fbpx

Што се паничните напади?

Паничните напади се повторени напади на интензивен страв, кои се појавуваат ненадејно, без очигледна причина или се поврзани со некоја специфична ситуација.

Паничниот напад, покрај стравот со висок интензитет, вклучува изобилство на телесни симптоми, кои претставуваат нормална реакција на организмот во состојба на голема возбуда. Тука спаѓа широк спектар на симптоми, од кои најчести се: вртоглавица, зашеметеност, потење, срцебиење, прескокнување, болка во градите, отежнато дишење, зголемен крвен притисок, треперење на рацете и нозете, немир и болка во стомакот.

Сите споменати симптоми внесуваат загриженост кај личноста која го доживува нападот. Лицето смета дека му се случува нешто многу опасно и дека е во состојба на непосредна опасност по неговиот живот. Овие личности често се јавуваат во службите за брза помош, сомневајќи се дека станува збор за срцев удар, крварење во мозокот или дека ќе изгубат разум. Самиот напад најчесто трае неколку минути, поретко еден час или повеќе, а помеѓу нападите лицето чувствува поголем или помал страв очекувајќи го неговото повторување.

Сите кои доживеале паничен напад велат дека симпомите се со исклучително голем интензитет, пропратени со страв од смрт, страв дека нешто лошо ќе ни се случи, страв од излегување надвор, страв од гужва и луѓе, потреба од постојано присуство на личност на која и веруваме.

Што предизвикува паничен напад?

Причините за паничните напади не се во потполност разјаснети, иако постојат голем број теории. Психолошките теории зборуваат за застрашувачки мисли или сензации поврзани со разделби, доживеана траума, безизлезност од ситуација или ситуации, разни погрешни уверувања, односно ирационални мисли итн.

Како посебни предиспозиции кон развој на паничен страв, можеме да издвоиме:

  • Постоење на анксиозност во карактерот која се манифестира во детството како склоност кон срамежливост
  • Ладни и влажни дланки
  • Страв од болест
  • Постојана потреба од поддршка
  • Преосетливост кон мислењето на другите
  • Постојана страв да не се направи некоја грешка
  • Неспособност да се прифати одговорноста
  • Преголема совесност и превисоки очекувања од самиот себе

Фактори кои дополнително можат да ја зголемат веројатноста од појава на напад се: хроничен или акутен стрес (доживеан поради некој важен, но неочекуван животен настан), болест на блиска личност, трауматично искуство и семејна историја на панични напади.

Генерално, може да се каже дека паничните стравови не се сериозна болест во однос на прогнозата. Како и да е, субјективно е тешко да се поднесуваат и во голема мера го намалуваат квалитетот на животот.

Сепак, најважно е да запомните дека ова не е состојба без крај и безизлезна ситуација! Обидете се да побарате помош од психотерапевт за побрзо да ја надминете ваквата моментална состојба. Психотерапевтот ќе ви помогне да ги елиминирате уверувањата кои доведуваат до појава и одржување на нападите на паника. Ќе ви укаже како да научите правилно да ги толкувате соматските симптоми, како да ја процените својата способност и да ја надминете вознемиреноста и да не ја преценувате опасноста од следниот напад.

Обидете се и сами да си помогнете!  
  • Дишете длабоко, бидејќи длабокото дишење може да ги намали симптомите на паника за време на нападот.
  • Измијте се со ладна вода. Ова ќе му упати порака на вашето тело да забави;
  • Реалност која треба да ја знаете е дека сте исплашени, но не сте во реална опасност, Константно потсетувајте се дека е тоа моментална состојба и потполно безопасна работа;
  • Почнете да применувате едноставни техники за дишење. Пожелно е да ги применувате кога сте смирени.
  • Паничните напади често создаваат чувство на умор, но реалната слика е вознемиреност. Почнете да ја трошите енергијата на физички активности (пешачење, трчање, вежбање)
  • Повторувајте некое мото кое ве мотивира и свесно алудирајте дека: „Ова ќе помине, а јас ќе бидам посилен“!
  • Обидете се да се вратите сега и тука. Замислете боја или некој облик по ваш избор и барајте ги во просторијата. Мислите насочете ги кон целта, кон бојата или обликот. Или бројте наназад од 100 до 1;
  • Вклучете го телевизорот или компјутерот и пушете некое смешно видео, смејте се гласно;
  • Запишете ги дневните активности па обидете се да сфатите што е конкретно тригер факторот за да ви се јави нападот

За крај, имајте на ум дека колку и да личи и звучи страшно соочувањето со паниката, состојбата не трае вечно.

Кога ќе ја надминете ваквата состојба, верувајте, ќе бидете личност која горделиво ќе оди по патеката наречена живот, со уште едно искуство и стекнато знаење.

Запомнете, не сте сами!