fbpx

Третман на панични напади со помош на когнитивно-бихејвиорална терапија

Панични напади, особено во време на пандемија, се една од најчестите причини за барање помош од психолог. Срцебиење, чувство на гушење, вртоглавици, страв се чести симптоми со кои лицата се соочуваат. Непријатноста на овие телесни симптоми се најчесто првата мотивација коja ги охрабрува да побараат помош. Иако навидум телесните симптоми се оние кои го прават најголемиот проблем и не спречуваат во секојдневното функционирање, сепак третманот на паничнитe напади оди подлабоко во проблематиката, опфаќајки ги мислите, емоциите и однесувањето кое го одржува “магичниот круг” на паничните напади.  

Како да се справиме со паничните напади?

Најчеста препорака за справување со панични напади се разните модалитети на психотерапија. Исто така, кај дел од клиентите, со проценка од психијатар се препишува медикаментозна терапија.  Емпириските истражувања велат дека когнитивно-бихејвиоралната терапија е една од најефикасните алатки за редуцирање на паничните напади. Оваа терапија работи на реконструкција на негативните мисли кои ги одржуваат паничните напади. Дополнително, когнитивно-бихејвиоралната терапија се фокусира и на однесувањата кои ги правиме за да се справиме со паничните напади. Со релаксациони техники се работи и на справување со телесните симптоми кои се јавуваат за време на нападот.

Ќе се онесвестам, ќе полудам, ќе изгубам контрола? Возможно или не?

Најчесто она што не прави анксиозни за одредена работа, не е самата ситуација, туку мислите  кои ги имаме за неа. Во паничните напади често се јавуваат катастрофирачки мисли и скокање во негативен заклучок како мисловни дисторзии. Мисли како “ќе полудам, ќе изгубам контрола, ќе се онесвестам” се чести и мошне важен дел од терапијата е детектирање на овие мисли, градење свесност за нив и нивно реконструирање и заменување со алтернативни, пореалистични мисли.

“Можеби ќе ми се сврти, но ќе се смирaм со техника на дишење и ќе бидам океј” звучи подобро нели? Преку разни техники како дневник за мисли и техники за конфронтирање на негативните мисли терапевтот и клиентот тимски бараат докази за или против овие застрашувачки претпоставки и полека ги намалуваат.

Се справив денес, а што ако се случи пак утре?

Она што е специфично кај паничното растројство е исчекувањето на наредниот паничен напад и хендикепот кој оваа мисла го носи. Избегнување на собири, пазарење во маркет, возење… со страв дека епизодата ќе се случи таму и нема да има кој да Ви помогне е често замислено сценарио и тоа дефинитивно влијае на секојдневното функционирање. Она што е особено важно кај паничните напади е, не само справување со моменталните телесни сензации туку и целиот круг на навики за спречување на идниот напад.

Преку постепено изложување на застрашувачките ситуации се работи и на однесувањато и навиките кои не му се потребни на клиентот и најчесто се одбегнувачки. Кај паничните напади е често и таканареченото “безбедносно однесување” каде што клиентот мора да земе некој предмет или на пример шише вода/чоколатце за да излезе од домот. Иако навидум ова ја намалува анксиозноста, всушност на долга стаза само прави условување и ја зголемува шансата за паничен напад. 

Борбата со своето тело

Кога имаме паничен напад всушност е активиран симпатетичкиот нервен систем чија функција е природна одбрана на телото од закани која не мобилизира и активира за да се справиме со опасноста. Разликата е тоа што при паничните напади всушност немаме вистинска закана.

Доколку страдате од панични напади сигурно сте се нашле во ситуација каде што удобното седење на каучот во дневната соба одеднаш се претвора во илузија на срцев удар или некоја друга застрашувачка ситуација. Тоа е всушност активацијата на flight/fight одговор кој секој од нас го има. Со помош на техники за дишење и мајндфулнес учиме како да се справиме со телесните симптоми. Исто така, преку тоа собираме и докази дека паничниот напад е всушност минлив и безопасен.

Излез од навиките на “магичниот повторувачки круг”

Паничните напади може да бидат навистина предизвикувачки процес. Затоа најчесто и клиентот може да има голем бенефит од психолошка поддршка при справување со нив. Без разлика дали се работи за когнитивно-бихејвиоралната терапија или некој од другите тераписки модалитети, Ве охрабрувам – побарајте помош. Секој од нас поминувал низ кризни периоди и барем накратко го вкусил горчливиот вкус на анксиозноста. Постои излез од магичниот круг и начин да се препуштите на спонтаноста, a првиот чекор е храброста. Побарајте помош, тука сме за вас!