fbpx

Дали постои ‘Ковид Депресија’? – Зорица Спасевска

Актуелната пандемија на коронавирус (Ковид-19) е нова невообичаена реалност која влијае не само физички, туку и психолошки на луѓето. Се повеќе луѓе се среќаваат со анксиозност, депресија или панични напади. Контекстот на строги мерки, карантин и изолација, може да има негативни ефекти врз менталното здравје. Всушност, ненадејното нарушување на секојдневните рутини и новата норма на социјално дистанцирање драстично го трансформира нашиот живот. Се соочуваме со еден вид на национална траума, без разлика дали станува збор за страв да не се зараземе самите или некој друг, еконономската и финансиската нестабилност или пак самата изолација.

Со се што се случува секојдневно многу луѓе може да се почуствуваат беспомошно или безнадежно и доживуваат реакции на стрес и анксиозност кои евентуално водат кон еден вид на депресија.

Што е тоа стрес?

Стресот е нормален физиолошки одговор на абнормална ситуација. Ова е составен дел од нашето постоење. Стресот му овозможува на нашето тело да се прилагоди на многуте позитивни и негативни настани низ кои поминуваме во текот на нашиот живот. Тој се појавува и исчезнува сам по себе, во зависност од тоа дали сме изложени на стресни фактори.     

Што е тоа анксиозност?

За разлика од стравот, кој е одговор на дефинитивна и многу реална опасност или закана, анксиозноста е одговор на нејасна или непозната закана. Анксиозноста се манифестира кога веруваме дека може да се случи опасен или несреќен настан и сме во негово исчекување. Секоја личност може да доживее анксиозност со различен интензитет, а најчесто се карактеризира со постојани чувства на голема вознемиреност, непријатност и напнатост.

(Ковид) Депресија?

Депресијата е состојба на емоционално нарушување, кое има три главни карактеристики: огромна тага, губење на енергија, волја и самодоверба, како и чуство на вина и претерано негативно и самокритичко размислување. Глобалната пандемија предизвикува посебна форма на депресија која се разликува од ‘класичната’ депресија. Станува збор за Ковид депресија кај која симптомите се  поинакви. Од една страна, не постои огромна тага, туку анксиозна депресивна состојба. Изворите на анксиозност се различни: страв да не бидете болни, да бидете заразени или да заразите некој близок, неизвесност за економската иднина, социјална изолација, итн. Од друга страна, оваа непредвидлива ситуација предизвикува голема фрустрација и иритабилност. Всушност, луѓето се постојано изложени на консекутивни oграничувања, неправди, вознемирувачки информации и лимитирани ресурси кои постепено стануваат неподносливи и предизвикуваат анксиозност. Колку повеќе анксиозноста се акумулира и зголемува, толку повеќе постои ризик да бидете обвземени од замор и обесхрабрување. Овој момент на преголема анксиозност може да доведе до депресија.

Неколку начини за подобрување на состојбата:

Сите овие манифестации на стрес, анксиозност и депресија се сосема нормални во контекст на пандемија. Повеќето луѓе имаат ресурси и вештини за да се справат со овој вид на ситуација. Затоа започнете со вашите вообичаените начини на справување со тешки ситуации или применете неколку други начини кои ќе ви помогнат.

Информирајте се! Недостаток на информации или контрадикторни и непотврдени информации може да ги зголеме реакциите на анксиозност. Затоа важно е соодветно да се информирате од сигурни извори. Исто така важно е да го лимитирате поминато време во потрага по информации бидејќи прекумерната експозиција може да придонесе до зголемување на негативните реакциите.

Чувајте се самите себе си!

  • Останете внимателни кон вашите чувства, емоции и реакции
  • Вежбајте физичка активност што ви овозможува да го евакуирате вашиот
  • стрес и напнатоста
  • Створете навики на здрав начин на живот
  • Ограничете ги факторите што ви предизвикуваат стрес
  • Останете во контакт со луѓе кои прават да се чувствувате добро
  • Поставете си своите граници
  • Научете да делегирате и прифаќате помош од други

Кога да побарате помош?

Доколку анксиозната депресивна состојба продолжува или се влошува, а вашите лични ресурси не ви дозволуваат да се справите со ова, тогаш би било корисно за вас да побарате помош од професионално лице.

Следниве знаци можат да бидат показател дека професионална помош е потребна:

  • Недостаток на енергија и изразен замор, исцрпеност
  • Значителни тешкотии во спиењето
  • Означено намалување на апетитот
  • Анксиозност и сеприсутни стравови
  • Чувство на паника кога ќе слушнете за вирусот
  • Негативни мисли
  • Губење на задоволство и незаинтересираност за разни активностите
  • Потешкотии при извршување на дневни задачи
  • Избегнување на други луѓе надвор од куќата поради страв од зараза
  • Постојано следење на симптомите поврзани со вирусот
  • Често плачење
  • Изразена иритабилност и конфликти со лицата околу вас