тебе.

Живеј го сегашниот момент

Кога правиш нешто, прави го тоа со најголемо уживање и посветеност. Прави го тоа на свој начин, употреби го својот труд и креирај го своето дело без да се оптоваруваш со мисли за тоа што ќе биде. Тоа што ќе биде, тоа што си направил, тоа што си добил ќе ти донесе ново искуство. Искуството ќе ти донесе нови инспирации, нови хоризонти и нов правец во животот.

Сакај

Сакај го своето тело. Сакај се онаков каков што си создаден. Сакај се себеси и сакај ги луѓето, природата, опкружувањето. Сакај го животот!

Оди си по својот пат и најди ја својата среќа!