„За брзо ќе сфатат дека направија грешка што ме вработија“, “Не припаѓам овде“, „Не сум доволно паметен/на за да бидам овде“ – Колку често низ глава ви поминуваат мисли како овие? За некои луѓе ваквите мисли се појавуваат доста често. Кога ќе се појават, со себе носат бура од емоции. Овие мисли – дека сте недоволни, неинтелигентни, несофистицирани, груби или неинтересни, проследени со анксиозноста, несигурноста и стравот кој го предизвикуваат се дел од феноменот познат како синдром на измамник или Импостер синдром (Imposter syndrom).
Ваквите верувања често имаат корени во минатото и можат да ги спречат луѓето да уживаат во нивните успеси и да го живеат животот со својот полн потенцијал.
Што е импостер синдром или синдром на измамник?
Импостер синдром е состојба на вознемиреност, сомнеж во себе и неможност внатрешно да се доживее успехот и покрај големите постигнувања.
Иако вообичаено се споменува во врска со академски или професионален успех, синдромот на измамник може да се појави во речиси сите сегменти од животот: како на пример во родителство или комуникација.
Тоа не е клиничко нарушување кое може да се дијагностицира и не постои официјална дијагноза, но е збир на погрешни верувања кои се проценува дека влијаат на 82% од луѓето во одреден момент од нивниот живот и предизвикуваат ниска самодоверба. Доведува до емоционална вознемиреност, анксиозност, избегнување можности за раст и исцрпеност.
Еве неколку вообичаени знаци на импостер синдромот:
- Мислите дека вашите достигнувања се производ на чиста среќа, а не на вашите способности.
- Се сомневате во своите способности и се чувствувате неспособни за улогите што треба да ги преземете.
- Верувате дека секој може да го прави тоа што вие го правите.
- Мислите дека сте успеале само затоа што сте имале некаква помош.
- Ги минимизирате сопствените достигнувања
- Мислите дека луѓето ви даваат комплименти само за да бидат фини.
- Имате перфекционистички тенденции.
- Верувате дека неуспехот не е во ред или не е опција.
Генерално, ако често се чувствувате како да не знаете што правите и се плашите дека другите на крајот ќе го откријат тоа, најверојатно се соочувате со синдромот на измамник.
Причини за појава на синдромот на измамник
Овој синдром се појавува како последица на повеќе фактори, меѓу кои:
- Семејно опкружување: Во некои семејства, родителите или другите членови на семејството, ставаат преголем акцент на достигнувањата или пак се прекритички настроени.
Пример: Симона брза дома за да им каже на родителите дека добила 98 поени на тестот по математика за 8-мо одделение. Таа учела секоја вечер во текот на целата недела и е многу горда на себе. Родителите на Симона секогаш им се фалат на своите пријатели со нејзините достигнувања. Кога Симона возбудено им ја кажува на родителите добрата вест, тие велат: „Што се случи? Зошто не доби 100 поени?“ Вакви критики и прекумерен притисок создаваат перцепција на безвредност и неспособност кај младите.
- Социјален притисок: Во некои социјални кругови, одобрувањето и поддршката се експлицитно поврзани со постигнувањата.
Пример: Марко е талентиран виолинист. Тој е дел од едно тесно поврзано друштво кое му се восхитува и секогаш ги слави неговите достигнувања. Марко често е поканет да им се придружи на престижни настани. Но, доаѓа период кога Марко се соочува со креативна блокада, финансиски проблеми и други лични предизвици и неговата социјална околина почнува да се менува. Пријателите почнуваат да се дистанцираат од него, стануваат помалку заинтересирани за него и поретко го канат на музички собири. Марко сфаќа дека прифаќањето од неговиот социјален круг е условено од неговиот музички успех.
- Чувство на неприпаѓање: Секоја околност, дури и од минатото, што придонела личноста да се чувствува различно или исклучено од групата поради – јазик, етничка припадност, пол, социо-економски статус, религија или физички разлики – може да го поттикне синдромот на измамник.
- Перфекционизам: Нездравите форми на перфекционизам се поврзани со синдромот на измамник. Имањето неверојатно високи стандарди за себе и работењето напорно за да се постигне некој невозможен стандард ве прави поподложни на овој синдром.
- Споредување со другите : Честата споредба може да направи да се чувствате незадоволно или несоодветно ако не ги постигнувате истите достигнувања со иста брзина како другите.
Справување со импостер синдром
- Прифатете ги и споделете ги вашите чувства
- Научете да прифаќате комплименти
- Избегнувајте да се споредувате со други
- Поставувајте си реални цели
- Дефинирајте што значи успех за вас без да го вклучите одобрувањето и уважувањето од другите.
- Преиспитајте ја точноста на вашите мисли
Разговарајте со психолог
За успех не е потребно совршенство. Вистинското совршенство е практично невозможно, така да, не сте измамник ако не го постигнете.
Позитивниот самоговор и однос спрема себе, наместо осудување и сомнеж може да ви помогне да одржите реална перспектива и да ве мотивира да растете како личност. Доколку долго време се борите со чувството на несоодветност, психологот или психотерапевтот може да ви помогне да го надминете ова чувство, да се справите со депресивното расположение и анксиозноста кои можат да бидат предизвикани од импостер синдромот и да ве поттикне да ги преиспитате несаканите верувања.
Побарај дополнителен совет или насока од Верица Бакулеска

Лиценциран психолог
Јас сум тука да дадам насоки и поддршка за оние кои се борат со предизвиците на синдромот на измамник.
На нашите сесии, ќе се обидеме да ги разгледаме вашите обрасци на размислување и однесување и ќе ги добиете потребните алатки за да направите позитивни промени во вашиот живот.
Синдромот на измамник е вообичаена борба и неопходно е да се запамети дека не сте сами на ова патување. Мојата цел е да создадам безбеден и неосудувачки простор за целосно да ги истражите вашите чувства и искуства.
Ако имате какви било прашања, не двоумете се да ме контактирате. Пополнете го формулатор подолу за да добиете соодветна насока.